РАЗГОВОР СО СТАРЕШИНАТА  НА МАНАСТИРОТ, СЕСТРА МАКРИНА

 

1. Манастирот во којшто живеете е посветен на Свети Архангел Михаил. Кога е изграден манастирот?

berovo.sanacija.jpgИзграден е во турско, во 1818 година, и за начинот на кој е изграден е врзана една прекрасна легенда. Имено, во тогашното гратче Берово немало христијански храм, и населението испратило една делегација од највидните граѓани на Берово да побараат дозвола од турскиот валија во Радовиш, а овој, за да не ги одбие директно им поставил три невозможни услови: прво, да ја изградат црквата за 40 дена, второ, да биде под земја и да не се гледа крстот, и трето, една од ќерките на свештеникот од делегацијата да му ја дадат за неговиот личен харем... Беровчаните ги прифатиле сите услови! Замислете го тој елан, таа верба во Бог, меѓусебната слога на луѓето од тој период!!! Бидејќи живеам во овој манастир веќе десет години и секојдневно сум во црквата, го гледам тој дух на тие луѓе и просто ја гледам и бездната меѓу тоа какви сме ние денес, и какви биле тие тогаш, сплотени околу една заедничка идеја, спремни да го дадат животот за да ја остварат... Често пати кога размилсувам зошто Господ (условно речено), не го дава благословот за Македонија, си мислам дека ова мора да е една од причините: оладувањето на меѓусебната љубов, гасењето на верата, стравот од веронаука(!), општото опаѓање на моралот, дезориентираноста на егзистенцијален план што повлекува незнаење и изгубеност во секојдневнието. Иако сме различна вера со Албанците, а и различен етнос, длабоко ги почитувам заради тоа што кај нив од далеку ќе ги видите овие вредности, за кои велам дека кај нас со текот на времето се загубиле... што значи тоа да го дадеш својот живот за братот? Кажете ми од ваше лично искуство една македонска фамилија каде што брат со брат не се со години скарани околу правно имотните односи? Ретки се, а такво ни е целото општество. Болно. Секој гледа за себеси. Страдаме од акутна себичност од која потоа произлегуваат цела палета на најразлични болки и болести. А ова е така затоа што Бог е истуркан на маргините од заедницата. Без верата во Некој како што е Бог, оставени сме самите на себеси, а тоа е, ќе признаете прилично ризичен пат за одење. Јас го разбирам бунтот на човечката раса и нејзиниот крик за слобода од секаков вид на детерминизам, но овде станува збор за нешто друго. Христос во Евангелието зборува за новата заповед што тој ја му ја носи на светов, а тоа е заповедта на Љубовта. Во љубовта нема детерминизам туку само слобода. Всушност едното не може без другото, и во тоа се состои единствениот детерминизам во верата; за да верувате вие мора да љубите а за да љубите потребна ви е слобода од себеси! Оној кој љуби му се принесува на другиот во слобода, а тоа значи дека не бара ништо за возврат, т.е. љуби затоа што сака да љуби, а не заради ситносопственички односи, а во ова не ретко спаѓа и хедонизмот.

1. Да се вратиме на манастирот. Кога била основана првата монашка заедница и колку време постоела како таква?

Некаде околу 1850 година, првите калуѓерки биле поврзани со свештеникот што бил учесник во делегацијата од почетокот на приказната.....Овој манастир има одиграно значајна улога во културно-историските случувања на регионот, во организирањето на востанијата, Разловечко, Илинденско; овде било и првото келијно училиште во Источна Македонија, поврзано со едно звучно име како Јоаким Крчовски... До пред крајот на 2 светска војна бројот бил во континуитет до 60-70 монахињи. Манастирот бил исклучително богат со земја, стока, со активности... Веќе неколку години по војната состојбата почнала драстично да се менува. Тоа било некаде во педесеттите години на минатиот век. Бидејќи државата наметнала високи даноци за поседувањето земја, монахињите биле принудени да „ја подаруваат земјата“, а голем дел од имотот и стоката им бил конфискуван од страна на новонастанатата држава. Постарите луѓе во градот, а особено свештениците се сеќаваат дека во тоа време имало околу десетина млади искушенички во манастирот коишто сакале да се замонашат и да му го посветат животот на Бог, меѓутоа под притосок на новата власт, а и од страна на општеството, коешто веќе масовно почнало да го менува курсот на пловидбата, тие принудно се откажале од својата желба и се вратиле во светот, продолжувајќи со претходниот начин на живот. Така било во Русија, во Србија, Во Бугарија, во Романија и сите други земји во кои завладеа социјализмот. Освен во Грција на Балканот, речиси во сите земји од Источна Европа, Бог беше едноставно укинат со декрет.Денес кога се соочуваме со тековните проблеми, мора постојано да имаме на ум дека истите се последица од одредени случувања во минатото, коишто беа база на претходниот систем, и кои за да се надминат, беше неопходно на луѓето да им се даде некаков сурогат на верата, замена за вистинскиот Бог, а тоа беше Тито, т.е. другите комунистички лидери, т.е толку на сите нам познатата Комунистичка Партија. Овие лажни богови успеаја половина век па и повеќе да владеат со пола од земјината топка.

2. Зошто Македонија е единствената земја од тој источен блок што не успеа да излезе од тој систем?

Ние сме едно младо општество кое се стреми да постави здрава основа на било што што понатаму ќе се гради, и претпоставувам дека сите оние кои сакаат да учествуваат во структурите на власт, без разлика како и да се ориентирани, се свесни за тоа. Значи не е поента сега да се применуваат истите методи како што тоа го правеше претходниот систем, т.е со принуда, со присила и со страв. Иако ретко кој во Македонија, посебно од оние што сега се левичари, можат искрено и вистински да почувствуваат потреба од промена... а тоа е така затоа што кај нив еднаш веќе е направено т.н. плакнење на мозокот, коешто после тоа се пренесува преку структурата на ДНК, па тие немаат потреба нешто да менуваат, туку напротив, да бидат по дифолт против промените. Парадоксот кај нас е што, освен една мала критична маса што се појави во деведесетите години на минатиот век, поголемиот дел од луѓето во тогашната СРМ не без незадоволни од дотогашниот живот!!! Кај нас немаше почва погодна за револуција. Прашање е дали воопшто ќе ја има некогаш.

7. Тогаш кој ги „правеше“ проблемите?

 Првенствено, тогашната СРМ беше алка во синџирот... Сепак, први почнаа да реагираат оние што беа незадоволни од системот. Пред сè Албанците, и групата освестени Македонци, коишто не можеа себеси да се почувствуваат како Југословени. Исфрустрирани во СФРЈ исто како што беа едни Словенци или едни Хрвати. За сите нив распадот беше ослободување. Убавата и романтична идеја за заедничка држава на т.н. јужни Словени, сепак имаше еден залог кој се депонираше по затворите од типот на Голиот Остров, и стравот беше толку длабоко всаден во психата на луѓето, што денешнава ситуација кај нас во Македонија би можел совршено да ја сфати еден Платон, кој за овој тип на ситуации зборува во митот за Пештерата. Масата луѓе се родиле и се научиле да живеат во Темнина и мислат дека така треба, дека тоа е добро, дека тоа е единствената опција. Спремни се да го распнат оној што ќе им зборува за светлината. Излезот е во тоа секој да тргне од себеси, најпрво да си ги увиди сопствените грешки, да се покае за да не ги повторува, оти човечки е да се греши, но ѓаволски е да не се престане. Со безизлезот, тапкањето во место...
За жал, тоа најдобро се чувствува во помалите градови низ РМ, а за селата да не зборуваме. Градот Берово може да послужи како пример за тоа колку државата не се грижи за тоа што се случува во провинцијата, колку малку, или речиси воопшто не се вложува во развојот на овие места коишто се колатрална штета на транзицијата! Во последниве триесет – четириесет години во Берово не е поправена ниту една улица, ниту еден тротоар, луѓето се препуштени на милост и немилост на времето, на сопственото снаоѓање... А тоа не е во ред. Со само малку вложување и внимание, Берово може да стане туристички бум, не само во источна Македонија, туку многу пошироко, бидејќи во последно време е многу голем интересот и посетата на странски туристи, на чијашто навала за жал, локалната инфраструктура не може соодветно да одговори... Крајно време е Скопје да почне да се грижи за својата позадина!

