презвитер Горан Стојчевски

ХРИСТОС – СВЕТЛИНА, ПАТ, ПРЕМИН во СВЕТАТА ЧЕТИРИЕСЕТНИЦА*
 
„Господи и Владико на мојот живот, дух на униние, небрежност, среброљубие и празнословие отстрани од мене.
Дух на целомудрие, смиреноумие, трпение и љубов дарувај ми мене, слугата твој.
Да, Господи, Цару, дарувај ми да ги видам моите согрешенија и да не го осудувам братот мој, зошто благословен си во вековите. Амин„.

Ваше Блаженство, почитувани отци, браќа и сестри во Христа, најтешко е за нешто да говориш кое и самиот го немаш, или барем поткрепен од благодатта Божје се трудиш да го имаш, а се гордееш според своите сили дека веќе го имаш. Така и покајнието, најдобро е да го имаш, но со смиреност, да знаеш дека немаш ништо и дека си никој, а во Христа дека имаш сè, така барем посведочиле светите отци на Црквата.

 


Што може да се каже повеќе за покајанието освен она кое Светата Црква го прифатила како правило на покајание содржано во великопосната молитва на св. Ефрем Сирин. Сите добро ја знаеме, ја читаме од Часословот за да не промашиме некој збор, но најдобро би било кога не би ја кажувале само со устата, туку и со умот, та и во срцето, оти и таа говори за името на нашиот Господ Исус Христос во Кого немаме униние, небрежност, среброљубие (и властољубие) и празнословие, или според падната наша природа во грев со гордоста ги имаме но, Христос ги преобразува во целомудрие, смирономудрие, трпение и љубов, а преку тие добредетели во Бога откриваме не само дека Нему му служиме како и што треба да бидеме слуги Божји, туку дека сме и Негови чеда. А, покајнието за гревовите уништени во Христа, преобразени во добредетели извршени со љубов не можат да поднесат да го осудуваме својот брат односно својот ближен кој е создаден како икона Божја и во кој се открива Самиот наш Спасител. Во таа љубов можеме да ги видиме само нашите согрешенија, оти Љубовта како што споменавме не се срди, вели св. апостол Павле, и не бара ништо свое, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува, се извинува, во се верува, на се се надева, се претрпува (1Кор.13,5-7), токму за вакво преумување на севкупниото наше падното битие сведочеле подвижниците во  Христа, љубов кон ближниот во кого лежи и нашето спасение, оти Христос се поистоветува и со најмалиот брат (Мт.25,40 и 48).
 Затоа великопосната молитва во три реченици ни го дава сиот наш литургиски подвиг во Црквата, не подготвува со покајние преку очитување од страстите до обожение односно нашата цел за единство со Бога. Она што нам ни останува е само да практикуваме и да не мислиме дека овој подвиг го оствариле само светителите, оти повикот за покајние и проповедтта за радоста на вечниот живот во Царството Божјо ни е даден на сите без исклучок, бидејќи сите сме повикани да ја релизираме светоста, бидете свети како што е свет Вашиот Отец небесен (ЗМој.19,2 и Мт.5,48), вели Господ, а така треба да свети Светлината т.е. Христос пред луѓето (Мт.5,16) и со сведоштво за Него радосно да го објавиме темелот на нашата вера, Воскресението Христово во Кого Светилината свети и мракот и не ја опфати.
Неопходноста од проповедта за покајние и исповед, подготвеност во Христа со благодатта на Светиот Дух како свештенослужители духовно да го раководиме верниот македонски народ преку поуки за пост, постојаност во молитвата со поредовно причестување како реално учество во единство со Бога преку Телото и Крвта Христови значи и дека ќе го сведочиме царството Божјо во светот, а кое Он ни го вети како чеда на нашиот Отец Небесен.
По молитвите на Блаженејшиот наш Архиепископ Стефан, по молитвите на св. Климент и Наум Охридски и сите светии Господ нека ни биде она што Е Светлина на Патот - преминот од животот во вечниот живот покажан нам и во оваа Света Четириесетница.

*Прочка 22/02/2015 година во Архиепископскиот соборен храм во Скопје.