“Блажени се гладните и жедните за правда, оти тие ќе се наситат”  (Матеј 5, 6)   

Ако правдата е состојба на исполнетост во која превагнуваат начелата на еднаквост и моралност, тогаш многу тешко е да се достигне земајќи ги во предвид различните аршини за нејзино одмерување. Световните адвокати се немилосрдни во одбраната на правдата прифатена од мнозинството, во која искрено се сомневам дека пресудена на крајот ќе наликува на нешто поинакво од маскарада. Судиските тронови поткопани со корупцијата се природно слепи за гладот за праведност, сметајќи на својата власт да толкуваат закони на кои понизените не смеат да противречат. Управителите и началниците се природно глуви за жедта за праведност од оние кои се родиле само за да бидат манипулирани, свесни дека во нивната маленкост нема простор за незадоволство, ниту пак горчина.
После трагичните забелешки во еден депресивен увод, да си приспомнеме за она што требаше веќе да стои закопано на најдлабокото и најсигурното место во срцето, до каде постои и најкраткиот пат веднаш да исплива на површината и не поткрепи секогаш кога ќе се почувствуваме онеправдани. Тоа е Словото, сакате Неговиот физички облик креиран во нашата имагинација као ни го поддава канчето со вода до суво испуканите усни, Неговиот духовен престој во нашиот храм од каде не наговара да скршиме поголемо парче од Неговото тело, или наједноставно како Писмо, прочитано со солзи и прифатено со душа. Словото си го наоѓа патот до површината опседната со црни мисли, небалансирана мудрост и самоволие, за да во наредниот час ги врати работите на свое место, како пред отпадот. Тоа се чита буква по буква, како мало дете кое се храни со млеко, а не тврда храна на почетокот. Секојa буква ќе си донесе нешто ново и ниту една нема да ја смири бурата во нас. Невремето обично ги исфрла од бродот непотребните работи, а прави да ги цениме и зачуваме оние кои се скапоцени. Тоа за едни ќе биде кошулата, за други парче злато, а за некои голиот живот. Само за малкумина ќе биде вербата во Словото дека тоа ја напишало единствената правда верна за почит.
После надежните забелешки во средишницата на текстот, да се обидеме да сфатиме како гладните и жедните за правда би се наситиле. Мојот ближен успеал од неговиот брат да одземе неправедно имот во висина на едно ќебе и покрај аманетот на нивниот стар татко за еднаква делба. Блудницата го добила сопругот на нејзината пријателка и сите негови недвижности кои порано биле во тестаментот на децата. Богатиот бизнисмен присвоил уште една компанија и сите вработени од неа ги испратил на принуден одмор. Убиецот ја убил жртвата, лажливецот ја измамил мајка си, а крадливецот го одзел она што не му припаѓа, и сите се суште на слобода. Религиите не се помириле, во име на боговите кои ги измислиле ги уништуваат своите браќа за да го доѕидаат пеколот. И толку, веќе наликувам на дневен медиум со популарната црна хроника. Божјиот збор и онака е топол многу повеќе од едно ќебе, сопругата и децата остануваат под заштитата на Ангелот-закрилник, побрзо ќе се провлече камила низ иглени уши, отколку богатиот во Царството небесно, тој што повлекува нож од тоа и ќе загине, лажливиот сведок не останува без казна, не го срамат ли крадецот па дури и кога крадел за да го смири гладот, Тој е Господ Бог твој, да немаш други богови освен Него . . .  Ги наситивме ли сега гладот и жедта за правда? За оние кои сеуште пребаруваат по својата празна суета и мислат дека им се скратени световните богатства, немам многу утеха. Освен можеби тоа, . . . да ја прочитаат сторијата за праведникот Јов.
 
 
 Meteori.Dr.jpg
 
  • SP Apostol
  • 19 ти јануари, лето Господово 2014

  Друго: