sv.filaret.moskovski.jpg

Свети Филарет Московски
ПРАВОСЛАВЕН КАТИХИЗИС
(електронска верзија)


Кумановско-осоговска епархија
Куманово, 2013
 

В О В Е Д
 

Имај ги, како образец, здравите зборови, што си ги чул од мене, со вера и љубов во Исус Христос! (2 Тим. 1, 13)

Почетни концепти
1.    Што е тоа „православен катихизис"?
Православен катихизис е поучување во православната, христијанска вера. Катихизисот му се дава на секој христијанин, за секој да може да достигне благоугодување на Бога и да добие спасение на душата.
2.    Што значи зборот катихизис?
Зборот катихизис во превод од грчки јазик значи огласување, усно поучување, а, соодветно на неговата употреба во времето на апостолите со тој збор се означува првоначалното учење за православната христијанска вера, учење кое му е неопходно на секој христијанин (Лк. 1, 4; Дела. 18, 25).
3.    Што е неопходно за благоугодување на Бога и за спасение на нашите души?
За благоугодување на Бога и за спасение на душата се неопходни, најнапред, познание на вистинскиот Бог и правилна вера во Него; а, како второ, живот во верата и правење добри дела.
4.    Зошто најнапред е неопходна вера?
Верата е неопходна затоа што, како што сведочи Библијата: без вера не е можно да Му се угоди на Бога (Евр. 11, 6).
5.    Зошто освен вера се неопходни и живот според верата и добри дела?
Животот според верата и добрите дела треба да се неразделни од верата затоа што, како што сведочи Светото Писмо: верата без добри дела е мртва (Јак. 2, 20).
6.    Што е всушност тоа што го нарекуваме вера?
Според објаснувањето на светиот апостол Павле, верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа (Евр. 11, 1), односно таа е увереност во невидливото - како во видливо и, во посакуваното и очекуваното - како во вистинско, реално.
7.    Во што се состои разликата меѓу верата и знаењето?
Разликата помеѓу знаењето и верата се состои во тоа што знаењето за свој предмет го има видливото и податливото, а верата - невидливото и недостигливото. Знаењето се темели на опит или на проучување на предметот, а верата - на доверба во свидетелот на вистината. Знаењето му припаѓа на умот, макар што може да дејствува и врз срцето; верата, пак, првенствено му припаѓа на срцето, иако таа се зачнува во мислите.
8.    Зошто во изучувањето на благочестието не ни е неопходна само вера, туку и знаење?
Во учењето на благочестието не се бара само знаење, туку и вера, бидејќи главниот предмет на тоа учење е невидливиот и недостижен Бог и Божјата премудрост, која е сокриена во тајна. Затоа, многу делови од тоа учење не можат да бидат опфатени со знаењето на разумот, но можат да би-дат примени со вера. „Верата", вели свети Кирил Ерусалимски, „е око, кое ја озарува секоја совест; таа му дава видение на човекот". Оти, како што вели пророкот Исаија, ако не верувате, нема да се додржите (Ис. 7, 9) (Петто огласително поучение).
9. Свети Кирил ја објаснува неопходноста од верата и на следниов начин:
„Не само во нас, кои го носиме Христовото име, се почитува верата, туку и сето она што се извршува во светот, дури и од луѓето кои и се туѓи на Црквата, се совршува со вера. Врз основа на верата се утврдува земјоделието, бидејќи ако некој не верува во тоа дека ќе собере плодови, тој нема да ги истрпи трудовите. Со вера се раководат морепловците кога ја доверуваат својата судбина на малечко дрвце, па непостојаното движење на брановите го претпочитаат и пред најтврдата земјена стихија, та се предаваат себеси на неизвесните надежи и имаат толку голема вера која за нив е понадежна од секое сидро" (Петто огласително поучение).

За Божјото откровение


10. Кој е изворот на учењето за православната вера?
Учењето на Православната Црква го црпиме од Божјото откровение.
11.    Што подразбираме кога говориме за Божјо откровение?
Под „Божјо откровение" се подразбира дека Самиот Бог им открил на луѓето дека можат правилно и спасително да веруваат во Него и достојно да Го почитуваат.
12.    Дали Божјото откровение им е дадено на сите?
Бог им дава откровение на сите луѓе, затоа што тоа е неопходно и спасително, но со оглед на тоа што не сите луѓе се кадарни непосредно да го примат откровението од Бога, Тој избрал особени возвестители на Своето откровение, и тие го предавале на сите луѓе, кои сакале да го примат.
13.    Зошто не се способни сите луѓе да го примат Божјото откровение?
Заради гревовната нечистотија и немоќта на духот и телото.
14.    Кои се возвестители на Божјото откровение?
Возвестители на Божјото откровение се: Адам, Ное, Авраам, Мојсеј и другите пророци. Тие го примиле и проповедале зачетокот на Божјото откровение; но во полнота и во совршенство Божјото откровение на земјата го примил, и преку Своите ученици и апостоли го распространил по целата Вселена воплотениот Божји Син, нашиот Господ Исус Христос.
Во почетокот на своето Послание до Евреите апостолот Павле вели: Бог, Кој во старо време, многупати и на многу начини им зборуваше на нашите отци преку пророците во последите дни им зборува пре¬ку Синот, Кого го постави за наследник на се, преку Кого ги создаде и вековите (Евр. 1, 1-2). Истиот апостол им пишува на Коринтјаните: ја проповедаме Божјата премудрост, тајна сокриена, која Бог ја предодредил уште пред вековите за наша слава, која никој од господарите на овој свет не ја познал... нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот испитува се, па дури и Божјите длабини (1 Кор. 2-7-8, 10). Во Евангелието евангелистот Јован пишува: Бога никој никогаш не Го виде, единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот - Он Го објави (Јн. 1, 18). Самиот Исус Христос говори: никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие (Мт. 11, 27).
15. Може ли човек да Го познава Бога без лично откровение?
Човек може да Го познава Бога преку набљудувањето на светот кој е создаден од Бога, но тоа разбирање е несовршено и недоволно и може да служи само за подготовка во верата или на извесен начин да води кон познание на Бога од Неговото откровение.
Она, што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божество, се гледа уште од создавањето на светот (Рим. 1, 20).
Тој ги создаде сите народи за да се населат по целата земја, откако им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта за да Го бараат Бога, па да Го напипаат и најдат, бидејќи Тој не е далеку од ниеден од нас. Зашто во Него живееме, се движиме и постоиме (Дела 17, 26-28).
„Во верата во Бога претпостои помислата дека Бог постои, помисла која изникнува преку набљудување на создадените нешта. Внимателно набљудувајќи го Божјиот свет, спознаваме дека Бог е премудар, семоќен, благ; па така ги познаваме и сите Негови невидливи својства. На тој начин Го примаме како врховен Управител. А со оглед на тоа дека Бог е Творец на целиот свет, а ние сме дел од светот, следствено, Бог е и наш Создател. По ова познание надоаѓа верата, а зад верата доаѓа поклонувањето" (свети Василиј Велики, Послание 232).

