Одговори на Вашите прашања  

 

Прашање од „М“: Од кога и каде потекнува Исусовата молитва и кој ја измислил и ја востановил?

                          Исто така ме интересира зошто моитвата Оче  нас,  не е толку често употребувана како Исусовата молитва?

 

Одговор:


Браќа, почнувајќи од утрото, преку целиот ден, а ако е возможно продолжете да повикувате и во текот на ноќта: Господи Исусе Христе, помилуј ме, и присилувајте го вашиот ум на ова дело постојано, до самата смрт. -Св. Јован Златоуст
За потребата од постојана молитва, има  потреба постојано да се зборува. Уште светиот апостол Павле рекол: молете се постојано!.. Значи, молитвата е нешто без кое не можеме да живееме, за неа многу зборуваме, но за жал малку ја практикуваме. Ние, православните христијани знаеме дека Светото Предание има подеднаква важност со Светото Писмо, и оттаму можеме да ги најдеме одговорите пред се за суштината на молитвата, а потоа и за историјата и потеклото на различните видови молитви. Исусовата молитва била практикувана уште од првите христијани. И во Евангелието кога слепородениот моли: Исусе Сине Давидов, помилуј ме!, потоа митарот, разбојникот... и сите добиле одговор на молитвите. Значи најважна се собраноста, искреноста и љубовта во молитвата. Потоа оваа молитва ја менувала својата форма, и како што гледаме од зборовите на св. Јован Златоуст уште од четвртиот век ја има истата форма: Господи Исусе Христе, Сине Божји помилуј ме грешниот! За Исусовата молитва се вели дека е Вселенска или сеопфатна, затоа што во неа се се исповеда и правослваната Догматика ( Го исповедаме Господ Исус Христос, како Син Божји, а никој не може да го исповеда Исус Христос  како Господ без Светиот Дух) а воедно и молиме, благодариме, славословиме...
Поради краткоста на оваа молитва, човекот може полесно да се собере во зборовите на молитвата и да остане во неа. Плодовите кои ги дава Бог преку оваа молитва, до сега се многупати засведочени од многу светители, од св. Апостол Павел до св. Јосиф Спилеот, а сведоштвото и натаму продолжува во Црквата Христова, која е народот.
Молитвата Оче наш е вметната во секое молитвено правило, но заради должината, човекот повеќе се расејува, и затоа не се употребува толку често како Исусовата молитва, која може да се заснова и само на Господи помилуј. Така, Господ и нас да не помилува, зашто кога и за Бога зборуваме во моментите кога благодатта ни е повлечена, правиме само штета, прилегајќи на фарисеите кои ниту тие влегуваат ниту ги пуштаат другите да влезат во Царството на Љубовта.
 Господ да не помилува и прости како Благ и Човекољубец.