Осма беседа на гората за прогонетите


“Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно! Блажени сте вие кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно – заради Мене! Радујте се и веселете се зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.”  (Матеј 5, 10-12)  

Правдата е мултиматериска супстанција. Може да биде во форма на венец кон кој ќе се стремиме како кон награда, ако сме привлечени од нејзината волшебна моќ да не прави среќни кога ја докажеме наоколу. Често е невидлива за голо око со притисок од многу бари кога ја исполнува душата победувајќи по Словото. Некогаш е и влажна ценејќи по солзите истечени дека пополека се намалува нејзиното постоење под чизмата на диктатурата на суетноста. Се на се супстанција која заслужува блаженост при гонењето, за прогонетите чие засолниште е Царството небесно. Упорен сум да се спорам со светот, како Исус кога со стапот удираше и ги растураше осквернувањата во дворот на храмот на Таткото, од петни жили полн со врелост дека правда е еднаквост, задоволување на законски предуслови и хуманизам, но битката ми е загубена од самиот почеток. Светот ми се смее како на кловн во циркус кој жонглира со топки од илузија кои му дозволуваат да прави маневри со рацете, но тие се празни раце, немаат ништо опипливо со кое би им ги нахраниле страстите. Правдата заклучуваат, е да се има барем повеќе од другите како полесно би се оправдала идејата на Творецот да го создаде и разгалува човечкиот род.
Ги гонеле пророците што беа пред нас. Јона бил три дена и ноќи во утробата на големата риба, наспроти моето неколкуминутно учество во разговорот за Спасителот. Да ве потсетам дека не само прељубата како физички акт, туку и помислата со нечесни цели по туѓата жена е грев. Следуваат извици на негодување дека сепак добар лек за депресија е самиот миг, и пред и после освојувањето на забранетото. Исус рече дека богатиот ќе влезе во рајот само ако камилата се провлече низ иглените уши. Следуваат лоши зборови против акцентот на еден неискусник како мене кој беше насочен да им го пукне меурот од сапуница, плод на нивните соништа за поседувањето. Исус ни нагласи дека последните ќе бидат први, а првите последни. Следуваат срамни зборови за филозофијата на еден изгнаник како мене, кој не знае што зборува додека го конфузира нивниот разум и ги сопнува да разберат дали да бидат први или не. Универзалноста на тоа да се биде прв ќе им биде поматена пред новите ставови и дефиниција за слугата и неговата бесценетост во очите на Господа. Исус ни напиша и остави многу и се, чукна на портата и тоа влезе таму каде се отвори. Се кренал светот и не застанува против секој кој отворил и го носи крстот на својот пат кон Голгота. Соблазна се нашите пораки од пророците и змијата брза да го стави отровот во што повеќе јаболка. Секој ден е се поблиску до огненото езеро, но сласт му е да поведе што повеќе со него. Знае дека за секоја загубена душа Небесното царство ќе жали повеќе отколку што нему му требаше да ја отпадне.
Кој ќе претрпи ќе се радува и весели, зошто голема е неговата награда на небесата. Таму и ветерот настојува да биде праведен со лисјата и ги ниша само кога тие ќе посакаат. Лавот ќе си лежи со јагнето бидејќи праведно е стравот да не влегол во рајот и ближниот да не биде единствена храна. Секој ќе го љуби секого без потреба да се флертува скришно во визбите. Ќе врне по потреба, само кога ќе се чека виножитото бидејќи е избришана секоја солза, тага и плач кога првото помина. Наградата ќе им биде бела облека, скромна ткаенина без посебни ознаки, чиј сјај ќе биде доволно силен за да биде сместен помеѓу звездите навечер, а лесно препознатлив кај секого кој поверувал.

 

 Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 19 ти јануари, лето Господово 2014

  Друго: