ЕВТАНАЗИЈАТА И БИОЕТИЧКИТЕ ПРОБЛЕМИ ШТО СЕ ПОВРЗАНИ СО ИСТАТА

Митрополит Навпактски Јеротеј Влахос

Во нашиве денови живееме една нова реалност, нешто невозможно за други епохи. Мислам на поврзувањето помеѓу технологијата и медицината, што решава многу проблеми, но и создава проблеми. Тоа рано го сфати медицинската заедница, но и други луѓе, па затоа во 60 - те години на минатиот век се разви науката Биоетика за да се соочи со проблемите што произлегуваат во медицинското истражување со употребата на технологијата. Науката на Биоетиката ги испитува границите и рамките на истражувањето за да може да биде полезно за човекот, а не да го уништи. Науката на Биоетиката се занимава со три фази од животот на човекот: со почетокот, со продолжувањето и со крајот на биолошкиот живот. Значи, проблемот на евтаназијата припаѓа во биоетичките проблеми кои се поврзани со крајот на биолошкиот живот на човекот. Разни научници и други фактори, помеѓу кои и Црквата, се занимаваат со деонтолошките правила кои се поврзани со овој проблем, затоа што ги интересира човекот. Да видиме неколку моменти од оваа интересна тема.

1. Прашања за тоа што е живот и смрт

Прашањето за животот и за смртта отсекогаш го интересирало и окупирало човекот. Со ова прашање се занимавале философите, како од класичниот период така и од други епохи. Познатиот философ Хајденгер во неговата книга Вовед во метафизиката, занимавајќи се со метафизиката на древните философи, пишува дека основното прашање на целата метафизика е зошто постојат битијата, а не ништото. Исто така, философите го проучувале проблемот на смртта. Но и во поновите времиња, особено философите егзистенцијалисти се занимавале се проблемот на животот и на смртта. Навистина е тешко да се одговори на ова прашање задоволително кога се потпираме врз човечката минлива мисла.

Богооткриената Теологија на Православната Црква има дадено јасни одговори, односно дека животот е Божји дар на човекот, дека е резултат на Божјата животворна енергија, а смртта е паразит, односно неприродна состојба која е последица на падот на Адам и на Ева. Бог не го создаде човекот за да умре, туку смртта навлезе во човекот и во целото создание поради гревот на првосоздадените. Христос со Своето вочовечување го прими тварното, смртното и трулежното на човечката природа и ја победи смртта во Своето тело. Така со силата на Воскреснатиот Христос човекот може да го доживее надминувањето на смртта, уште при процесот на природната смрт. Покрај тоа, обидувајќи се човек да одговори на прашањето за животот и за смртта, односно како почнува животот и како завршува, се наоѓа во тешкотија. Еден одговор може да биде дека животот се докажува со тоа дека се поврзува со две значајни страни, односно дека еден жив организам дејствува и има однос. Тоа што има живот има дејство и, секако, создава однос. Напротив, смртта нема дејство ниту има однос. Кога во еден болен човек не чука срцето, нема притисок, не функционираат сите органи на неговото тело и како последица на тоа нема однос, тогаш велиме дека нема живот, односно дека е мртов. Прашањата за животот и за смртта нераскинливо се поврзани со егзистенцијалните проблеми на човекот.

Човекот, од тогаш кога стекнува свест за себеси, ги поставува пред себе прашањата: што е животот, што е смртта, која е смислата на животот и на смртта, зошто да умира човекот, што има пред животот, што има по смртта. Ако, пак, се сетиме дека стравот од смртта ги развива себељубието и себичноста и ги негува страстите на среброљубието, на славољубието и на сластољубието, тогаш може да сфатиме дека смртта, која ја имаме во нас од часот на нашето зачнување до крајот на нашиот биолошки живот, создава премногу проблеми во сите возрасти, односно во детската возраст, во младинската, кај средовечните и кај старите. Според тоа, со проблемот на евтаназијата не треба да се соочува само во надворешната страна, површински, туку треба да се навлегува и во длабочината. Значи, не треба да се зборува за начинот на смртта, туку за начинот на животот, бидејќи живот што нема смисла завршува во смрт без смисла.

