Berovo.Freskopis13.jpg

                                  Последното насилство


“Сте слушнале дека е речено: око за око, заб за заб. Јас, пак, ви велам: да не се противите на злото. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот. А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и горната облека. И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две.”  (Матеј 5, 38-41)  

Одмаздата е моја, не смири Бог со висок акцент на тонот кој не трпи ниту приговор, ниту понатамошно таложење на отровните мисли доволно жешки да го подгреваат планот за реванш. Веќе ги загубивме окото и забот и нивното место во нашето тело е празно и никако нема да биде исполнето со желбата да се стори истото на непријателот. Можеби со трансплантација на неговите во нашите празнини, но не верувам дека некој би се накитил со пленот на омразата и потоа со него би загризал во лебот насушен или би погледнал во виножитото. Претпоставувам дека исполнетоста се раѓа со помислата дека и тој сега е гладен и слеп, и уште полошо обележен како човек кој е санкциониран за неговиот напор да ни наштети.
Приказната ќе има сосема поинаков тек ако не се противиме на злото. Тоа е насекаде околу нас и нашиот обид да се казни ќе овозможи уште повеќе храна за неговото растење и моќ, уште поголема трансформација и трансфер од едно во друго суштество. Ставот наспроти него и поглед во иста висина на очите е почетната позиција за одбрана. Што може да се забележи во тие зли очи?
Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот. Ќе има ли промени во искрите во тие зли очи, ќе стивне ли огнот полеан со изненадувањето да се заврти и другиот образ? Да не се возврати со тупаница, туку уште еднаш да се понуди место на повреда, кое уште подостоинствено ќе чека да помине цела злоба на светот и болката да се претвори во радост. Другиот образ е тука, подготвен да ги реши недоразбирањата, да ја плати цената на мирот и ја затвори темнината онаму каде и е местото. Дали ќе биде удрен и ќе продолжи ланецот на една стихија од случувања кои пркосат на секаква разумна завршница и наликуваат на животински нагони поттикнати од инстиктот на едно куче во периодот на беснило? Или раката ќе биде спуштена до степен на каење и сфаќање дека пред згрчените прсти кои намериле да рушат стои јагне кое пие од истиот извор со волкот, но не ја поматува, разбранува, ниту осенува заедничката вода.
На оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и горната облека. Ќе има ли промени во тие зли очи, ќе заборават ли на кошулата кога ќе ја добијат и горната облека? Сега се богати, планирале кошула за нивното привремено и скоро распаднато тело, а ќе добијат и горна облека за подобро да ја сокријат својата голотија. Или веќе ќе станат свесни дека на јагнето пред нив му е ветена бела облека чиј сјај потекнува од зазорувањето.
Со оној што те присилува да одиш една милја, ти оди две. Ќе има ли промени во тие зли очи кога нозете нема да застанат на првата милја, туку ќе продолжат понатаму по патот кој за неправедникот води право во пеколот? Можеби сознанието дека прашината од неговите нозе ќе биде идентична со состојбата на телото после сета непромисленост до крајот, ќе му помогнат да застане точно на првата милја? Или одот на јагнето пред него ќе биде пресуден за правилната одлука да се чекори само следејќи ја ѕвездата Деница.    
И тоа и ќе биде последното насилство. Тогаш волк ќе живее со јагне, лавот ќе јаде слама како волот, новороденче ќе протега рака кон змиино гнездо... Нема да се прави зло и штета по Неговата Света гора зошто земјата ќе биде полна со познавање на Господа, толку едноставно како што реките го полнат морето. 

 

 Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 30 ти март, лето Господово 2014

  Друго: