презвитер Горан Стојчевски
Μάρτυς (martyr)
СВЕДОШТВО ЗА ХРИСТА




„Ќе настапи и време, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба, и тоа ќе го прават, оти не Го познаа Отецот, ниту Мене„ (Јован 16,2)

sv.Nikomid.macenici.jpg

  • Деновиве кога светот го обиколи фотографија од спалени христијани во Нигерија,  и разнесени со бомба преку педесет луѓе во Бејрут, единствено што можеме да кажеме за овие секојдневни безумства, е Господи помилуј, Господи Исусе Христе, помилуј нè... Милоста Божја нека биде врз нас,  и затоа треба и непрестајно да го повикуваме милостивото име на нашиот Спасител, но и да се потсетиме на Неговите зборови, блажени се гонетите заради правда, зашто нивно е царството небеско... така ги гонеа и пророците што беа пред вас. Извесни се сите зборови на Нашиот Бог, каде вели, не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат (Мт.10,28). Зарем некој мисли дека може да се спротиставува на Божјите зборови, и да мисли и делува во името на било која вера или во Божјо име, да може да убива други луѓе за да ја наметне својата политика, вера, начин на живеење, Бог не оправдува убиство на луѓе, велиме луѓе, создадени според образот Божји, жртви на некои демонизарини личноси кои мислат дека прават нешто „добро„, а свесни се дека единствено што сакаат е да сеат смрт, страв, ужас, и кои ли уште не, чисто демонски состојби и ситуации, кои немаат никаква допирна точка со мирот Божји.
  • Само злобата на отпаднатиот ангел може да биде толку голема кон човекот, за да се мисли дека на ваков начин ќе можеме да ги елиминираме „неверниците„, и сите други што можат да ни пречат, сеејќи пекол уште сега и покажувајќи на тој начин дека воопшто се немаат никаква вера, освен верата во ѓаволот, во моќта од овој свет, во парите, и во сè она што е на земјата за кое решиле неблагодарно да го истрошат, ѕидајќи на погрешен агол, нема да имаат ни што да принесат освен омразата! Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат (Мт.24,35, ниту една јота или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè (Мт.5,18), значи извесни биле, и се, гонењата на христијаните само заради името Христово, исто како што  е извесно дека дури и под непромислена претпоставка  сите христијани да бидат убиени, сепак она што кажал Христос, тоа и ќе се случи, ете се ново создавам...зашто овие зборови се вистинити и верни.. Јас сум Алфа и Омега, почетокот и крајот, на жедниот ќе му дадам од изворот жива вода дарум. (Откр.21,6). Нашата вера е да принесуваме благодарење, Литургија, Твоја од твоих, да се причестуваме со Телоото и Крвта Христови, постојано да го благовестиме мирот Христов, мир вам..., со мир да излеземе..., да го љубиме Господа, да го љубиме ближниот како себе си, да ги благословуваме непријателите, да го сведочиме со тој литургиски живот за царството Божјо, кое го очекуваме бидејќи кога земното жилиште на нашето тело кое како шатор, се разруши, тогаш имаме од Бога дом, куќа неракотворна, вечно живеалиште на небесата (2 Кор.5,1), попусто некој се обидува да го убие телото (Лука 12,4-5), и попусто некој сака да не уплаши, бидејќи ако Бог е со нас, кој ќе е против нас (Рим.8,31). Но, само ако живееме литургиски и ги пазиме Христовите заповеди, односно го чуваме заветот даден на нашето крштение, ќе го имаме само стравот Божји, тоа благоговение кој ќе не оддели од секое зло, а ќе не приврзе до љубовта.

Сите пак, оние христијански мисионери кои постапувале и постапуваат на начин на кој се опишани јавачите на апокалипстата (Откр.6), слични на оние од Нигерија, Сирија, Либан, Ирак, итн. и ги избришале Маите, Инките, Индијанците, протестантите, римокатолиците или православните, не принеле никаква жртва на Бога, ниту ги исчитиле „неверниците„, отпадниците,  или пак ги претопиле, туку си навлекле само поголема осуда, бидејќи знаеме дека со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери (Мт.7,1-2)! Христос Себеси се принесе за жртва, за да го ослободи човекот и светот од гревот, смртта, ѓаволот, а мачениците со својата крв се сведоци на Христа.