2. Што е евтаназијата

Човекот, иако не може да го реши проблемот на животот и на смртта, сепак се обидува да навлезе и да создаде проблеми како во животот така и во смртта. Треба да ги видиме интервенциите што ги прави на крајот од биолошкиот живот. Во последно време многу се зборува за евтаназијата. Секако, терминот произлегува од два збора: од  (добро) и од  (смрт), што буквално значи добра смрт. Офој факт покажува дека зборот евтаназија се толкува поинаку од страна на современата наука, а поинаку од страна на Теологијата. Современата наука со овој термин сака да ја окарактеризира безболната смрт, а Теологијата со зборот евтаназија укажува на добрата смрт, која доаѓа после покајание, молитва. Значи, укажува на надминувањето на смртта. Во првиот случај човекот го сфаќа животот како поистоветен со биолошкиот живот, при што заедно со смртта смета дека доаѓа и крајот на животот, а во вториот случај (Теологијата) смртта е усовршување на животот, а не негов крај, бидејќи му се дава можност на човекот да премине во еден друг начин на постоење. Секако, терминот евтаназија може да се протолкува на различни начини. Бидејќи како можеме да ја сфатиме смртта? Секој аналогно со сопствената идеологија му дава друго значење на проблемот на начинот на смртта. Многу успешно е забележано следново: Сите ние сме толку различни во смртта колку што сме различни и во нашиот живот. Едни би претпочитале побрза смрт, а други побавна. Некои претпочитаат да умрат тивко, со најмала медицинска интервенција. Други би сакале да се изборат до крајот за да ја исшмукаат и последната капка живот1. Исто така , некои посакуваат да избегаат од животот, затоа што ја имаат доживеано неговата полнота или сакаат да стекнат полнота на живот, а други сакаат да останат во животот за да се покајат и да се усовршат духовно и, подготвени, да Го сретнат Христа. Во продолжение ќе ја протолкуваме евтаназијата низ современата медицинска страна. Пасивна евтаназија е кога лекарите и болничкиот персонал го напуштаат терапевтскиот третман на болниот, а исто така го напуштаат и процесот на будење. Значи, иако би можеле да го одржат човекот уште малку време кога има веројатност и да се разбуди дури и со Божја чудотворна интервенција, сепак тоа не го прават. Активна евтаназија е кога интервенираат и со разни хемиски средства, кои ги ставаат во организмот на човекот, доаѓа труењето и смртта, наводно од милост заради страшните болки на болниот, или поради тоа што се изморил во животот. До скоро беше забранета активната евтаназија во целиот свет, а пасивната евтаназија се врши ограничено. На 28. Ноември 2000г. со одлука на Холандскиот Парламент беше дозволена активната евтаназија во Холандија. Тоа е прва земја во која се примени оваа мерка, со 140 гласа за и 40 против. Секако, законот ја предвидува евтаназијата со три претпоставки: а) кога болниот се соочува со неподнослива болка и кога страда голем временски период; б) кога тоа го бара самиот пациент и е побарано второ медицинско мислење и в) кога се врши на медицински соодветен начин. На 16. Мај 2002г. евтаназијата е дозволена и во Белгија. Овие две земји ги следи Австралија и некои Држави од САД. Во Швајцарија се прави разлика помеѓу евтаназија која е забранета и потпомогнато самоубиство кое е дозволено. Во Германија лекарите им пружаат на пациентите при крајот на животот помошни услуги. Во Англија пасивната и активната евтаназија спаѓаат во кривичното дело на човекоубиство.

3. Биоетичкиот проблем на евтаназијата

Со биоетичкото соочување со евтаназијата се занимаваат многу фактори, кои се обидуваат да ги видат проблемите што ги создава евтаназијата. Во продолжение ќе наведам неколку интересни одлуки. Најпрво треба да потсетам на Ипократовата заклетва која е етичко обврзување на секој лекар. Во еден дел пишува: Ќе го следам системот или методот, кои, согласно со мојата способност и проценка, ќе ги сметам полезни за моите пациенти, и ќе се воздржувам од сé што е штетно. И продолжува: Нема да му дадам смртоносен лек на никој што тоа го бара, ниту некому ќе му дадам таков совет. Потоа, ќе треба да наведам дека согласно со неодамнешна одлука на Судот за Човекови Права не е дозволено откажување од правото на живот. Во одлуката, по една конкретна апелација, пишува: Индивидуата ја нема власта да ја избере смртта наместо животот, било преку трето лице било со помош на некое јавно начелство. Во оваа одлука со јасност и потполност се изразува одбивањето на судот во врска со постоењето на било која обврска од страна на државите која би се однесувала на помошта за самоубиство. Постои и една одлука на Биоетичката Комисија на Интерпарламентарното Собрание на Православието. Се работи за политичка, нерелигиозна Организација, која се состои од партиите на Парламентите на Православните држави. Во Интерпарламентарното Собрание на Православието учествуваат пратеници од околу 20 земји. Минатата година бев поканет на Собранието кое се одржа во Вилнус во Литванија за да зборувам на тема Војна и сиромаштија, православниот став. Помеѓу темите на Собранието беше и евтаназијата. Беше прочитан и одобрен од сите пратеници текстот што го состави Комисијата за Биоетика на Интерпарламентарното Собрание на Православието, а претседател на Комисијата е Професорката на Пантискиот Универзитет г. Измина Криари. Не е можно да се запише целиот тој интересен текст, но само ќе се обидам со едно мало резиме да ги прикажам неговите централни точки. На почетокот го толкува терминот евтаназија и причините што можат да го доведат еден човек до тој начин на излегување од овој живот, како што се силните болки, чувството на психолошка напуштеност, депресијата, стравот, немирот, природната слабост, или посредниот притисок итн. Потоа, се прикажуваат опасностите кои демнеат при прифаќањето на евтаназијата.

А тоа се:

а) Негувањето на идејата дека животот вреди да се одржува само во контекст на здравјето и на виталноста. Тоа го отвара патот за едно општество кое се темели на евгонистички идеи2.

б) Веројатноста за претварање на индивидуата во економска величина, чиј што живот треба да се скрати, затоа што неговото одржување повлекува големо економско оптоварување.

в) Евентуалното уредување на семејните економски проблеми преку олеснувањето на смртта на еден негов член.

г) Искушението за озаконување на евтаназијата, што може да ги доведе некои лекари во предвремено прекинување на обидите за одржување на животот.

д) Забрзувањето на процесот на смртта, дури и поради сочувство, го повредува односот на доверба помеѓу лекарот и пациентот и предизвикува огромни последици не само во тие случаи, туку и во целото општество.

Во продолжение пишува дека човечкиот живот е Божји дар и неговиот почеток и крај целосно зависат од Него. Исто така, зборува и за мисијата на медицината, за продолжувањето на животот, за Ипократовата заклетва која треба лекарите да ја исполнуваат, за правото на животот кое го заштитуваат сите Устави, за можноста на блиските на пациентите да бидат присутни во последните часови од нивниот живот, за создавањето Центри за дневна грижа за лечење на болните, за крајот на животот на човекот како повод за предизвик за љубовта и за чувствителноста, за запознавањето на пациентите со напредокот на медицината, за приложување ставови од страна на лекарските здруженија во врска со евтаназијата, за начинот на пристап кон пациентите, кон нивните семејства и кон лекарите од страна на Средствата за Масовно Информирање итн. Одлуката на Интерпарламентарното Собрание на Православието, кое е политичка организација и кое има влијание од Православното Предание, држи многу ускладувања. Значи, не ја прифаќа активната евтаназија, туку се обидува да постави некои критериуми, при што човекот и да го прима добротворството од употребата на технолошките интервентни средства, но и да не им робува. Исто така, поставува и значајни предлози за подобрување на атмосферата на пациентот и за прислужувањето на неговите роднини. Еден друг текст е Кодексот на Медицинската Професија и Деонтологија што го состави Националниот Совет за Медицинска Етика и Деонтологија, каде што бев член како претставник на Црквата на Грција. Бев присутен во сите фази на составувањето на овој Кодекс. Во 16. член од Кодексот станува збор за крајот на човековиот живот - Евтаназија и има три параграфи:

1. Лекарот му помага на пациентот до крајот на неговиот живот и се грижи за тоа пациентот да го одржува своето достоинство до крајот.

2. Лекарот, во случај на неизлечива болест која се наоѓа во својот конечен стадиум, се интересира за ублажување на психосоматските болки на пациентот, грижејќи се за квалитетот на неговиот живот, во мерата на возможното.

3. Лекарот не ја зема предвид молбата или барањето на пациентот или на роднините за евтаназија.

Исто така сметам дека е значајно да го наведам и тоа дека 700 Универзитетски и Болнички лекари од сите степени од Солунскиот Универзитет во еден нивни текст, што го составија во периодот кога се зборуваше за активната евтаназија, писмено го изложија нивниот негативен став за воведувањето во нашата земја на активната евтаназија и јавно истакнаа дека како лекари нема да учествуваат во еден таков процесс, што го сметаат за озаконето самоубиство. Конкретно, помеѓу другото, во овој текст го пишува следново:

1. Било која форма на прекин на животот, што погрешно се нарекува евтаназија, претставува злочин против тајната на животот и е идентична со човекоубиството.

2. Согласно со основното начело на вршењето на медицинската функција да се биде од полза или да не се наштетува, лекарите даваат заклетва дека ќе им помагаат на болните да живеат, а не да умираат! Со "евтаназијата" се поништува ова начело.

3. "Евтаназијата", кога за неа ќе одлучи самиот пациент, претставува акт на потпомогнато самоубиство. Потписниците категорички одбиваат да содејствуваат или да станат извршни органи на било кого. 8. Ако државата одлучи да го погази севкупното наше Предание со озаконувањето на "евтаназијата", тогаш ќе треба да знае дека потписниците активно ќе му се спротивстават на извршувањето на озаконетите човекоубиства.

4. Ставови на Црквата

Не беше можно Православната Црква да остане без учество во она што се случува и се дискутира во нашето општество околу проблемот на евтаназијата. Секако, Православната Црква, која јасно се разликува од другите Христијански Конфесии, не брза да создаде брани во науката или да изрази ставови кои евентуално по извесен временски период може да се изменат. Таа со големо расудување ги следи овие појави и обидите на медицинската наука да му помогне на болниот, но нагласува дека самите лекари треба да постават граници во нивните постигнувања и во нивната служба, а кога е потребно Самата поставува извесни биотеолошки рамки во кои треба да се движат овие современи прашања. Последниве години Клирици од различни степени, како и лаици Теолози, се занимаваа поединечно со проблемот на евтаназијата и ги поставија своите ставови. Теолошките факултети се заинтересираа за овие биоетички проблеми. Но и Црквата на Грција оформи Синодска Комисија за Биоетика, под претседателство на Митрополитот Месогијски и Лавреотски г. Николаос, во која интензивно се дискутираше проблемот на евтаназијата. Оваа Синодска Комисија издаде еден многу интересен текст, во кој се гледа и учењето на Црквата околу овој проблем, но се изразуваат и ставови околу проблемот на смртта. Исто така, Светиот Синод на Црквата на Грција организираше еден успешен Симпозиум на кој беа повикани да ги искажат своите ставови различни научници од сите гранки на медицината и на други науки, а одлуките ги издаде Апостолики Диакониа во еден многу значаен том. Но, за проблемот на евтаназијата се дискутираше и на едно заседание на Ерархијата на Црквата на Грција. Би сакал да формулирам пет основни теоретски точки од учењето на Црквата околу современиот проблем на евтаназијата. Прво. Животот не е наше создание, туку е Божји дар. Затоа ние немаме исклучиви права на него. Бог е господар на животот и на смртта и никој друг. Он има, би можеле да кажеме, цопѕригхт како дарител на животот. Светиот Јован Дамаскин зборува за разликувањето помеѓу она врз што имаме власт и она врз што немаме власт и компетенција. Секако дека дарот на животот спаѓа во она врз што немаме власт, односно спаѓа во Божјата исклучивост. Второ. Биолошкиот живот не се апсолутизира. Познато е дека историјата на човекот не завршува со смртта, туку продолжува и по неа. И може да нагласиме дека животот по смртта има голема вредност и важност. Така, значи, процесот на смртта го гледаме и со него се соочуваме како со стекнување и продолжување на еден друг живот. Молитвата на Црквата е јасна: христијански крај на нашиот живот, безболезен, непосрамен, мирен и добар одговор на страшниот Христов суд. Начинот на крајот на животот е поврзан со начинот на усовршување на животот на човекот и со неговото претставување пред страшниот Христов суд. И една мала молитва на човекот на крајот од неговиот живот може да му даде една друга, вечна перспектива. Го продолжуваме животот, затоа што се надеваме на усовршувањето и на спасението. Трето. Болката во животот на човекот е многу полезна и продуктивна. Доволно е само човекот да го знае начинот на кој да се соочи со неа. За жал словото за евтаназијата цвета во современите општества во кои болката е отфрлена како недостојна да се зборува за неа. Значајно е да се каже дека прочуениот психотерапевт Виктор Франкл го поддржува ставот дека болката претставува основен егзистенцијален проблем, и преку неа на човекот му се дава единствената можност за внатрешна полнота. Тој учи дека човекот не треба да се бори да ја избегне болката, туку треба да биде расположен да ја поднесува во својот живот. Но, секако, со претпоставка дека болката има некаква смисла. Тврди дека, кога човекот се соочува со некоја неизлечива болест, тогаш му се дава шанса да ја исполни својата најдлабока смисла. Повеќето луѓе го бараат уживањето, задоволството и ја одбегнуваат болката, но сигурно е дека соочувањето со болката на правилен начин дава едно друго чувство на животот, посовршен и поавтентичен. Четврто. Целиот процес на смртта, колку и да е мачен и болен, не претставува изгубено време. За болниот тоа е време на подготовка за неговото влегување во еден друг "простор" на живот, а за роднините и домашните тоа е шанса да ги изразат чувствата на грижа, на љубов и на симпатија кон нивните возљубени личности. На пример, децата имаат единствена шанса да им ги возвратат на родителите своите "долгови" и својата љубов. Искуството има потврдено дека во повеќето случаи околу креветот на еден човек кој е пред умирање повторно се поврзуваат пријателства, се развиваат нежноста и љубовта, кои ги уништува вознемирениот и побркан современ општествен живот. За евтаназијата се зборува во општества каде што владее нељубов, неморал и индивидуализам. Петто. Кога се наоѓаме пред тајната на смртта на еден човек, а особено на човек кој се наоѓа во болница или на интензивна нега, тогаш сфаќаме дека постои една сериозна дилема, како кај лекарите и болничкиот персонал, така и кај роднините на болните. Дилемата е: продолжување на животот или попречување на смртта? Значи, со средствата на медицинската наука се стреми кон продолжување на животот или кон попречување на смртта? Тоа е една страшна дилема што бара некого кој има големо расудување, љубов и страв Божји за да одговори на неа. Секако, одговорот е поврзан со можноста или неможноста за терапија, со смислата на продолжувањето на животот и со тоа во колкава мера имаме право да ја попречуваме смртта кога доаѓа незадржливо и кога ја дозволува Бог. Исто така, одговорот е поврзан и со покајанието на човекот.

5. Евтаназијата на "непотребните"

За проблемот на евтаназијата се напишани и се пишуваат во весниците и во списанијата многу статии. Треба да признаам дека ми остави впечаток една статија на Димитриос Папајоанис со наслов За евтаназијата на "непотребните". Основниот повод на статијата беше едно анкетирање на јавното мислење во Данска во врска со проблемот на евтаназијата. Во таа анкета беа поставени три прашања за евтаназијата на различни групи од населението кои не спаѓаат во категоријата на тие што се пред смрт и на тие што се на интензивна нега. Анкетата покажа дека 20% од запрашаните ја посакуваат евтаназијата на оние кои страдаат од сериозни душевни болести, 41% ја посакуваат евтаназијата за стари и напатени луѓе, а 35% ја посакуваат евтаназијата на инвалидите. Авторот на статијата прашува: Зошто се поставуваат такви прашања? Да не е можеби затоа за да се навикнеме на нив? И одговара: Без да биде приметно, се подготвува, барем како сфаќање, едно јасно ограничување на здравите и ненапатени луѓе, на психички здравите, кои изгледа ќе ги одбира некоја елита на психијатри специјалисти, кои ќе одлучуваат и за примена на евтаназија, согласно со нормите на здравите... на доброродните. И тврди дека ќе биде трагично, ако во следните години запознаеме еден најдлабоко поделен свет, каде што дел од планетата ќе се претвори во прибежиште на исплашени старци (можеби случајно ќе се сметаат како напатени), на душевно болни или инвалиди и ќе им се врши евтаназија. Авторот ја споредува оваа анкета со зборовите што полковникот Ладас им ги кажа на пензионерите кои бараа пензија: Ама, вие што барате? Би требало да сте умрени. И авторот забележува дека сите овие појави, кои ги гледаме денес, покажуваат една нова напумпана религија, религија на младите здрави луѓе. Покажуваат дека сме подготвени да се сретнеме со оживувањето на крајности многу полоши од теоријата за ариевата раса, која теорија во постарите времиња цветаше. Навистина, живееме во епоха во која постои "евгониски и евтаназиски" начин на мислење, кој доаѓа до таму да биде религија. Живееме во епоха која ги одрекува болката, болеста, тешкотиите, маките, инвалидитетот, трулежноста и смртноста на природата и згора на сé го одрекува посмртниот живот. И, кога ќе завладее евтаназијата на оној што умира, тогаш може да се појави евтаназијата на оној кој страда. Во оваа основа ја гледам појавата на евтаназијата. Не се работи за дилема што ја има лекарот на интензивна нега, туку за "духот" на комфорот, на уживањето, на уталитаризмот, на индивидуализмот и на неморалноста што го бичува општеството кое се наоѓа надвор од болницата и од телесно болните.

Денес многу се зборува за евтаназијата, токму затоа што не можеме да ја сфатиме смртта. Евтаназија и смрт се два обратно аналогни поими. Кога ќе ја сфатиме тајната на смртта, тогаш нема место таканаречената евтаназија, а кога зборуваме и ја прифаќаме евтаназијата, тогаш покажуваме дека сме неспособни да навлеземе во тајната на смртта. За жал, живееме во епоха која не се соочува со проблемите философски и теолошки, туку трговски, безбедносно и индивидуалистички. Камо да не е вистина, но имам едно подозрение дека овој проблем, како и многу други слични, се имаат вплеткано во економски величини, а можеби дури и се вплеткуваат во целите на осигурителните организации или компании. Посакувам да не е вистина нешто такво и да остане во просторот на подозрението. Во секој случај сигурно е дека проблемот на евтаназијата расте и носи плод во дезориентирани, нефилософски, нељубовни и негрижливи, уталитаристички, индивидуалистички и евдемонистички општества. Меѓутоа ако човекот не може да философира над процесот на смртта, тогаш не може да сфати што е живот и, секако, не може да биде личност. Завршувајќи би сакал да ги забележам зборовите на Рускиот аскет и јеромонах Софрониј Сахаров: Да живее некој христијански е буквално невозможно. Христијански може некој само да умира. Навистина е голема привилегија некој да умре со надеж дека смртта е крајот на биолошкиот живот, а не крајот на животот, но истовремено дека смртта е усовршување на животот. Ќе треба да ја почитуваме тајната на смртта и да ја сметаме како премин кон земјата на живите.

Превод: С.С.