crkva.prazna.jpg


Ѓакон Андреј Кураев


Христијанството, по сè изгледа, е единствениот светоглед кој е убеден во неизбежноста на својот сопствен историски пораз. Една од најмрачните есхатологии е промовирана од христијанството; тоа предупредува дека на крајот од краиштата, на силите на злото ќе им биде дозволено да војуваат против светиите и да ги победат (Откровение 13:7). Евангелието ветува дека вратата на адот нема да може да ì се спротистави на Црквата, дека Црквата е непобедива. Но, „непобедива“ не значи автоматски и „победоносна“.


Перспективата на светската историја не е светско-историскиот триумф на Евангелието, туку светското владеење на антихристот.
Да, треба да се води разговор за тоа за што денес најмалку се зборува во „христијанското општество“ и во „христијанската култура“ – за последните  нешта. За крајот на светот. За антихристот.


Темата за антихристот во демократските списанија се смета за непристојна. Дури и оние публицисти коишто себеси се нарекуваат христијани, сметаат дека е неприлично да се зборува за последната книга од Библијата – за „Апокалипсата“. Јас веќе нема што да изгубам. По излегувањето на мојата брошура за потребата од возобнувањето на Храмот на Христос Спасителот, од страна на некои луѓе на „антисистемот“, беше поставена следната дијагноза за мене: „Кај Кураев доминира црносатански национализам и банален големодржавен шовинизам. Кај него веќе исчезнува проповедничкиот дар... Тој сега ги заплашува читателите со „создавањето на новиот светски поредок“ – омилена тема на борците против јудеомасонството. Тој веќе не се воздржува да зборува гласно за својата љубов спрема Русија... Брзината на неговиот пад е поголема од брзината на неговото подигање... Дното си е дно, и паѓањето може да трае произволно долго. Но, не може да мине без казна“.  


Но, „создавањето на новиот светски поредок“ не е само „омилена тема на борците против јудеомасонството“. Како прво, „новиот светски поредок“ е општество претскажано во Писмото, општество во кое ќе биде невозможно да се биде христијанин. Како второ, тоа, реално, е нескриена цел на сите масонски движења. И, на крајот, тоа е историософски термин кој традиционално религиозните општества ги разликува од оној поредок којшто почнал да се создава при крајот на XX век. 


Бидејќи не сум политиколог, туку христијански публицист, не пишувам на оваа тема затоа што тој „нов свет“ ќе дојде, ниту заради футуролошки хазард. Просто сметам дека на Светото Писмо не му е потребна цензура – ниту окултна, ниту „христијанско-демократска“. Во Светото Писмо темата за „новиот светски поредок“ е – богословска тема.


„Пред нас е – Апокалипсата ... Таинствена книга, од која се добиваат изгореници на јазикот, кога ја читаш, а срцето престанува да дише... Веќе во првите редови Откровението започнува со судот над црквите Христови... Тоа е книга којашто рика и стенка...“ Тоа е она што треба прво да се каже. Апокалипсата говори и за избавувањето на христијаните од „овој свет“, кој станал неподнослив, и за тоа дека основната вина за триумфот на антихристот не е во масоните, туку во христијаните. Христијаните престанале да бидат христијани – ете зошто ослабнува светлината. Христијаните посакуваат да бидат уште нешто, посакуваат да пробаат од подзаборавената паганска духовна „егзотика“ – ете зошто темнината повторно ќе се рашири на целата земја – „од шестиот до деветиот час“. Ќе дојде време кога луѓето „нема да го слушаат здравото учење, но водени по своите похоти, ќе си изберат учител да си го залажат слухот; тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се обрнат кон бајки“ (2 Тимотеј 4:3-4).
Тоа е главната вест на христијанската апокалиптика: луѓето самите ќе си изберат нова вера и нови владици, самите ќе го отворат светот за „кнезот на темнината“.


Што го прави неизбежен таквиот последен избор?
Една од причините  за сето тоа е – своевидната „асиметрија на вооружувањето“ на доброто и на злото. Доброто не може да избере некои од средствата на земната политика, а притоа да остане добро. Напротив, за злото нема ограничување. Тоа може да спроведува дури и добротворни акции, не менувајќи ја својата сопствена природа. Доброто не може насилно да навлезе во сознанието на луѓето. Кај злото нема ограничувања на хипнократија. Христијаните не си поставуваат задача да создадат нова раса луѓе со помош на генетски инженеринг. Наспроти тоа, неопаганството е целосно подготвено да спроведе генетска селекција за наведената цел.