Други маченици, пак, се сведоци на своите мачители, на пример, постојат болни кои се жртви на фармацевтската индустрија, постојат и сиромашни кои се жртви на алчноста на некои богати, постојат жртви од војни заради развивање на воената индустрија и профит, постојат политички жртви, жртви на политички, економски, верски „игри„, жртви на семејно насилство, жртви од абортуси, а и со сите тие жртви Христос Богочовекот се поистоветува (Мт.25,40), Кој е најголемата Жртва за сите наши гревови, сторени од славољубие, среброљубие и страстољубие, од Адам до последниот роден од жена.
Мачеништвото во Црквата, е сведоштво за верата во Христа Воскреснатиот, и исполнување на зборовите на светиот апостол Павле, ... сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар може да нѐ оддели од љубовата Божја во Христа Исуса, нашиот Господ (Рим. 8,39-39). Овој цитат од Апостолот за кои не е потребно толкување сепак може да се објасни со следниво слово: во Црква не влегуваме заради здравје, заради успех во работата или заради власт и пари, па дури ни заради спасение, туку заради Него (Христос Богочовекот). Сведоштво за Христа Богочовекот, дека сиот наш подвиг во Црквата, крштението, постот и молитвата, покајанието и исповедтта, духовното раководство, причестувањето, сиот наш личен и соборен подвиг е насочен кон барањето за единството со Бога Отца, кое го реализираме во Христа Исуса преку благодатта на Светиот Дух во Литургијата на Црквата.

Христијанството во себе го содржи мачеништвото кое не значи единствено саможртва за верата, туку значи врвење по Христа, земање на Неговото бреме, земање на крстот Христов, следење на Христа, послушание кон духовниот отец во Христа Исуса, постојаност во молитвата каде ја бареме милоста Негова сè до нашиот премин од овој живот кон вечниот живот. Бараме прошка и милост во името на Господа Исуса Христа, да ни бидат простени нашите гревови и прегрешенија, но покрај тоа се надеваме на Неговата милост за да бидеме прифатени во Него, да бидеме едно со Него по благодат, за да се реализираме себе за она за кое сме создадени, подобни на Нашиот Создател Кој се дава Себе, за да го имаме по благодат сето она што тој го има по природа. Секоја наша прозба завршува со Господи помилуј, или подај Господи, Амин Господи.

Животот во Црквата е само себе еден вид мачеништво, монаштвото исто така, како и бракот. Сиот подвиг во кој се трудиме да ги исполниме заповедите, возљуби го Господ Својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој разум и уште повеќе возљуби го својот ближен како себе си (Мт.22,37-39), е мачеништво, сведоштво дека сè што правиме во нашиот живот во Црквата е заради Христа, односно да постапиме како светиот апостол Петар кој заедно со другите апостоли и другари цела ноќ се трудеа во риболовот, а сепак по волјата на Својот Учител и Господ повторно ја фрлија мрежата во водата и нивниот улов беше преумножен т.е. благодатта што се преумножува со нашето послушание, кое е пат на покајание, очистување на срцето и обожение. Многу цитати наведов од Новиот Завет, бидејќи во Христа го имаме секој одговор, само ако сакаме да го побараме, во Пресвета Богородица го имаме сето послушание, во светителите го имаме Христовиот одговор во живот, со искуство. А, мачениците, послушни на Христа до својата смрт, почнувајќи од првомаченикот и архиѓакон Стефан, преку сите по него, до светата маченичка Злата Мегленска, се до последните во овие наши дни, па и по нас, се сведоци на Света Троица, бидејќи исполнети со Светиот Дух, ја видоа славата Божја, и Исуса од десната страна на Отца, отворените небеса и славата на Синот Човечки во царството Божјо кое го очекуваме (Дела. 7,55-56). Тоа се сведоците на Црквата, за тоа како треба да се сака Христос, и како треба останеме послушни на Неговите заповеди.

П.С. Христос беше распнат, страдаше, беше погребан, но Воскресна, и со тоа покажа дека смртта нема власт над Него, како што нема власт и над оние кои веруваат во Неговото Воскресение.

 

 Goran.Stojcevski.jpg

Извор: ПРЕМИН бр. 93/94

 

26-ти јануари, лето Господово 2014