Artsome.novi.freska7.jpg

“Блажени се милостивите, зошто тие ќе бидат помилувани”  (Матеј 5, 7)  

  • Господе мој, ако најдов милост во Твоите очи ќе продолжам со започнатото за да си го откријам себе си и пофалам пред другите она што ги шири порите на мојата душа, а не знам како точно се нарекува. Ако е добрина, сигурен сум дека не е тоа бидејќи добар е само Единиот Бог кој расфрла со Својата десница и дожд и сонце и за оние кои тоа го заслужуваат, и за оние другите. Ако е количество на пареа, слепо наведувана помеѓу моите органи, полна со топлина која подгрева и се разлева, сигурен сум дека тоа не е поради биолошката некомпатибилност на еден човечки организам со еден котел на цврсто гориво. Тоа е нешто слично на коцка чоколадо кое додека се топи под јазикот не остава можност да размислуваш за нешто друго освен за зависноста да побараш уште една без вина дека ќе претераш. Мириса на топол бран во пролет, на зелена боја и на се она што оставило драги спомени од детството. Ако сите овие асоцијации не се доволни да се опише нејзиното присуство додека се нарекуваме луѓе, тогаш многу тешко ќе биде да ја именувам, а да не се залажам дека ја поседувам, или уште полошо дека сум во состојба да ви ја направам. Писмото ја запишала како милост, но нејзиното величество не ми дава одврзани раце да говорам како нејзин сопственик понекогаш.

Милост е да се прости некому после догорочна агонија на омраза и злоба насобрана под превезот на мислите дека тој е нашиот непријател. Гордоста дека тој ќе остане победник на сцената ако јас ја испружам раката на помирувањето не дозволува да го погледнеш подлабоко во очите каде можеби сеуште е присутен сјајот на остатокот од целото проголтано од темнината. Ако го прескокнам тоа скалило, слободата ќе нема друг избор освен да ја преземе оваа душа која ќе си го најде својот лет помеѓу птиците.

  • Милост е да се жали некого со грутка во грлото и неколку безбојни солзи, кои иако малечки и беспомошни навираат до грубост да ја растопат. Тоа не е сожалување во никој случај, многу повеќе наликува на голгота да се спаси целиот свет, да се помогне и онаму каде надежта умрела последна, каде медицината нема повеќе лекови и географијата не ги означува повеќе езерата, туку политичките блокови. Тоа е вистинската жал на добриот Самарјанин.

Милост е да се даде некому, а да не се погледнеш дали медиумите тоа го регистрирале, и да не биде тоа само десеток од твојот вишок, и да не помислиш дека си веќе сличен на Бога. Тоа се очи на слепите додека се пренесуваат по неизрамнетите патеки, зборот на глувите ни песна, ниту крик, а обичен благослов за утрешнината, нозе на хромите кои сами го знаат патот до небото, и кожа на лепрозните, полна со лузни опростени, но доволно чиста да истрае до најдолгиот сон.
Претпоставувам дека милост е уште ова и уште она кои јас сум ги заборавил или сеуште не ми се доделени. Блажени се милостивите, зошто ќе бидат помилувани. Ќе им биде простено после долгорочната агонија на грешење, зошто сфатиле дека се бессилни во човечката природа и им е потребна капка, а потоа и поплава од боженствената. Ќе бидат изжалени само со едната солза за Лазара, која Исус ја изрона по сите векови за спомен на грижата на големиот Бог за малиот човек. Ќе им биде дадено да ги населат живеалиштата каде утрото се познава по погледот полн со саможртвување за да се угоди на другите. Пресудата ќе им гласи: помилувани поради нивните постапки невообичаени на територијата на змијата и очигледниот придонес во практикувањето на Неговото поведение.

  

 Meteori.Dr.jpg
 
  • SP Apostol
  • 19 ти јануари, лето Господово 2014

  Друго: