makrina.berovo.jpg

Секоја трагедија, без оглед на димензиите, повторно го враќа на сцена единственото важно прашање во животот на човекот: прашањето на смислата, т.е. лишеноста од неа или бесмислата. Го отварам првиот етимолошки речник што ми е при рака и барам под буквата Н, зборот несреќа. Го нема, нема ниту објаснување. Физика, математика, философија, теологија: може ли некој да пресмета како се случува несреќа? Ако среќа значи средба на Човекот и Бог, и нивно соединување, тогаш може ли да се рече дека обратното, т.е нивното одвојување, е несреќа?
Според библиското сведоштво, Бог не е причина за злото. Злото нема лична егзистенција којашто би му била дадена од Бога (само она што е создадено од слободната волја Божја има конкретна супстанција и вечна егзистенција). Злото не е онтолошко начело, нема постоење во себе, но може да добие постоење во одреден субјект и тоа преку волјата на субјектот. Смртноста на човекот е еден од личните облици на злото. Единствената вистинска трагедија на овој свет е смртта.
Ова не се само сувопарни формули кои на апстрактен начин говорат за еден од многуте аспекти на човековата позиција во космосот, туку искуствено сознание на Божјото присуство во него. Околу овие догми се судираат копјата на различните облици на човековите верувања.
Така се случи и деновиве, кога еден од митрополитите на соседната православна црква, одговорноста за несреќата што се случи во Охридското езеро ја лоцираше ни помалку ни повеќе, туку во концертот на една мошне популарна светска пејачка, познатата „Мадона“. Ваквиот лов на вештерки тешко дека ќе може да се протне низ иглените уши на 21-от век, но затоа веднаш ве катапултира во затемнетите кулоари на мрачниот среден век, и тоа во периодот на т.н. инквизиција, којашто претставува „духовен суд за пронаоѓање и казнување на отстапниците од правилното учење на верата“! Не е само егзистенцијална утка кога еден пастир на црквата наместо да ослободува од чувството на вина, се обидува да го наметне, манипулирајќи со совеста на луѓето. Инаку, како папска институција, инквизицијата владеела во речиси сите земји на Западна Европа во периодот на средниот век и не е типична за Православието. Дали неделната беседа на односниот митрополит, којшто ја наведе пејачката како причина за потонувањето на охридскиот брод „Илинден“,  укажува на просто непознавање на Бог и неговите таинствени начини на делување во светов, или е обична деклинација во схоластицизам, останува да видиме во некоја наредна прилика на природна непогода, што за жал, во последно време ги има сè позачестено.

И како што рече и г-динот Борисов, дека Македонија би требало да се засрами, поскоро треба тоа да го направи самиот тој, дозволувајќи си во такви траорни мигови за својата земја, да вметнува политика, и тоа на сосем нефер и недостоинствен начин, ставајќи се себеси во улога на супериорен судија, а всушност демонстрирајќи дрскост и безобразност што е незамисливо во кој било дипломатски кодекс за меѓународни односи. И покрај тоа што „Македонија“ направи сè што можеше да се направи за да се ублажи болката на преживеаните, како и да се намали бројот на настраданите.
Одговорноста ја сносиме сите. За сè. Не само за несреќите и трагедиите. Нашите животи се исто така одговор и за среќата што постои како можност зад секоја преживеана поплава, пожар, земјотрес и сите други непогоди со кои Господ нема блага врска....

 

Сестра Макрина

Посети: {moshits}