логоFacebookTwitterYouTubeeMail



Митрополит Иларион Алфеев

Животот и учењето на св. Григориј Богослов
ДОГМАТСКО БОГОСЛОВИЕ

МОЛЧЕЊЕТО И СЛОВОТО

grigorij.bogoslov1.jpg
Служењето на словото Григориј го сметал за главна работа во својот живот. Меѓутоа, уште пред да ја заврши Атинската Академија, тој знаел дека ќе му се посвети на словото не како на вештина, туку како на слово за Бога, знаел дека ќе стане „философ“ („philosofos“) а не „филолог“ („philologos“), богослов а не реторичар. Термините „философија“ и „богословие“ Григориј често ги користи како синоними: така, на пр., во 27-то Слово изразот „философира за Бога“ значи, едноставно, „богослови“.
Парадоксот на секое слово за Бога е во тоа што Бог, според Својата суштина, е недостижен за човековиот разум и, следствено, не може да биде искажан, опишан, ниту објаснет со ниеден човечки збор. Вистинската побожност, според зборовте на Григориј, „не се состои во тоа често да се зборува за Бога, туку повеќе да се молчи.“1 Бог не му се открива на човек преку зборови, туку над зборовите – преку молитвен допир со Него, којшто се случува при длабоко молчење на јазикот и на разумот. Оттука претпочитувањето коешто многумина источни отци го имале спрема апофатичката метода во богословието – кога не се зборува за тоа што е Бог, туку само за тоа што Тој не е. При последователно одрекување на сето она што Бог не е – а Тој не е ништо од она што може да се облече во зборови – човекот како да останува лишен од зборови и замолкнува. Кога се исцрпени сите зборови, се открива можноста за средба со Бога на онаа длабочина на која зборовите веќе не се потребни, на која стануваат просто излишни.
Апофатичкото богословие, чии почетоци се среќаваат уште кај Климент Александриски, било потоа разработено во делата на св. Григориј Ниски, а подоцна и од страна на авторот на делата на Дионисиј („Корпус Ареопагитикум“). Што се однесува до Григориј Богослов, тој не бил безусловен приврзаник на апофатичката метода, и тој добро ги знаел како нејзините предности, така и главните недостатоци: отсуството на зборови не секогаш на човекот му овозможува реално богоопштење, средба со живиот Бог. За луѓето да бидат привлечени кон Бога, за Него треба да се зборува, сметал Григориј, при што не треба да се зборува само во одречна форма, туку и афирмативно, не обѕирајќи се на тоа дека ниту едно тврдење за Бога не може да биде сеопфатно. Григориј Богослов, по сè изгледа, бил попрагматичен од својот вдахновен пријател, епископот Ниски, и повеќе размислувал за практичната полза од својата проповед; затоа тој сметал дека дури и во врска со Божјата природа може да се изнесуваат одредени тврдења. Катафатичката богословска метода е само извесно дополнување на апофатичката, но без тоа дополнување апофатичката метода не води никаде: 

Оној што се интересира за природата на Суштиот, не застанува на тоа што Тој не е, туку на тоа што Тој не е му додава и тоа што Тој е, зашто е полесно да се постигне едно нешто, одошто да се одрекува сè по ред; додава, за преку исклучувањето на она што Бог не е, и со тврдењето за она што Тој е, да го направи подостапно за разбирање она за што размислува. Зашто оној што говори за тоа што некое нешто не е, а молчи за тоа што тоа нешто е, наликува на оној кој, запрашан колку е два помножено со пет, одговара: „не е два, не е три, не е четири, не е пет, не е дваесет, не е триесет, ...“, но не вели дека е еднакво на десет, и не го задржува умот на оној кој прашува на тоа што го бара. Зашто, многу полесно и пократко е да покажеш што некој предмет не е објаснувајќи што е, отколку, исклучувајќи го тоа што тој не е, да покажеш што е.2

Ваквото расудување може да се покаже како недозволено упростување, макар и само затоа што „природата на Суштиот“ не е исто што и „два помножено со пет“, и додека на прашањето „колку е два помножено со пет“ има само еден потврден одговор, на прашањето за Божјата природа нема и не може да има таков одговор. Но, Григориј Богослов не ни тврди дека во врска со Божјата природа може да се даде целосен одговор. Како што ќе видиме понатаму, говорејќи за Бога тој настојува на недостижноста на Неговата природа и суштина, и самиот почесто се служи со апофатичката метода, одошто со катафатичката. Па сепак, Григориј смета дека потврдното тврдење за природата на Суштиот може да го „задржи умот“ на човекот на Бога, додека, пак, непрекинатата низа на негирања може да го оддалечи од Бога.
Појдовна точка на теоријата на богословењето, којашто Григориј ја излага во проповедите и во стиховите, е дека христијаните немаат работа со „непознат Бог“3 ниту со Бог Кој молчи, туку со Бог Кој на луѓето им се открил преку овоплотеното Слово. Поради тоа, човековата жртва принесена на Бога треба, пред сè, треба да биде слово „кое е повозвишено и почисто од која и да е бесловесна жртва“;4 благодарењето на Бога треба, исто така, да се прави „преку слово“;5 пред сите други принесувања, Бог треба да се почитува преку словото – преку „праведно плодоносење, заедничко за сите коишто се присоединиле со благодатта“.6 Воплотувањето на Словото му дава на човекот за право да говори за Бог Кого што „никој никогаш не Го видел“, но Кого воплотениот Син Божји им го „објавил“, им го „објаснил“ (exēgēsato) на луѓето.7 Од тој миг, кога Словото Божјо на човечкиот род им Го објаснил „невидливиот Бог“, на служителите на Словото им е наложена задача да го продолжуваат тоа објаснување и да им говорат на луѓето за Бога. Поинаку кажано, богослов е продолжувач на проповедничкото дело на Христос.  
Човечко слово не може да го искаже Бога, меѓутоа може да води кон Него; човечкиот разум не е во состојба да го разбере Бога, меѓутоа, во состојба е да Му се приближува. Затоа Григориј словото го сметал за свое единствено богатство, а служењето на словото за своја главна мисија:   