berovo.sanacija2.jpg berovo.sanacija3.jpg
8. Имате ли разбирање од страна на населението?

Во времето на комунизмот поголемиот дел од манастирот беше претворен во музеј. Кога дојдовме во манастирот во 2000 година, ние ги вадевме музејските експонати кои беа изложени по собите од конакот. Имаше една среќна околност што луѓето коишто тогаш работеа како кустоси и имаа канцеларија во манатриските конаци, имаа огромно разбирање за нашето доаѓање и ни излегоа во пресрет, помагајќи ни да го средиме просторот за колку - толку нормално живеење. Меѓутоа, тоа што манастирот цели 50 г бил перцепиран како музеј, си го направи своето. Има и ден денес моменти кога луѓето (се разбира, не сите), нè доживуваат како дел од музејските експонати. Конакот во кој живееме е во многу лоша состојба за живеење, покривот на многу места прокапува, а овде често паѓаат дождови така што повеќето од собите се надвор од употреба, да речеме од десетина соби, можат да се користат само три... Освен тоа, бидејќи темелите се неколку метри вкопани под земја, целиот конак е нагризан од влага, којашто освен што полека но сигурно го гризе целиот објект, лошо влијае на нашето здравје.

berovo.sanacija4.jpg  berovo.sanacija1.jpg

9. Што е со црквата?

Целиот северен ѕид е сосема уништен од влага и јас се плашам дека не е далеку денот кога може да се урне... Мене ми е единствена утеха кога си ја замислувам силата на луѓето што ја изградиле оваа црква за 40 дена... Денес луѓето се со закоравени срца, а јас кога барам помош од сите релевантни фактори, се чувствувам како глувиот што му се обраќа на слепиот! Наидувам на бесчувствителност, тромост, неверување... страшна инерција. Дворното место зад манастирската црква е исто така во многу запуштена состојба, и оградниот ѕид е пред распаѓање, и  иако е ова објект од јавен интерес, се уште никој нема почувствувано лична одговорност (или потреба) да вложи во неговата заштита и санација. Мене лично ми предизвикува една акутна болка, којашто постепено преминува во состојба, нашата незаинтересираност и негрижа за сопственото културно богатство, коешто нашите предци ни го оставиле во наследство, но ние сме неспособни да го одржуваме и негуваме. За мене овде се крие причината за нашите моментни неуспеси на било кој план. Со тоа што можеби едноставно ова е само проверка на нашето трпение, до каде можеме да издржиме. И тоа не е спорно. Но, се прашувам, што е со обратната перспектива на нештата: до кога Бог (нас) ќе нè трпи (вакви)?

berovo.sanacija5.jpg berovo.sanacija6.jpg

10. Нели е тоа малку премногу песимитично од ваша страна?

На тоа ме упатува реалноста. Практичната реалност. Се разбира, нашата вера во суштина нè прави секогаш отворени за позитивна промена, што би рекол народот, да е на арно. Но од крстот нема бегање. Оној што еднаш се качил, не може самиот да се симне, треба да почека (другите) да го симнат. Фала Му на Бога, живееме со надеж на Воскресение...

berovo.sanacija7.jpg berovo.sanacija8.jpg

berovo.sanacija9.jpg

berovo.sanacija10.jpg berovo.sanacija11.jpg

 

 


Разговорот го водеше К.Т.

Посети:{moshits}