Освен тоа, очигледно е дека во човекот премногу длабоко е вкоренето „бегањето од крстот“, желбата да се живее без напор и труд, во таа смисла и без напор кој произлегува од исполнувањето заповеди. Настојчиво и гласно, Му ги плеснуваме в лице на Христос оние зборови коишто Му ги кажал големиот инквизитор на Достоевски: „Оди си, само ни пречиш!“ И кога и да е, тоа упорно приговарање ќе биде овенчано со успех. Поради секојдневните животни желби на нашето срце, се остава нашиот дом пуст.  


Луѓето ќе организираат таков начин на живеење, такво општество, во кое човек нема да може да го најде Христос. И тоа ќе биде крајот на историјата. 


Времињата и роковите не ги знаеме. Сосема е можно денешниот неопагански бум да згасне како што згаснале и древните гностици и аријани, богомили и хлисти... сосема е можно дека пророците на „ерата на Водолија“ ќе се покажат како лажни пророци. Но, работата не е во тоа, туку во следново: колку времето повеќе изминува, толку повеќе „очекувањата на прогресивното човештво“ се свртуваат кон она, против што грми Апокалипсата. 


Јас не градам политичка прогноза. Едноставно, така вели Библијата. И така вели Гете: „Предвидувам дека ќе дојде време кога луѓето нема да му се радуваат на Бога“, и тогаш ќе настапи крајот.


Една од основните интуиции на Библијата е – восприемањето на историјата како свештен простор, во кој се среќаваат и во кој водат дијалог Бог и човекот. Ако историјата не може да ја исполни таа своја предназначеност – таа завршува. „Така, времето ита, повлекувајќи ги сите со себе, кон последниот ден во кој ќе се јави Господ наш Исус Христос...“ (преп. Теодор Студит).


Порано прашањето: зошто историјата мора да заврши? предизвикуваше неспокој во мене. Зошто Творецот, без оглед на сите наши гревови, не им даде шанса макар на уште едно поколение? Подоцна ми стана јасно: историјата е потребна се дотогаш, додека човекот располага со слобода. Кога слободата за последниот избор ќе му биде одземена – вратата на историјата ќе се затвори. Движењето понатаму веќе нема да биде можно.  
До извесна мера би било утешно да се смета дека антихристот со некоја несовладлива сила насилно им се наметнува на луѓето, Но, особеноста на последната историска трагедија е во тоа што „народот со сета своја волја ќе го направи (антихристот) свој сојузник“ (преп. Ефрем Сирин). А за да човештвотот само го направи таквиот избор – во неговиот секојдневен живот мора да постои нешто што ќе го поттурнува кон него. Антихристот може да биде избран и признаен само во тој случај, ако неговиот систем на вредности уште пред неговото појавување стане доминантен. Како замена за Евангелието, коешто официјално сè уште се почитува, настапува друг идеал – и заедно со него, наместо човек, на сцената настапува Толпа, умртвена со својот идеал. „Така, на сето задоволство на нашето современо издаваштво, завршува последната фаза на христијанството и завршува судбината на светската историја. Ќе настапи „хилијазам“, „1000 години“ блаженство, кога ќе се пишуваат само либерални статии, ќе се изговараат само либерални зборови, а хидрата на „национализмот“ ќе биде згмечена... Досадно, Ах, насекаде е очајно досадно...“ (В.В. Розанов) 


Во Царството на антихристот, коешто се опишува во Апокалипсата, човекот ќе има слобода да избира еден или друг кандидат, да купува една или друга марка фрижидер. Но идното општество нема да може да одговори на прашањето: што значи да се биде христијанин?


Веќе сега одговорот речиси и не се слуша. На Запад, „да бидеш христијанин“ значи „да бидеш лојален граѓанин, да ги плаќаш даноците и во одредена мера да се занимаваш со филантропија“. Еден од најголемите протестантски теолози  на XX век, Паул Тилих, одговарајќи на прашањето дали се моли, рекол: „Не, но затоа медитирам“.


(Преводот на статијата го посветувам на актуелните збиднувања во блиското – просторно и временско – опкружување)

Д-р Драган Михајловиќ

 

Посети:{moshits}