За Светото предание и Светото писмо


16.    Како се распространува и чува Божјото откровение?
Божјото откровение се распростира помеѓу луѓето и се сочувува во вистинската Црква на два начина: со посредство на Светото предание и на Светото писмо.
17.    Што е тоа што го нарекуваме Свето предание?
Под поимот „Свето предание" се подазбира она што луѓето кои искрено веруваат и Го почитуваат Бога преку слово и пример си го предаваат едни на други и тоа што претците им го предаваат на потомците: учењето на верата, Божјиот закон, Светите тајни и свештените обреди.
18.    Каде се чува Светото предание?
Сите што вистински веруваат, соединети во Светото предание на верата, во целост и преку преемство, според Божјото устројство ја сочинуваат Црквата, која е верно хранилиште на Светото предание, или, според зборовите на светиот апостол Павле: Црква на живиот Бог, столбот и тврдината на вистината (1 Тим. 3, 15). Свети Иринеј пишува: „Не треба вистината која е лесно да се земе од Црквата, да ја бараме во други. Затоа што во неа, како во богата сокровишница, апостолите во полнота положиле се што и припаѓа на вистината, така што секој што сака може од неа да ја прими храната на животот. Таа е порта на животот" (Про-тив ересите, кн. 3, глава 4).
19.    Што е Свето писмо?
Свето писмо се нарекуваат книгите, кои се напишани под раководство на Божјиот Дух преку осветени од Бога луѓе, наречени пророци и апостоли. Обично тие книги се нарекуваат со името Библија.
20.    Што значи зборот Библија?
Зборот библија е грчки збор. Во превод значи книги. Со тој назив се истакнува дека светите книги се подостојни за внимание од сите останати книги.
21.    Што е подревно: Светото предание или Светото писмо?
Најдревен и првоначален начин за распространување на Божјото откровение е Светото писмо. Од Адам до Мојсеј не постоеле свети книги. Самиот наш Господ Исус Христос Своето Божествено учење го востановил и им го предал на учениците со Своето слово и пример, а не преку книга. На тој начин, од почетокот, и апостолите ја распространувале верата и ја утврдувале Христовата Црква. Неопходноста од Преданието е видлива и од тоа што со книгите не можат да се ползуваат сите, а со Преданието можат сите.
22.    Зошто, за која цел ни е дадено Светото писмо?
Светото писмо ни е дадено за поточно и неизменливо да се сочува Божјото откровение. Во Светото писмо ги читаме зборовите на пророците и апостолите точно така како што би ги слушале кога со нив би живееле, без оглед на тоа што светите книги коишто ја сочинуваат Библијата се напишани неколку векови, или илјадалетија пред нашето време.
23.    Треба ли да го запазуваме Светото предание кога веќе ни е дадено Светото писмо?
Да. Светото предание треба да го чуваме заедно со Божјото откровение и Светото писмо согласно на тоа како не учи самото Свето писмо. Имено, апостолот Павле пишува: И така, браќа, стојте и држете ги преданијата што ги научивте, било преку нашето слово, било преку вашето послание (2 Сол. 2, 15).
24.    Како да се ползуваме со Светото предание во наше време?
Преданието е неопходно и сега за раководство кон правилно разбирање на Светото писмо, за правилно извршување на Светите тајни и за сочувување на свештените обреди во чистотата на нивното првоначално воспоставување. Свети Василиј Велики за тоа го вели следново: „Од догмите и учењата коишто ни се сочувани во Црквата некои ги имаме од писменото поучување, а некои сме ги примиле од апостолското предание, преку црковното преемство. И едните и другите имаат една и иста сила за благочестие, и на тоа нема да му противречи никој кој е макар и малку опитен во црковните основи. Бидејќи, доколку се одважиме да ги порекнуваме напишаните обичаи како нешто што нема голема важност, тогаш незабележливо ќе го повредиме Евангелието во најглавното или, уште повеќе од тоа, од проповедта на апостолите ќе оставиме само празно име. На пример, најнапред да си спомнеме за првото и најопшто: кој преку писание ги учел верните кои се надеваат во името на нашиот Господ Исус Христос да се осенуваат со образот на крстот? Кој од светиите оставил пишани слова за призивот за принесување на Евхаристискиот Леб и Чашата на Благословението? Бидејќи не се задоволуваме со тие слова кои ги напомнуваат апостолите или Евангелијата, туку и пред нив, и после нив произнесуваме и други, како слова кои имаат голема сила за Тајните кои ги примаме од непишаното учење. Исто така, според какво писмо ја благословуваме и водата на Крштението и елејот на Помазанието, па и самиот оној кој се крштева? Зарем не според премолчено-то и тајно Предание? И што уште? Со какво слово не научиле за помазувањето со елеј? Од каде е и трикратното потопување на човекот, и се останато што се однесува на Крштението; одрекувањето од сатаната и неговите паднати ангели, од какво писание е преземено? Зарем не од необнародли¬вото и неизречиво учење, коешто отците го сочувале во недостапно љубопитство и преку испитуваното молчание биле научени да ја сочуваат светињата на Тајните? Оти каква пристојност би можела преку писание да огласува за тоа што на некрстените не им е дозволено ниту да го погледнат?" (Правило 97, За Светиот Дух, Гл. 27).

За Светото писмо


25.    Кога се напишани книгите кои го со-чинуваат Светото писмо?
Светите книги се пишувани во различни времиња. Еден дел се напишани пред Рождеството Христово, а друг дел после него.
26.    Како се поделени книгите во Светото писмо?
На два дела кои имаат посебни имиња. Светите книги кои се напишани пред Христовото Рождество се нарекуваат книги на Стариот завет, а оние кои се напишани после Христовото Рождество се нарекуваат книги на Новиот завет.
27.    Што се тоа Стар и Нов завет?
Стариот и Новиот завет се, поинаку кажано, древниот и новиот сојуз на Бога со човекот.
28.    Во што се состои сржта на Стариот завет?
Сржта на Стариот завет се состои во тоа што Бог ветил дека ќе им го даде на луѓето Спасителот и ги подготвувал за Негово примање.
29.    Како ги подготвувал Бог луѓето за примање на Спасителот?
Бог ги подготвувал луѓето за примање на Спасителот преку откровение, пророштва и праслики.
30.    Во што е содржината на Новиот завет?
Содржината на Новиот завет зборува за тоа дека Бог навистина им го дал на луѓето Божјиот Спасител, Единородниот Свој Син Исус Христос.
31.    Од колку книги се состои Новиот завет и како се викаат тие книги?
Свети Кирил Ерусалимски, свети Атанасиј Велики и преподобен Јован Дамаскин како свети книги коишто го сочинуваат Стариот завет прифаќаат дваесет и две, соодветно на евреите (свети Атанасиј, 39-то празнично послание; преподобен Јован Дамаскин, Точно изложување на Православната вера, кн. 4, глава 17).
32.    Пресметувањето на евреите
е достојно за внимание затоа што, како што вели апостол Павле, ним им беа доверени Божји слова и новозаветната христијанска Црква ги прими Старозаветните свети книги од старозаветната еврејска Црква (Рим. 3, 2).
33.    Старозаветните книги
Свети Кирил и свети Атанасиј ги набројуваат на следниот начин: 1. Книга Битие; 2. Излез; 3. Левит; 4. Броеви; 5. Повторени закони; 6. Книга на Исус Навин; 7. Книга на Судиите и припоената кон нив книга Рут; 8. Прва и втора книга Царства - како два дела на една книга; 9. Трета и четврта книга Царства;   10. Прва и втора книга Летописи (Паралипоменон); 11. Прва и втора книга Ездра, при што втората на грчки е наречена Неемија; 12. Естир; 13. Книга Јов; 14. Псалтир; 15. Приказни Соломонови; 16. Еклисијаст; 17. Песна над песните; 18. Книга на пророкот Исаија; 19. Книга на пророкот Еремија; 20. Книга на пророкот Езекиј; 21. Книга на пророкот Даниил; 22. Книги на дванаесетте пророци.
34.    Во тој попис на Старозаветните книги не е споменато
за книгата Премудрост на Исус, синот Сирахов, и за некои други книги затоа што нив ги нема во Библијата на еврејски јазик.
35.    Ние треба да ги прифаќаме тие последни книги.
За нив Атанасиј Велики вели дека тие се назначени од светите отци за да бидат читани од членовите на Црквата.
36.    Како се делат книгите на Стариот завет?
Според содржината Старозаветните книги можеме да ги разделиме на четири видови книги: 1) законски книги, кои ја сочинуваат главната основа на Стариот завет; 2) историски, кои првенствено ја содржат старозаветната историја на благочестието; 3) учителски (поучни), кои го содржат учењето на благочестието; 4) пророчки, кои ги содржат пророштвата или претскажувањата за иднината, и особено за Исус Христос.
37.    Кои Старозаветни книги се законски?
Законските книги се книгите напишани од пророкот Мојсеј и се пет на број: Битие, Излез, Левит, Броеви, Повторени закони. Самиот Исус Христос на тие книги им го дава општото име -Мојсеев закон (Лк. 24, 44).
38.    Книгата Битие
содржи опис за создавањето на светот и човекот, а исто така, ја содржи и историјата за востановувањето на благочестието во првите времиња од постоењето на човековиот род.
39.    Другите четири книги на Мојсеј
ја содржат историјата на благочестието во времето на пророкот Мојсеј и на, преку него, дадениот Божји закон.
40.    Кои се историски книги на Стариот завет?
Историски книги на Стариот завет се книгите: Исус Навин, Судии, Рут, Царства, Паралипоменон, Ездра, Неемија и Естир.
41.    Кои се поучни Старозаветни книги?
Поучни книги се: книгата Јов, потоа Псалтирот и Соломоновите книги.
42.    Какво место зазема Псалтирот во Стариот завет?
Псалтирот, покрај тоа што содржи учење за благочестието, содржи и укажувања за неговата историја и многу пророштва за Христос Спасителот. Таа е превосходно раководство кон молитва, прославување на Бога и затоа постојано се употребува во црковното богослужење.
43.    Кои Старозаветни книги се пророчки?
Пророчки книги се книгите на пророците: Исаија, Еремија, Езекил, Даниил и книгите на дванаесетте мали пророци.
44.    Колку книги има во Новиот завет? Во Новиот завет има дваесет и седум книги.
45.    Кои се Новозаветни законски книги?
Законски книги, односно книгите кои првенствено ја составуваат основата на Новиот завет со право можат да се наречат Евангелие. Него го сочинуваат четирите книги на евангелистите: Матеј, Марко, Лука и Јован.
46.    Што значи зборот „Евангелие"?
