14.01.2013 год.

Ќе смета ли некому ако во овој текст го искажам мојот респект кон Самир од Крушопек, човекот што од спротивната страна на мостот пред неколку години влезе во исто толку ладниот и запенет Вардар без намера за стекнување на слава и земни награди и спаси човек? Оти секогаш кога наближува Богојавление  и се потсетувам на храбрите млади луѓе во студениот Вардар се потсетувам и на неговиот подвиг. Бидејќи свет е крстот, но посвет од него е животот на човекот, без разлика на  која вера и нација да припаѓа тој.

Пред некој ден го прославивме во нашите цркви празникот на Рождеството Христово, празникот на предвечно Родениот кој заради нас луѓето и заради нашето спасение слезе од Небесата и смирено во пештера се роди и во јасли беше положен. И се тоа за наше спасение и за да не научи сите нас на смирение, кротост и скромност.

И не се налути ниту се разгневи што не го примија Него и неговите родители во нормални услови да се роди, не се налути ни дека веднаш по него беше пратена потера од суетниот цар Ирод за да го најде и да го убие.  Не се налути ни што мораше уште во пелени да го напушти Израилот и да бега во Египет. Не се налути ни на ученикот негов кој се целив го предаде. Не се разгневи ниту се разлути ни кога го биеја, плукаа, распнаа и убија. Не се налути ниту кога сите апостоли, освен Јован, од страв не останаа покрај него под Крстот.

Сигурно не ни се лути ни нам, ниту пак се гневи што секоја година неговото Рождество го дочекуваме во сенката на бадниковото гранче и што ни станало побитно гранчето да го однесеме во домовите отколку Него да го понесеме во срцата свои. Не се лути штом се уште не трпи и за тоа што надворешната топлина од огнот ни ја заменила внатрешната топлина на душите и што привидната радост од топлата ракија ни ја истиснала вечната радост од тоа што Бог постојано се раѓа покажувајќи ни дека бескрајно не љуби и не трпи такви какви што сме.

Нема да се лути ниту разгневи ни поради тоа што греаната ракија ќе не оневозможи на Божиќ да станеме и со радост да поитаме во црква и покаени и исповедани потоа да се соединиме со Христа причестувајќи се со Телото и Крвта негови пролеани за нас грешните. Нема да се лути ниту поради тоа што за некој ден повторно ќе се собереме во огромен број покрај водите за свештенството да го фрли симболот на Христијанството – Крстот во нив и на тој начин да ги благослови, а голем број млади и храбри луѓе да поитаат низ заледените води да го извадат со вера дека нивната пожртвуваност ќе им донесе благослов од Бога низ целата година. Нема да се налути ни поради тоа што онаа рекичка од народ која тргнува од храмовите е сто пати помалкубројна од онаа река на луѓе кои се веќе пристигнати на местото на настанот, бидејќи повеќе ја засакале атракцијата отколку литургијата. Нема да ни се налути ни нам, кои се обидуваме нешто да промениме со ваквиве писанија, нити пак на оние кои се пасивни и со тоа преќутно одобруваат се. Нема да ни се налути нити ќе се разгневи за уште многу пропусти кои намерно или ненамерно ќе ги направиме. Нема да се налути ниту ќе се разгневи, но сигурно ќе се натажи, што дарот на слободата со кој не дарувал, наместо да го употребиме сме го злоупотребиле, бидејќи се ни е дозволено, но не ни е се од корист како што не учи апостолот Павле.

Велам нема и тврдам дека така ќе биде, бидејќи Верата наша Православна Христијанска така не учи. Не учи дека нашоит Бог Света Троица е многумилостив и долготрпелив. Не учи дека Бог не ја сака смртта на грешникот туку сака секој да се покае и да се спаси. Не учи дека треба да го мразиме гревот, а не грешникот. Не учи и ние да им проштеваме на нашите должници. Не учи да не им го правиме на другите она што не сакаме нам да ни го прават. Ова секако не значи дека воопшто не треба да се трудиме во доброто и дека преголемата љубов од Бога се ќе ни прости и на небесата. Таму секому ќе му се суди според делата.

Сето ова мое размислување произлегува од безбројните примери на Христовото сведоштво на кротоста и долготрпеливоста кои ги среќаваме во Евангелието и Новиот Завет, како завет на љубота. Кој не верува нека провери и нека се увери.

Но, таму ќе најде и еден пример во кој што Христос се разгневи и ги искрши тезгите на продавачите, велејќи Домот на Мојот Отец место за трговија го направивте.

На празникот Богојавление за жал и Камениот мост, место за комерцијални реклами станува и на место за трговија заличува и на натпревар за наградување на најсреќниот, комерцијалираќи ја верата и празникот со тоа.

Додуша не дека не заслужил оној кој влегол во заледените и запенети води да го извади светиот Крст да биде награден туку поради тоа што на некој дом кој згрижува деца без родители многу повеќе ќе му се најдат сите тие подароци, туку што  трошокот за реклама и промоција повеќе работа ќе заврши во некоја народна кујна што ќе нахрани гладни луѓе, туку што има бедни деца со голем потенцијал на кои тој лаптоп ќе му помогне во образованието, туку…

Честитајќи им го празникот на сите оние што со вера ќе влезат во водите за да го извадат Крстот, во Вардар, во Охрид или Преспа, или каде и да се низ Македонија, би ги замолил да не трчаат по земните блага и награди, ами кон небесните и вечните награди кои што црвот не ги јаде.

Им го честитам празникот и на донаторите и покровителите и ги молам да сфатат дека ако даруваат без помпа онаму каде што е најпотребно, можеби ќе немаат пофалби на земјата, но нема да им побегне наградата на Небесата.

Света должност е да се сака и чува Крстот како симбол на Христијанството и чест е да се извади од водата во таква голема конкуренција. Света должност е и да се сака и да не се повредува ближниот. Затоа пак и пак апелирам, браќата да не се тепаат во водата, да го повредуваат својот брат, својот ближен и со таа глупост да стануваат за потсмев на јутјуб.

П. С. Ќе смета ли некому ако во овој текст го искажам мојот респект кон Самир од Крушопек, човекот што од спротивната страна на мостот пред неколку години влезе во исто толку ладниот и запенет Вардар без намера за стекнување на слава и земни награди и спаси човек? Оти секогаш кога наближува Богојавление  и се потсетувам на храбрите млади луѓе во студениот Вардар се потсетувам и на неговиот подвиг.

Бидејќи свет е крстот, но посвет од него е животот на човекот, без разлика на која вера и нација да припаѓа тој.

Владика Пимен

14.01.2013 год.

Извор: Денешен весник