Тоа Му го принесувам на Бога, тоа Му го посветувам – тоа што единствено сум го зачувал за себе, тоа што е моето единствено богатство. Зашто, од останатото се одреков по заповед на Духот, и за скапоцено зрно бисер го дадов сето она што кога и да е сум го имал, и станав – подобро кажано, би сакал да станам – оној голем трговец кој за мало и сосема пропадливо купил големо и непропадливо8; единствено словото го задржувам за себе, како служител на Словото9, и никогаш по своја волја нема да го пренебрегнам тоа што сум го стекнал, туку ќе го почитувам, ќе го сакам и ќе се радувам заради него повеќе одошто за што и да е друго за што се радуваат многумина; него ќе го направам пријател за цел живот, добар советник, собеседник, раководител на патот кон повисокото, ревносен помошник во борбата. И бидејќи го презирам секое ниско задоволство, сета моја наклонетост – по наклонетоста спрема Бога – е насочена кон словото, или, подобро кажано, кон Самиот (Бог), зашто тоа кон Бога води со помош на разумот, преку кој единствено и вистински се прима и се запазува и расте во нас Бог.10

Целиот живот на Григориј бил поделен на периоди на молчење и на проповедање. Откако бил ракоположен во јерејски чин, тој се оддалечил во пустиња, поминувајќи го времето во молчење, за потоа да ѝ се врати на паствата на својот татко со зборови на оправдување. На сличен начин постапил и по хиротонијата во архијереј. Дури и во подоцнежните години Григориј ја прекинувал проповедничката активност со периоди на молчење. Служењето на Словото, според Григориј, не може да не го вклучува во себе апофатичкото молчење, паралелно со проповедта – таква е природата на богословието, коешто за свој предмет го има она што е надвор од границата на зборовите. Григориј за себе зборува како за инструмент Божји11 на кој свири светиот Дух. Кога му е угодно на Духот, инстументот се слуша; а во преостанатото време тој молчи:
  
„Ќе  ја отворам устата моја и таа ќе се исполни со Духот“12, и на Духот ќе му го посветам сето она што е мое, и самиот себе – и делото и словото и недејствувањето и молчењето, само Тој нека владее со мене, нека ја води и раката и умот и јазикот кон она што е потребно и што Тој го сака... Јас сум Божествен инструмент, инструмент словесен, инструмент којшто го наштимал и на кој свири добриот Уметник – Духот. Дали тој вчера го извел молчењето? На мојата философија не ѝ се зборуваше. Удира ли Тој денес по струните на умот? Ќе го објавам словото – и мојата философија ќе почне  да зборува. Не сум толку зборлив за да посакам да зборувам и тогаш кога преку дејството (на Духот) сум повикан на молчење; но, не сум ни толку нем ниту неук да – кога ќе дојде време за зборови – „ставам стража во својата уста“13; напротив, ќе ја затварам и ќе ја отварам својата врата заради Умот, Словото и Духот – на една соприродност и божественост. Значи, ќе говорам, зашто сум повикан за тоа...14

Молчењето и словото се како две крилја на кои човековиот ум полетува кон Бога. Исто така и одрекувањето и тврдењето, апофатизмот и катафатизмот, се два пата по кои умот што богослови може да ѝ се приближи на целта. Богословието само тогаш е сеопфатно, кога признава дека Бог е тајна којашто излегува вон границите на зборовите, и кога секој збор за Бога ќе се раѓа од сознанието за слабоста и за беспомошноста на човековиот јазик и ум пред лицето на таа тајна. Секој свештеник, епископ, богослов, секој христијанин е повикан да зборува за Бога, но неговиот збор треба да се раѓа од молитвата, а молитвата од молчењето.
Богословието треба да биде боговдахновено: тоа не треба да биде човечко слово, туку слово на Духот, изговарано со човечка уста. Само оној проповедник кој умее да молчи сè додека Светиот Дух не ги допре струните на неговата душа, е вистински богослов. И само тогаш кога човековото слово ќе замолкне и во душата ќе се роди словото на Духот, започнува вистинското богословие, зашто од тој миг „љубословот“ („филологот“) се претвора во „љубомудрец“ („философ“), реторичарот – во богослов.

 alfeev13.jpg[Од книгата: „Животот и учењето на св. Григориј Богослов“, од епископ Иларион Алфеев.]

