Markov.2013m5.jpg
                                         Покајание


Atos.jpg

“Покајте се, зошто се приближи царството небеско”.  (Матеј 4, 17)   

Почна одамна, не сум сигурен дали прародителите или јас беше актерот, но сторивме грев. Беше постапка, прво наивна и дискутабилна, а потоа се потемна затоа што наликуваше на дупка без дно, на работ доволно интересна да се нурнеш и дознаеш се, но истовремено прекумерно леплива за да го оневозможува преминот назад. Кому му беше важно дали сме го скршиле срцето на Таткото тогаш, кога имаше толку многу убавини во светот кои би ги проголтале и Нијагарините водопади, а камоли еден малечок грев. Но, гревот не би бил она што е ако не е помудар од мене и мојата прецизност во ветувањето дека ќе престанам да го правам и утре ќе биде како ништо да не се случило. И така секое утре ќе го храни гревот, ќе го пораѓа во нови мали гревчиња од истото семејство или уште полошо ќе создаде хибридни сорти кои по геометриска прогресија ќе одат во недоглед.
Што сторив? На декларацијата ми пишува христијанин, но нема многу блискост помеѓу називот и содржината, помеѓу верувањето и однесувањето. И повторно ќе направам грев обидувајќи се да напишам текст за покајанието, но упорно од мал увод за гревот да продолжам да го трошам просторот сеуште дефинирајќи и чудејќи му се. Стоп за гревот. Нема да го победам само со милитантен презир кон него или некогаш со тврдоглаво самодокажување дека понеделник е денот од кој почнувам да бидем ангел. Ниту со храброста да не го правам седум дена, за да наредниот ме растревожи земјотресот во Панама и пак продолжам со истото, но сега уште полошо бидејќи статусот на несвесност одамна поминал. Нема да го победам, освен ако . . .
Што да правам? Има еден збор, покајание се нарекува и малку е жилав ако се дегустира со горделивост, но инаку е многу вкусен, посебно по разложувањето низ чувството дека Небото може да се досeгне. За да се изговори мора претходно да е изработена крвна слика на гревот во која со сигурност ќе се потврди дека е длабоко вкоренет во телото во позиција од која не ни помислува да мрдне. Следен чекор е признавањето дека неговото место не му е во мене и дека не сум повеќе заинтересиран за неговите благодети. Но, пазете, ова не треба да биде обично падење на несовесен закупец од вашиот стан поради неплатени сметки за електрична енергија. Ова треба да биде акција со целиот ваш гнев, кој во друга ситуација не смеете да го акумулирате, кој ќе се истури врз измамникот, ќе се преточи во обвинителни зборови дека ве прелажал, дека повеќе не ќе го правите и дека ќе се потресувате и на првата буква од неговото име.
Што направив? Расчистив со гревот. Не сме се љубеле, тоа било само илузија после розовата иднина која ми ја прорекуваше. Остана празнина во мене доволно голема за новите ветувања. Товарот му го дадов на Исус, нека го носи на крстот, само Тој тоа го можеше. Ќе поминам покрај огнот, но веќе нема да се восхитувам на неговата црвено - златна блекавост, туку ќе се плашам од неговата жештина која остава опекотини. Нема да се чувствувам како херој, бидејќи тоа може пак да ми се случи, особено ако има и поплава во Панама. Ќе се будам секое утро со благодарност до Бога дека вчера не го направив гревот и молитва утре да бидам силен како вчера. Ќе го живеам секој ден горд на тоа што не сум го сторил вчера и смирен за и утре да го направам истото. Лавиринт од мисли, но ве уверувам дека гревот ги познава сите патокази . . .

 

  Meteori.Dr.jpg

  • SP Apostol
  • 22- ти декември, лето Господово 2013

  Друго: