Архимандрит Ефрем

Верувајте цврсто, истрајно, и Бог ќе ги реши сите ваши проблеми


За време на својот престој во Русија, архимандритот Ефрем, игумен на светогорскиот манастир Ватопед, во Духовниот центар на Екатеринбургската митрополија одговараше на прашања на верниците.

Дојдовме од Света Гора, која е место на аскеза, молчание, молитва, духовна трезвеност, внатрешен живот. Покровителка и Глава на Атонската Гора е Мајката Божја, и затоа сите манастири таму се Богородичини, а Света Гора уште ја нарекуваат градина на Пресвета Богородица.
Ватопедскиот манастир – манастирот на нашето покајание, како што кажуваат на Света Гора, е единствениот во светот манастир кој е украсен со седум чудотворни икони на Мајката Божја и самиот Чесен Појас на Богородица. И нашиот отец, старец Јосиф Ватопедски, често ни велеше: Каде на друго место би Ѝ било угодно на Богородица да го чува Својот Свет Појас? Девојките во Стариот Завет самите си ги плетеле појасите со свои раце. И кога настапувал денот на нивното официјално стапување во брак, девојката му го предавала тој појас на својот маж, како симбол на девството. И тој Појас, на кого многумина од вас му се поклонија, Богородица го исплела од камилска волна. Со златен конец го извезла царицата Зоја, жената на византискиот император. Таа била многу болна и на сон Ја видела Мајката Божја. Богородица ѝ кажала на царицата дека треба да го убеди Патријархот да го извади Светиот Појас од ковчегот, запечатен од императорот и Патријархот уште во четвртиот век. Кога го положиле Појасот на болната, таа се исцелила. И во знак на благодарност, живеејќи во сопружничка целомудреност, таа го извезла Појасот со златен конец. Научниците тврдат дека во тоа имало Промисла Божја, зашто инаку Појасот не би се сочувал до денешен ден.
Таа светиња, најголемата вредност што ја имаме, ви ја донесовме. Затоа што веруваме дека нејзиното присуство може да ви предаде голем благослов, олеснување, многу благодат, покров и сили. Целивајќи го Светиот Појас, чувствуваме дека Богородица е среде нас. Затоа смирено се молам никогаш да не го заборавате присуството на Светиот Појас кај вас. Се молам благодатта на Богородица да ги исполни вашите срца за да разберете колку е важно и значајно тоа што сме православни христијани, што сме членови на Црквата, и, како што рече Владиката, за да разбереме дека ние сите сме чеда Божји.   

ЗА ПОЈАСОТ

- Оче, вчера имавме среќа да го целиваме Чесниот Појас на Пресвета Богородица. Стаклената површина од ковчежето, под која се наоѓа Појасот, е украсена со камења, кои се несиметрично распоредени. Која е симболиката на таквото украсување?
 - Нема таму никаква симболика. Како што ни го направија ковчегот, така и го донесовме, и тие камења не ги одбираме, зашто тие се веќе сите осветени. Вие на камењата гледавте или на Појасот?  
- Како е правилно да се носи појасчето?  Може ли да се пере?
- Како што носите обичен ремен, така и ова појасче носете го. Може да се пере. Но првата вода не ја излевајте во канализацијата, туку полејте со неа дрво, на пример, зашто појасчето, сепак, е осветено.
- Оче, може ли да го целиваме Појасот во нечистота? Зашто Појасот само три дена ќе биде тука.
- Ако мислите на циклусот што го имаат жените, голема грешка се прави, за жал, тука во Русија, дека во тој период не се целиваат иконите, некои дури ни во храм не влегуваат. Тоа е грешка. Само не се причестуваат. Сѐ друго може да се прави. Што значи тоа, ако жената е подложена на природните манифестации на женската природа, дека таа не е чесна и не е чиста? Тоа не е така.
- Ако човек доаѓа до Појасот на Пресвета Богородица преку ред, слегува ли на него благодат?
- Слегува (се смее).
- Оче, прочитав на интеренет дека многу земји молеле Појасот на Пресвета Богородица да им биде донесен, но биле одбиени. Зошто ваква милост ни е укажана нам, грешните?
- Веројатно, околу шест години нѐ молеа да го донесеме Појасот. Кај нас доаѓаа гости, познати и непознати, министри и епископи. Дури и вашиот Свет Патријарх, откако напиша писмо до нашиот манастир со молба да се донесе Појасот, за да биде уверен во својот успех, напиша писмо и до Вселенската Патријаршија. И навистина, тие два фактора нѐ обврзаа. Но, освен тоа, и ние тоа многу го посакувавме. Кога господин Путин ја пресретна светињата на аеродромот во Санкт Петербург, тој во личниот разговор ни се заблагодари за тоа дека го донесовме Светиот Појас во Русија сега, кога во сиот свет, вклучувајќи ве и вас, владее криза. Рече дека народот има голема потреба од тоа.
- Планирате и други посети на Русија со други светињи од Ватопедскиот манастир?
- Засега нека биде овој Појас, а понатаму ќе видиме. Сѐ по ред нека оди.
- Зошто Појасот на Пресвета Богородица не го однесовте во Омск или во Новосибирск?
- Тогаш ќе треба Појасот да го оставиме овде цела година за да помине по сите градови. Еднаш старецот Паисиј го прашале: „Оче, бевте на јубилејот на илјадагодишнината на Света Гора во 1963 година? – Не, за жал, не бев, но следниот пат ќе одам“.  Кога Светиот Појас по 200 години пак ќе дојде, ќе оди и во другите градови.

 1 Во Ватопадскиот манастир се изработуваат мали копии на Појасот на Богородица. Се смета дека околу 4 милиони такви мали појаси, осветени од Појасот на Мајката Божја, им биле раздадени на Русите за време на престојот на оваа светиња во руските градови од 20 октомври до 28 ноември оваа година.

ЗА МАНАСТИРОТ

- Дали вашиот манастир се наоѓа далеку од манастирот на Свети Пантелејмон? И какви ви се односите со жителите на манастирот?
- Не е многу далеку. И односите ни се добри. Знаете дека на Света Гора секој манастир си има своја самоуправа, тоа е како одделна држава. Еден човек од Европската унија кажа дека тоа многу го зачудило, како може толку дружељубиво да се живее веќе десет века, додека тие, живеејќи во унија, постојано се караат. Јас му реков дека тие се соработници заради телето, односно заради златото, а ние – заради Христос.
- Го познававте старец Паисиј Светогорец? Кажете ни нешто малку за него.
- Многу добро го знаев, многупати се среќавав со него, голема полза добив од тоа. Имаше многу благодати Божји, велика светост. Се сеќавам, раскажуваше како го посетила света Ефимија. Таа дошла кај него во тело и тие разговарале цели осум часа, но не ни кажа за што. Ни кажа само за едно. На прашањето како издржала толку страшни мачења, таа одговорила дека кога пред смртта би знаела каква слава ги чека мачениците на небесата, тогаш многу поголеми мачења би претрпела.
Тој многу пати видел светци. Еднаш тој се преселил во друга колиба. И ноќта, кога сѐ завршил, не можел да ја запали свеќата. Кога ја почнал службата, не знаел кој светец да го спомнува. И здогледал некој висок маж. Мажот му рекол: „Се викам Кипријан, утре ми е празник“.
-  Како да се бориме со помислите кога сме на молитва! На Света Гора сите монаси имаат внатрешна срдечна молитва или само некои?
 - Прво, кога помислите доаѓаат за време на молитвата, треба едноставно да се пренебрегнуваат, да не им се обрнува внимание. А што се однесува до срдечната молитва, таква статистика – колку монаси ја имаат, досега немало. А ја имаат, и нивниот број не е мал. И сите се трудат да ја имаат, сто проценти.
 - Во вашиот манастир се молат за тешките женски гревови?
- Монасите се молат за сите луѓе. Тоа е веќе тајна како тие тоа го прават. Еднаш кај нас дојде монах со многу високо ниво на духовен живот и ни кажа дека цела ноќ се молел за бремените жени кај кои би можеле да се појават проблеми во текот на породувањето. Сакам да кажам дека кога срцето на монахот станува срце на Христос, тогаш почнува да се моли за сите луѓе и дури и за такви поединечни групи. Старецот Паисиј понекогаш велеше: ако го кажам сето тоа што го преживувам, едноставно ќе ме прогласат за луд. Понекогаш, кажуваше, многу долго се молел за сопружнички парови кои се во опасност од развод. Зашто, разводот денес е во мода. И така, во Дух Свет доаѓал во нивните домови и невидливо ги помирувал. Кажуваше, бил во Австралија, и на Кипар, и во Атина, и во Русија. Божјиот човек има многу големи сили и можности.

 ЗА БЛАГОЧЕСТИЕТО   

- Отец Ефрем, сте пееле ли некогаш на клиросот? Какви совети би им дале на руските пеачи? Што мислите за руското клиросно пеење?
 - Отсекогаш многу сум сакал да пеам. И сега пеам. Треба да се пее внимателно и смирено во љубов. Има во Атина еден пеач. Тој ќе отпее нешто, а потоа гледа како народот реагира на тоа. На Бога не Му е угодно таквото пеење. Потребна е стравопочит и смиреномудрие.
 - Отец Ефрем, имав гревови за кои се исповедав пред многу години. Сега не ги правам тие гревови, но многу ме мачи совеста. Што ќе ми советувате?
- Се сеќавате, колку гревови и да сме направиле, милоста Божја е поголема. И ако сте се исповедале за тие гревови, нема што да се грижите. Исповеданиот грев, богословски, се смета за неизвршен. И не заборавајте дека многу големи грешници денес се нацртани на икони, и ние го бакнуваме нивниот свет лик. Милоста Божја е многу голема.
 - Што ќе го посоветувате човек кој се наоѓа во духовна раслабеност, а сака да се спаси?
 - Важно е да има стабилна програма, некоја постојаност. И кога нема расположение, да се принудува да се придржува до своето правило.
 - Како да се врати изгубената вера?
 - Молете се, молете се. Просете, и ќе ви се даде, чукајте, и ќе се отвори, барајте и ќе најдете. Затоа што вистинската вера во Бога е – дар Божји, доаѓа одозгора.
- Отец Ефрем, како да се бориме со раздразливоста и незадоволството? Кому да се молиме?
 - Кому сакате: на Христос, на Богородица, на светците. Кон кого ве влече срцето. Раздразливоста и гневот се – голема страст, која, за жал, сите ја имаме. И треба да бидеме многу упорни во нашите просби и молитви за Бог да ни даде кротост. Кога човек се гневи, дури и лицето му се зацрвенува, и тој заличува на демон.
 - Мил оче, како може човек кој живее во светот да живее за благодатта? И има ли исихија, безмолвие, надвор од монаштвото?
 - Човек кој живее во светот може да живее според благодатта ако е одговорен пред своето семејство, во своите сопружнички односи, ако неговиот црковен живот е правилен, ако го следи животот на Црквата, покажува милост и љубов кон ближниот. Ако сето тоа го исполнува, не е далеку од Царството Божјо.
 А што се однесува до безмолвието, исихијата – тоа не зависи само од нашата внатрешна состојба. Некои ги делат светците на светци на трезвеното делување и на светци на мисионерството. Тоа е голема грешка. Секој свет Отец им проповедал на луѓето независно од тоа дали живеел во светот или во пустина.
 - Кажете, оче, како е правилно човек да се подготвува за Светата Причест? Кај нас, по традиција, мирјаните треба да постат три дена. А свештениците не постат пред причестувањето. Од што е условена таквата разлика?
 - Не знам, во Русија некои свештеници велат дека треба да се пости три дена, некои – пет. Всушност, нема задолжителен пост пред Светата Причест. Доказ за тоа е дека свештениците не постат задолжително. Ако ги држиме одредените пости – четирите многудневни, среда и петок, мислам дека тоа е доволно. Ако некој сака да пости пред причестување дури и цела недела, заради аскеза и од стравопочит, – нека пости. Но дека тоа го озакониле духовници – никогаш и никаде такво нешто не сме чуле. Некои велат дека христијаните треба само еднаш во два-три месеца да се причестуваат. Јас за такво нешто не сум чул. Кога христијанинот нема смртни гревови, тој има право да се причестува дури и многу често.
 - Мил оче Ефрем! Целта на христијанинот е спасение на душата. Корисно ли е да се мисли и да се грижи човек за спасување на душите на своите блиски? Што советувате?
 - Кога човекот се подвизува и ги напрегнува сите свои сили во духовниот живот, му се просветуваат умот и срцето. Тогаш во неговото срце се раѓа таква соборност, што него почнуваат да го загрижуваат страданијата на другите. И тој истовремено може да се натажува за сите и во исто време да биде во постојана духовна радост. Затоа што радоста не е психолошка состојба, туку духовна. Тоа е плод на Духот Свет, како што и апостол Павле ги наброи плодовите на Духот Свет: љубов, радост, воздржание, долготрпение и така натаму. Затоа луѓето што не живеат во Црквата, го немаат она што треба да го имаат. Тие се како живи мртовци. Христос рече: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“. А вистината – таа, исто така, не е идеологија. Вистината е лице, Личност. Христос вели: „Јас сум Вистина“. Затоа и на Пилат, кој Го прашал што е вистина, Христос не му одговорил. Знаете што велат светите Отци? Да прашал Пилат правилно: „Кој е вистината?“, Христос ќе му одговорел.

