Шеста беседа на гората за чистите по срце


“Блажени се чистите по срце, оти тие ќе го видат Бога!”  (Матеј 5, 8)  


Највообичаено е срцето да е предмет на поезијата е да претставува столб на една љубов или некоја заблуда. Се споменуваат неговите комори низ кои циркулира опојот кон вљубената или преткомори полни со воздишки од алвеоли за љубениот. Добива црвена боја како жарот на страста и избодено е со стрели кога си страда.
Повообичаено е реалноста да не е толку романтична и тоа повеќе се анализира од аспект на тахикардија и аритмија, односно неговата подложност и отпорност да доживее удар. Му замерувам на реалноста што нема доблест и го заборавила единствениот начин на кој треба вистински да се третира срцето. Како трезор каде се чува нашето богатство и сокровиште од чии одаи изнесеното го оцртува нашето јас.
Срцето може да биде празно. Недостаток од емоции, депресија и униние го населиле и што би можело да опстои покрај ваквите корови. Со стаклен поглед и рамнодушност се пречекуваат и испраќаат сите радости, на тагата и се посакува добредојде, со смртта се прават чести преговори. За жал не се чувствува ниту болка како ни оранжерискиот домат кој иако длабоко пресечен не покажува никакви други симптоми освен подготвеност за салата. Можеби се срами од својата внатрешност и посакува да реагира на сончевото утро, но ја загубило желбата да чекори по Патот.
Срцето може да биде нечисто. Тоа ги сокрива мислите на блудот, идолопоклонството, гневот, себичноста, зависта, убиството, срамните гозби ... Толку малечко, а толку многу превирања, сите со круна на приоритет да им се посвети внимание и да се одржуваат во добра кондиција. Веројатно тоа се шири во рамки на бесконечност, во еластични граници кои дозволуваат појавите внатре да се претумбуваат, миксираат и раѓаат уште полоши форми на пеколосување. Самиот носител на сето тоа ќе биде охрабрен од моќите кои инстант му пристигнуваат и ќе ужива во земните богатства како некој кој е роден за врвот. Овие особини се напредни и ќе бидат прифатени со широко раширени раце од светот кој нема намера да ја анализира чистината на срцето, туку фотофинишот на победниците. За среќа ваквите срца не чукаат подолго од еден просечен човечки век  на живеење во форма на тело и брзо загинува споменот на нив. Ќе останат само испарувањата од огненото езеро кои ќе не потсетуваат на нашите лоши денови кога заборававме од Кого сме.
И, срцето може да биде чисто. Тоа ги открива мислите на љубовта, радоста, мирот, трпението, љубезноста, добрината, верноста, кроткоста ... Толку малечко, а толку обземеност која сака да ги пробие неговите бариери и го преплави ближниот, реките и целиот свет. Самиот носител ќе дознае дека бил во избраните, дека Некој му ја чува ногата да не се сопне на камен и навечер покрај креветот му свети еден ореол. Овие особини се во изумирање и полека пловат во бродот на дедо Ное кон местото познато по својата хармонија. За среќа, ваквите срца ќе чукаат подолго од еден просечен човечки век на живеење во форма на тело. Нивното биење ќе остане вечно во камењата и камбаните кои се темел и ќе го најавуваат доаѓањето на секое ново утро во Новата земја.
Чистите по срце ќе го видат Бога. Ќе Го видат преку очите на љубовта која Тој ни ја покажа на крстот. Преку очите на радоста како кај мало дете за ветеното. Преку очите на мирот всаден во нас кога надвор е бура. Преку очите на трпението како ништо да не можат да ни сторат вилиците на гладните волци. Преку очите на љубезноста и кога рацете ни се тресат од немирот. Преку очите на добрината да се дадеме и себе си за другите. Преку очите на верноста да не се загуби правецот среде виулица. И преку очите на кроткоста како јагне одведено на колење. И премногу можности да се види Бог ...

 Meteori.Dr.jpg

 

  • SP Apostol
  • 19 ти јануари, лето Господово 2014

  Друго: