Hristos.sobolniot.jpg

За дарот на болестите

Често пати кога ќе не снајде болест или страдање роптаме на Бога, велејќи дека тоа не е праведно, или се прашуваме зошто ако Бог е љубов нам ни се случува да се разболиме или да страдаме.
Но драги мои многумина од вас сфатиле, а многумина можеби и не дека болестите од љубовта Божја произлегуваат. Но можеби и ќе се најде некој меѓу вас што ќе рече, овој поп зборува неповрзано каква врска има љубовта со страдањето и зошто ако некого го љубиш да му причинуваш страдање?
Можеби затоа што љубовта Божја не е сентиметална, туку спасителна, домостроителна. Таа има само една и единствена цел а, таа цел не е како на човекот во овој свет да му биде животот поугоден, туку како човекот да го достигне вечното спасение со други зборови како да се обожи. Страдањето води кон воскресение, Христос Бог страдаше но и воскресна по три дена, мачениците страдаа но со небесен венец се овенчаа. На еден од најголемите подвижници на минатиот век старец Пајсиј, кога му кажале дека боледува од рак тој се радувал на болеста, дури и не примал лекарства сметајќи ја самата болест за лек, бидејќи верувал дека преку страдањето ќе се очисти од гревовите.
Но како болестите делуваат спасително? Преку тоа што не смируваат и ни покажуваат дека сме мали и немоќни, преку тоа што не потсетуваат дека нашиот живот е минлив, бидејќи потенцијалниот крај на секоја болест покрај оздравувањето е и смртта, затоа секоја болест е поттик за покајание. Преку болката, зошто сме свесни дека болката е последица на гревот, или лек преку кој се каеме. И на уште многу други начини болестите не спасуваат, кој нам не ни се познати но на Бога му се познати.
На крај зошто одлучив да напишам нешто на оваа тема? Затоа што бев 15 дена во болница, од сериозно воспаление на белите дробови, поради кое два дена бев на кислород, поради намален капацитет на дишење предизвикан од воспалението. Јас научив некои работи од мојата болест.
Научив дека никогаш не треба да бидеме амбициозни и да велиме ова или она ќе направиме, зошто сами ништо не може да направиме. Научив дека може да оздравиме само ако Бог сака инаку сите лекарства на овој свет не ни помагаат ако Бог не сака. Научив помалку да се грижам за материјалните нешта, зошто кога ќе се разболеш стануваат малку битни, туку грижата да му ја препуштам на Бога. Научив дека секој ден треба да се живее радосно како да е последен, и во секој ден да се љубат Бог и ближните до самозаборав, и уште многу друго научив...

Презвитер Александар