 ЗА СЕМЕЈСТВОТО И ДЕЦАТА

 - Оче, кому да се моли девојка за да се мажи? Помага ли Богородица во таа молба? 
 - Богородица им помага на сите. Добро е ако млада девојка Ја моли Богородица да ѝ испрати добар млад човек, или ако момче се моли Богородица да му испрати добра девојка. Тука нема ништо лошо.
 - На што мислел Господ кога кажал: „Тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни“? Некои старци советуваат да не се жениме и мажиме во последните времиња.
- Чиста глупост. Христос не зборувал да не се мажат и женат. Тој зборувал дека кога ќе дојдат тие денови, за бремените и тие што дојат тоа ќе биде особено тежок период. Но ако сега зборуваме за крајот на светот, за нас во есхатологијата – тоа е кога ќе умреме. Ви советувам: занимавајте се со Христос, а не со Антихристот. Тоа е нездрава духовна состојба кога многу се зборува за Антихристот, за крајот на векот и така натаму. Некои многу се занимаваат со таа тема. 
- Оче, денес Русија се наоѓа во демографска криза. Не е тајна дека сме на граница на опстанок. И конкретното, и симболичкото спасение имено на нашата земја е во многудетното семејство. Многудетните семејства денес се средната класа. Иако се тоа црковни луѓе, кои не можат да сторат грев во својата работа, тие се наоѓаат на границата на опстанок. И политиката на нашата држава е само на зборови, а на дело не помага. Каков совет можете да ни дадете?
- Прво, ќе кажам дека многудетните семејства во Русија треба да се угледаат на примерите на другите семејства. Ние, на пример, бевме седуммина. Нашите родители беа сиромашни. Но видете, нѐ израснаа сите. И колку уште такви луѓе има. Немојте да посакувате да имате многу деца само ако постои гаранција од страна на државата. Ако таа помага, тоа е многу добро. Но не заборавајте дека и птиците не сејат, не жнеат, но нашиот Отец Небесен и нив ги храни.
Ќе ви кажам за еден трогателен пример. Во еден реон на Северна Грција, се случило во едно многудетно семејство да нема ни пари, ни леб дури. Таткото сакал да подигне некаков кредит, но другата страна немала никаков интерес да помогне. Нивната куќа стоела на крајот од селото, на некои 300 метра од храмот на свети Георгиј. Секоја вечер тие оделе и му палеле на светецот свеќа. И кога сосема биле исцрпени сите средства, таткото пришол до свети Георгиј и му рекол: „Јас веќе не можам. Помогни.“ Потоа, таткото на сон го видел свети Георгиј на коњ. Светиот му рекол: „Ќе одиш утре в црква, таму крај вратата има голем камен, ќе го тргнете каменот и под него ќе најдете три златни лири“. Семејството отишло кај храмот и навистина ги нашло тие три монети. Ете така верата ги спасила.
Не заборавајте дека клучот на сите тајни во Црквата е – верата. Кога Господ на чудесен начин се вмешувал во животот, Тој на една жена ѝ рекол: „Голема е твојата вера. Нека ти биде според желбата твоја“, на друга: „Верата твоја те спаси“, на трет му рекол: „Никаде во Израилот толку вера не видов“.
Верувајте цврсто, истрајно, и Бог ќе ги реши сите ваши проблеми. 
- Дете е зачнато во Страстната седмица. Постојано е болно. Мајката многу страда. Што да се прави?
- Нека се надева на Бога, Кој е Отец за сите нас и ни ги проштева нашите грешки.
- Како да му помогнам на синот? Од гордост не може да дојде в црква, иако веќе не малку поуки доби од Бога. Разведен е. Се причестил само еднаш.
- Молете се. Но, не му кажувајте, зашто ќе ве пцуе. И неговиот час ќе дојде.
- Оче, ќерка ми е венчана, но не е регистрирана. Мажот ѝ се ожени со друга, а ќерката се моли тој да ѝ се врати. Што да се прави?
- Треба да се трпи. Не знам, во Русија многу лесно се разведуваат, многу лесно. Кај нас многу поклоници доаѓаат. Две третини од нив или се во втор, или во трет, или во четврт, или дури во петти брак. А знаете која е причината? Тоа е затоа што често имаат само граѓански брак, не се венчаваат, и на нив не доаѓа благодатта Божја за да помогне во семејните работи. Затоа, оние што не се венчани, треба задолжително да се венчаат, и дури ако се во години. Сите. И колку што може побрзо.
- Мил оче, како е правилно да се научат децата на црковна служба, за кога ќе пораснат да не се лутат на нас?
- Земајте ги децата во храмот, но не на сите служби. Ако го земете детето на пет часа, тоа ќе побегне од храмот. Децата не можат толку долго да издржат да стојат на нозе. Со притисок и принуда, таа работа не оди. Затоа велат дека највиша добродетел е – расудувањето. Доброто, велат, не е добро, ако не се прави на добар начин.
- Како е правилно да се воспитуваат децата: да се казнуваат со ремен или не? Или, само на добар начин и без принуда?
- Сепак снисходете кон децата. Притисокот, прекумерната строгост никогаш не носат полза. А знаете што помага? Делото. И повеќе од сѐ – молитвата. Не им зборувајте многу на децата за Бога, а зборувајте многу со Бог за децата.
- Како да се воспитуваат децата во православна вера ако мажот е неверен и против воспитување во Православие?
- Тајно. Учете ги скришум од таткото за тој да не може да разбере што се случува. За потоа да не се карате.
- Оче, што да се прави кога децата западнале во секта?
- Ако се случи нешто такво, треба да се молите. Такви се јеховистите, тие се неразумни луѓе. Молете се. Едно од најтешките и најмачни искушенија е тоа кога нашите деца паѓаат во тие мрежи.
- Оче, зошто современите деца се толку жестоки и се одделуваат од родителите?
- За жал, поради многуте гревови во светот многу е ослабена човечката природа воопшто. Родителите не се секогаш праведни. И самите поради многуте гревови немаат внатрешна рамнотежа. И раѓаат деца кои немаат мир. Затоа им советувам на сите мајки, секое утро на малите и на големите деца да им даваат едно лажиче света вода. Многу помага.
- Како сама мајка без татко правилно да го воспитува своето дете? Што е најважно?
- Мислам, да му пружи љубов на детето. Љубовта сѐ покрива. И уште е потребно мајката многу да се моли за детето, зашто благодатта Божја сѐ ќе пополни.
- Како, оче, млад човек кој сака да ги реализира своите таленти и способности, но има финансиски проблеми, да Го моли Бога?
- Бог ќе му помогне на човекот да ги реализира своите таленти дури и во отсуство на финансиски можности. Понекогаш исто така седам и размислувам за следното. Еден чисти улици, и задоволен е. Друг е дрводелец, и задоволен е. Трет е санитетски техничар, четвртиот бизнисмен, петтиот претприемач, шестиот претседател, некој гувернер. Мислам, голема тајна е како Бог ги распределува сите луѓе на разни места и на сите им дава мир.

 ЗА СВЕТОТ И ДРЖАВИТЕ

- Кажете ни, во Грција Православието е државна религија? И во што тоа се покажува?
- Да, тоа е официјална религија. 98 проценти од населението се православни.
- Оче, како да се објасни тешката положба на економијата во Грција и таа ситуација во која се наоѓа сега вашата земја?
- Причината за кризата е во тоа дека и ние, Грците, за жал, не го почитуваме тоа богатство што го имаме – Православието. На Грците, за жал, исто така изврши влијание духот на Европа. Народот се оддалечи од православното предание. А Бог сето тоа го дозволува за да се смириме. Оваа година луѓето дури и кредити земале за да одат на одмор. Јас никогаш не сум бил на одмор. Што изгубив? Не мислам дека нешто сум изгубил.
- Вашиот однос кон екуменизмот? Вашето мислење за единствената универзална електронска картичка?
- Екуменизмот е движење што сака сите таканаречени христијански вероисповеди да се зближат според нешто. Ние воопшто не сме против дијалози, но тие дијалози треба да се одвиваат на правилни основи. Треба да знаеме, пред да одиме на такви состаноци, дека припаѓаме на единствената Света и Апостолска Црква.
Што се однесува до граѓанските картички, како што кај нас ги нарекуваат личните карти, ние сме против тоа, и не од духовни причини, зашто тоа не е печатот на Антихристот, кој ќе биде на раката и на челото, туку затоа што така се намалува почитта кон човечката личност. На пример, владата што сега ја избраа во Англија, во својата предизборна кампања зборуваше за тоа дека тие нема да ја прифатат граѓанската картичка. Се разбира, тоа не е од духовни причини. Тие воопшто немаат такви интереси. А тоа е затоа што се гази директно на слободата на личноста. Мислам дека тие лични карти што постојат сега можат слободно да се земаат. Не треба да се создаваат искушенија каде што ги нема.
- Како се однесувате кон глобализацијата?
- Ако го имате предвид процесот на мешање на сите земји и култури во едно, тоа едноставно нема да им успее. Ние, како православни, се разбира, тоа нема да го прифатиме. Ние не сакаме глобализација на луѓето. Ние сакаме глобални, односно вселенски луѓе. А вселенски се светите, кои со своите молитви сиот свет го земаат во прегратка.
- Набрзо во земјата ќе имаме избори за претседател. Како православниот човек да се однесува кон изборите, ако нема доверба во никого? Правилно ли е да стои настрана?
- Треба да се раководите од следната девиза во врска со политичарите: од двете зла да се избере помалото. Не чекајте идеални состојби. Вие сте во многу подобра состојба како земја отколку ние, Грција. Кај нас по министрите, премиер-министрите и претседателите фрлаат со јаца, павлака и така натаму. Тука макар не сте стигнале дотаму. Не знам како ќе биде во иднина.
- Верувате ли дека ќе се врати монархијата во Русија?
- Мислам дека не може да се воспостави монархија во Русија. Тоа, веројатно, веќе му припаѓа на минатото.
- Гопод да ве спаси, оче Ефреме, и сите монаси на вашата обител за најголемиот дар кој ѝ го подаривте на Русија. Прашање е само дали Русија ќе се сочува? Гледајќи на огромните редици за поклонение пред Светиот Појас на Царицата Небесна, со солзи верувам – Русија ќе постои. Да ве спаси и чува Господ.
- Не се плашете, Русија нема да се распадне. Обратно, ќе закрепне и ќе ја одигра главната улога во спасувањето на сето Православие на земјата.

„Весник на Фондот на Андреј Првоповикан и Центарот за национална слава“, број 4, 2011 г.
 

Извор: ПРЕМИН  бр. 77/78

 

Друго:

Игуменот на Ватопед е уапсен и однесен од Света Гора (27.12.2011)