IvicaTodorov

 

 

 

 

 

 

 

Одговара: Презвитер Ивица Тодоров

ПРАШАЊЕ: Дали за време на Литургијата е дозволено да се палат свеќи во црквата?

ОДГОВОР: Погледнато од аспект на севкупното предание на Црквата палењето на свеќи за време на Лиургијата, кое е секогаш пропратено и со лична молитва од оној што ја пали свеќата, нема свое посериозно богословско објаснување. Па, ако бидиме и искрени нема ни своја историска и литургиска поткрепа. Самата Литургија - како заедничко дело на Народот Божји - во себе ја содржи смислата сите кои учествуваат на неа да се слеат во една молитва, во едно благодарење и славење на Троединиот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, а како кулминација од сето тоа да се причестат со Телото и Крвта на нашиот воскреснат Спасител.

Личната молитва за свои потреби, пропратена со палењето на свеќата во храмот како симбол на Божествената вистина и љубов (светлината од свеќата ја симболизира - вистината, а топлината - љубовта), има смисла само надвор од Литургијата, но за жал, поради сериозното отстапување од автентичното литургиско предание во современиот живот на Црквата оваа пракса е скоро секаде присатна, и самата по себе не преставува некој проблем. Радува фактот, дека секаде каде што служебното свештенство (епископ - презвитери - ѓакони) заедно со Народот Божји, се враќаат на атентичното литургиско предание на Црквата таму сите неоправдани историски “наноси” се чистат преку еден природен, и во Духот Свет , благословен начин.