 

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

 

 

Друго:

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Ноември 25, 2018

Акатист кон свети Нектариј Егински

КОНДАК 12Трудејќи се, си ја умножил благодатта дадена од Бога, рабу Божји, добар и верен Нектариј, затоа направи и ние да ја завршиме духовната работа и стекнувајќи ја заработката, да Му запееме на Христа: Алилуја!
Октомври 30, 2018

Житие на преподобна Параскева – Петка (Епиватска или Трновска)

Света и преблажена маченичко Христова Параскево, убавино на девственичките, пофалбо на мачениците, пример за чистота, огледало на велокодушните, восхит на премудрите, чуварко на верата христијанска, изобличителке на лагата идолска, поборничке на Божественото…

Светскиот првак Адам Ондра во посета на Бигорскиот и Рајчичкиот манастир

Окт 28, 2018 Настани 764
Деновиве нашите две свештени Обители, Бигорски и Рајчица, ги посети во светски рамки…

ПРЕПОДОБЕН ПАХОМИЈ ВЕЛИКИ

Окт 18, 2018 Житија 1042
Паралелно со преподобниот Антониј Велики, основачот на пустинското, анахоретско монаштво,…

СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН ЖИВОТОПИС, ТВОРЕШТВО И КАРАКТЕРИСТИКА

Окт 18, 2018 Житија 991
Над сè, свети Ефрем си останува прекрасен проповедник – амвонот е почеток и крај на…

Беседи

„Лазаре, излези надвор“

„Лазаре, излези надвор“

Тие Негови зборови, пред сè, значат дека нема смрт за оние кои веруваат во Христа, зашто Христос подоцна на Марта ѝ вели: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во...

БEСEДА за барањeтo на живиoт пoмeѓу мртвитe

БEСEДА за барањeтo на живиoт пoмeѓу мртвитe

Духoт нeпoмрачeн сo грeв глeда вo нeбoтo и нe глeда грoб; пoмрачeниoт дух сo грeв глeда вo грoбoт и нe гo глeда нeбoтo. Грeвoт и дoбрoдeтeлта управуваат сo духoвниoт вид...

Митрополит Струмички Наум - Моќно превентивно или ризично куративно

Митрополит Струмички Наум - Моќно превентивно или ризично куративно

Бог е совршен, и како совршен, сѐ што прави – прави совршено. Кога Бог го направи човекот, всушност, направи бог – иако не по природа. Направи човекобог, кој треба да...

Жарко Ѓорѓиевски - Недела на преподобна Марија Египетска

Жарко Ѓорѓиевски - Недела на преподобна Марија Египетска

Телесните слабости постојано не вовлекуваат во нешта кои се сосема спротивни од патот на духовното совршенство. Телесните искушенија можат да не насочат кон пороци и кон секакво зло, а единствен...

Митрополит Струмички Наум: „Учителка“

Митрополит Струмички Наум: „Учителка“

Ајде повторно и оваа година – како во годините наназад, на Нејзиниот ден, да го обновиме нашиот подвиг – молитвеното правило „Богородице Дево...“ Оваа молитва, за нас раслабените, е последна...

БEСEДА за сeмoќта на збoрoт Бoжји

БEСEДА за сeмoќта на збoрoт Бoжји

Нo пoстoи рeд и начин пoмeѓу тваритe, видлив и дoстапeн за нас луѓeтo, а пoстoи рeд и начин нeвидлив и нeдoстапeн. Спoрeд тoј нeвидлив и нeдoстапeн рeд и начин, кoј...

Празникот Благовештение – првиот цвет на Пасхата

Празникот Благовештение – првиот цвет на Пасхата

Ете она што дојде да нѐ повика, сега ни се јави: Бог надумно се соединува со луѓето; со гласот на Архангелот прелеста се изгонува, а Дева радост прима; небото слегува...

Викарен Епископ Стобиски г. Јаков: Жртвена прегратка (31.03.2019)

Викарен Епископ Стобиски г. Јаков: Жртвена прегратка (31.03.2019)

Ако ги приклониме колената, а во срцето свое, во вистинскиот храм во кој Бог се вселува, не го поставиме Крстот, сме го промашиле суштинското значење на празникот, затоа што тоа...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥ Недела Крстопоклона (III Недела на Великиот Пост) ✥ 31.03.2019

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥ Недела Крстопоклона (III Недела на Великиот Пост) ✥ 31.03.2019

Според својата слободна волја човекот паднал во грев, па затоа и според својата слободна волја треба да се лекува и на крајот излечи од гревот и смртта. Бог не ги...

« »