Протопрезвитер Михаил Кардамакис
Современите движења и духовноста

✣✤✣

 Неопходно е, макар и делумно, да се осврнеме на одредени движења кои создаваат нови проблеми и погрешна насоченост на човековите мисли и на иднината на човештвото. Станува збор за тенденциите, кои на одреден начин ја принудуваат човечката слобода, ја зголемуваат човечката трагедија и ја понижуваат човечката единственост. Токму поради оваа причина, тие претставуваат предизвик и призив за православната духовност, која е повикана да делува совесно и да преземе историска одговорност и активност, решително и креативно да содејствува во квалитативното пресоздавање на историскиот живот на човекот.

Во наше време постои тенденција проблемите на човекот да се набљудуваат психолошки, значи делумно и поединечно. Тоа бара проблемите да се решаваат со обраќање кон психоанализата и психијатријата, кои нудат индивидуална терапија и надминување на индивидуалната криза. Христијанската православна духовност, повикана е да сведочи дека вистинските  проблеми на човекот се духовни, т. е. соборни и лични, проблеми на меѓусебните односи и соборната одговорност. Таа е повикана решението да го побара во враќањето кон духовните димензии на постоењето, во соборноста и заедничарењето на човекот, со еден збор, во љубовта, во која личноста и духовноста наоѓаат целосна своја смисла. Во суштина станува збор за враќањето на човекот кон метафизичките и метапсихичките димензии, кон битијното и есхатолошкото искуство на христијанинот, кое претпоставува едно решително дело: ослободување од безизлезот на секој вид психологизам и надминување на индивидуализмот, кризата и разочарувањето. Зашто, денеска сè, а особено културата, натежнува кон индивидуализам и кон индивидуалистичка дезорганизација на животот. Најдлабоката и најголемата криза на човекот е неговиот пад од личност до индивидуа, неговата немоќ да се надмине себеси, што може да се согледа само преку личниот однос. Зашто, личноста, благодарение на својата слобода (иконата Божја), ја има особината на отвореност, на љубов кон другиот, а пред сè, кон Бога и Го познава во љубовта.
Во наше време се инсистира дека главните човечки проблеми се социјални, значи проблеми кои се однесуваат на хоризонталните или субординационите односи меѓу луѓето. Христијанската православна духовност проповеда дека не постои проблем кој нема духовна причина и решение, толкување и одговор. Сите проблеми се проблеми на човечката природа која ја изгубила својата духовност, која не ја победила својата шизофренија, или не стекнала својата внатрешна содржина. Ако инсистираме на нагласување на духовноста кај човекот, на нејзино повторно воспоставување и полнота на нејзината содржина, тоа го правиме не за да се откажеме од секаква друга активност, туку затоа што не постои активност без внатрешен двигател. И затоа треба да постои тесно, органско единство на духовноста и пророштвото, на духовниот живот и делувањето, на внатрешниот живот и надворешниот свет. Должни сме да дадеме искрено и делотворно сведочење, кое ќе ја преобразува заедницата и кое ќе се исполни на планот на општествениот живот, или, пак, да ја откриеме внатрешната рамнина и духовната длабочина на општествените проблеми. Правилно се истакнува дека наспроти сегашното општество со сериозни проблеми во својата основа и развој, „треба да се изнајде едно ефикасно „анти-општество“, заедница, во која уште сега ќе дејствуваат силите на идниот век. Меѓутоа, во центарот на ова барање е неопходноста да создадеме свети огништа на несогласување со општеството, што претпоставува понирање во размерите на духовноста и враќање кон совршеноста и светоста. Зашто ние сме луѓе на заедницата и за заедницата постоиме, тогаш кога сме луѓе на духовен живот и целосност“.

 Тенденција на нашето време е и тоа човечките или општествените проблеми да се ограничат само на економски, и така човекот да се трансформира во економски фактор, во производен фактор, фактор на добивка и потрошувачка, па сè да се толкува исклучиво според рационалистички или економски критериуми. Тоа е тенденција човекот да се мери според процентот на зголемување на приходот по број на жители, според порастот на животниот стандард, и како единствена цел на политиката, да се смета прогресот на економијата и успехот на петгодишните програми за економски и индустриски развој. Оваа едностраност се поистоветува со закопувањето на вистинските човекови проблеми, со оглед на тоа дека неговиот глад е поставен над искушението со лебот и неговата татковина на слободата - над секое економско чудо. Набљудувајќи ја човековата криза преку критериумите на современиот економски безизлез, тврдиме дека човекот постепено ги исцрпува своите резерви (секако не само економските), што создава голем страв за неговата иднина и култура. Христијанската православна духовност доаѓа да ја разреши оваа конфузијата околу човекот, да ги покаже длабоките размери на личниот живот и човекот повторно да го соочи со примарните проблеми. Така, му помага да ја надмине скотската среќа и мртвилото на животот, ослободувајќи го од насилството и тиранијата на исклучиво економската организација на животот, која е подобна за инсектите, но не и за човекот. Таа го поддржува во напорите да ја надмине неограничената експлоатација и да се подготви за новото време, кое несомнено доаѓа.

 Не можеме, а да не го спомнеме ширењето на културата, со која се обидуваат да го збогатат квалитетот на денешниот егоистички и безбожен живот. Притоа мислиме на силната тенденција која го изразува хоризонталниот и едностран развој и надградбата на човечките потреби и достигнувања. Станува збор за настојувањето да се обнови културата и хуманизмот, кои во суштина се лишени од корен и иднина и ограничени на привремено истакнување на човечката автономија која има политички карактер. Се работи за анонимната „духовна“ глаголивост, којашто не се вреднува со подвигот и надминувањето на духовната отуѓеност кај човекот од нашето доба. Од оваа причина, денешниот човек останува незаштитен пред заканата на толкавото отуѓување, незадоволен, со оглед на тоа дека не наоѓа одговор на своето битијно прашање, т. е. прашањето за смислата на животот. Останува безнадежно сам, немоќен во својот затворен свет, незаштитен од секаков вид на култура и од хуманизмот кој го изигрува, од животот како театар „во културата опиена од ефикасност, блокирана од ѕидот на рационализмот, во која воспоставената рамнотежа одново се нарушува со немирот на анархичните притисоци“. Пророчки е ставот, дека таканаречената култура, „многу рано станува хуманистичка, наместо да биде метафизичка, станува сè повеќе психолошка, наместо да е духовна. Хуманизмот, како начин или организација на човечкиот живот, потценува секаков вид на духовност и занимавање со метафизичкото. Така се запоставени суштинските проблеми на човекот; тој е немоќен пред нив, запоставени се неговите лични потреби; светот стана знак на галопирачкиот пад, без смисла и иднина, стана беда и смрт на човекот и човештвото“.

 

Извор: Бигорски манастир