Зборот Евангелие е грчки збор и значи благовестие, односно добра и радосна вест.
47.    За што се говори во Евангелието?
Книгите кои ги нарекуваме Евангелие благовествуваат за Божеството на нашиот Господ Исус Христос, за Неговото пришествие (доаѓање) на земјата, за Неговиот живот на земјата, за Неговите чуда и Неговото спасително учење и, на крај, за Неговата крсна смрт, славното Воскресение и Вознесение на небото.
48.    Зошто четирите евангелија го добиле тој назив?
Тие книги се наречени Евангелие затоа што за луѓето не може да има подобра и порадосна вест, отколку веста за Божјиот Спасител и за вечното спасение. Затоа пред и по читањето на Евангелијата во црква го применуваме радосниот восклик: Слава Ти Господи, слава Ти!
49.    Која Новозаветна книга е историска?
Помеѓу Новозаветните книги е и историската книга која е наречена Дела на светите апостоли.
50.    Таа сведочи и говори за слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и за распространувањето на христијанската Црква преку нив.
51.    Што значи зборот „апостол"?
Зборот апостол значи пратеник. Со тоа име се нарекуваат избраните ученици на нашиот Господ Исус Христос, учениците кои Тој ги пратил за да го проповедаат Евангелието.
52.    Кои се поучни книги во Новиот завет?
Учителските (поучни) книги на Новиот завет се седумте Соборни посланија: едно на свети Јаков, две на св. Петар, три на свети Јован и едно на Јуда, како и четиринаесетте посланија на апостолот Павле: кон римјаните, коринтјаните (две), галатјаните, ефесјаните, филипјаните, колосјаните, солуњаните - (две), Тимотеј (две), Тит, Филимон и Евреите.
53.    Која е пророчка Новозаветна книга?
Меѓу книгите на Новиот завет спаѓа и една пророчка книга - Апокалипсисот.
54.    Во превод од старогрчки јазик
тој збор (апокалипсис) значи Откровение.
55.    Таа книга содржи таинствено изобразување
на идната судбина на Христовата Црква и на целиот свет.
56.    Како треба да го читаме Светото писмо?
При читањето на Светото писмо треба да се запази следново. Најнапред, неопходно е да го читаме со вера и почит, како Божјо слово и со молитва за негово разбирање; како второ, треба да го читаме со чиста намера, за наше поучување во верата и побудување кон добри дела; а како трето, треба да го разбираме во согласност со толкувањата на Библијата кои ни се дадени од Православната Црква и нејзините свети отци.
57.    Што ни потврдува дека Светото писмо е навистина Божјо слово?
Кога Црквата го предложува учењето на Божјото откровение и на Светото писмо на луѓето кои нив се уште не ги дознале, тогаш, таа им ги покажува следниве знаци дека навистина станува збор за вистинско Божјо слово. 1. Висината на тоа учење, која ни сведочи дека тоа не можело да биде изобразено од човековиот разум. 2. Чистотата на тоа учење, која ни покажува дека тоа произлегло од најчистиот Божји ум. 3. Пророштвата. 4. Чудата. 5. Многустраното дејство на тоа учење врз човековите срца, дејствување кое е својствено само за Божјата сила.
58.    Што подразбираме под пророштва?
Пророштвата се знак на вистинското Божјо откровение, и тоа може да се разјасни со пример. Пророкот Исаија го претскажал Рождеството на Христос Спасителот од Дева, нешто што природниот разум на човекот не може ниту да го замисли, и неколку стотици години после тоа пророштво нашиот Господ Исус Христос се родил од Пресвета Дева Марија. Не можеме а да не видиме дека пророштвото било слово на севидливиот Бог и дека исполнувањето на пророштвата е дело на семоќниот Бог. Затоа и светиот евангелист Матеј, раскажувајќи за Христовото Рождество, го наведува пророштвото на Исаија: А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господа преку пророкот, кој вели: „И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил - што значи: со нас е Бог“ (Мт. 1, 22-23).
59.    Што се чуда?
Чудата се дела кои не можат да бидат направени на сила, ниту преку човековото знаење, неговите моќи, туку преку семоќната Божја сила. На пример - воскресение на мртов човек.
60.    Чудата се знак за вистинско Божјо слово.
Оној што прави вистински чуда, тој дејствува со Божјата сила, па следствено на тоа му е угоден на Бога и е причестен од Божјиот Дух. А на таквиот човек му е својствено да ја говори само чистата вистина. И затоа, кога зборува преку Божјото име, тогаш преку него, без сомнение, говори Божјото Слово. Затоа Самиот наш Господ Исус Христос ги признава чудата за важно сведоштво на Своето праќање од Бог Отецот: делата што Ми ги даде Отецот да ги вршам, самите тие дела, што ги извршувам Јас, сведочат за мене дека Ме пратил Отецот (Јн. 5, 36).
61.    Какво е влијанието на христијанското учење?
Моќното влијание на христијанското учење особено може да се види во примерот на дванаесетте апостоли, одбрани од сиромашни, необразова-ни луѓе, луѓе со ниска општествена положба. Сепак, со христијанското учење тие победиле и ги покориле под Христос силните, мудрите, богатите; покориле цареви и царства.


Состав на катихизисот


62.    На кои три делови може да се подели катихизисот?
За правилно да го претставиме составот на катихетското учење за благочестието можеме, соодветно со книгата Православна вероисповед, одобрена од источните православни Патријарси, да ја земеме за основа мислата на апостолот Павле кој вели дека во основата на овдешниот живот на христијанинот треба да бидат ВЕРАТА, НАДЕЖТА и ЉУБОВТА. А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта (1 Кор. 13, 13).
Значи, на христијанинот му се неопходни: како прво, учење за верата во Бога и во Светите тајни кои Тој ни ги открива; како второ, учење за надежта во Бога и за средствата за утврдување во неа; и, како трето, учење за љубовта кон Бога и кон сето она што Тој повелува да го љуби.
63.    На кој начин ни се открива патот кон верата?
Црквата не воведува во учењето за верата со посредство на Символот на верата.
64.    Како ни се објавува учењето за надежта?
Раководство кон учење за надежта може да се најде во Господовите слова за блаженствата и во Господовата молитва.
65. Како ни се открива учењето за љубовта?
Начелно учење за љубовта може да се најде во десетте заповеди на Божјиот закон, а исто така, и во Новиот завет (Мт. 5, 44-46; Мт. 10, 37; Мк. 12, 30-38; Лк. 7, 47; Лк. 11, 42; Јн. 13, 34-35; 1 Кор. 13, 1-9
и др.).
 
Pravosl.Katihizis.korica.jpg
Со благослов на митрополитот
Кумановско-осоговски
Г. д-р Јосиф
Наслов на оригиналот:
Пространнми Православнми Катихизис Православнои Кафолическои Восточнои Церкви
Лектура:
Петар Георгиевски
Графички дизајн:
Милан Јаковчевски
Печати:
Нипонграфик, Охрид

ИЗДАНИЕ НА ЕПАРХИСКИОТ ЦРКОВНО-ПРОСВЕТЕН СОВЕТ
НА КУМАНОВСКО-ОСОГОВСКАТА ЕПАРХИЈА

 

 

 

 

9-ти февруари, лето Господово 2014

Друго: