(Обновено)

 Rozdestvo.Markov.jpg

IV. 2. Богородица и Рождеството Христово
Со послушноста и смирението, што ги покажала новата Ева – Дева, почнува Новиот завет, новиот свет, новото создание, новото човештво. Стариот завет ја погазил послушноста кон Бога и го показил смирението, со што го урнал мостот помеѓу земјата и небото; но Пресвета Богородица повторно го изгради тој мост, постанувајќи и самата мост помеѓу небото и земјата. Благодарение на нејзиното постоење, небото се исполни со прероден народ, кој Пресвета Богородица го пренела од земјата на небото. А земјата Го примила како свој жител новиот Човек, Владиката на небото – Христос.


Новозаветните дела и настани ги исполнуваат старозаветните пророштва. Ангелот потсетува дека роденото е вистинскиот и очекуван и ветен Месија и ги цитира зборовите на пророк Исаија, кој по Божјо вдахновение го искажал раѓањето на Месијата од Девица. И зачнувањето и раѓањето е чудо, зашто се нарушени природните закони, но и не е чудо, зашто станува збор за Господа Исуса Христа.


Преку зборовите: Од утробата на мојата мајка Ти си мојот Бог (Псал. 21,10) – јасно се означува дека Синот е роден без маж, буквално речено, „истргнат“ е од утробата и телото на света Дева, зашто друг е начинот на раѓање на родените по редот на сопружништво. Јудејците и Елините велат дека невозможно е Христос да се роди од Девица. „А што е потешко Јудејци? Девица ли да роди, или жезал да се претвори во живо суштество? Вие признавате дека жезалот на Мојсеј се претворил во змија со очи и заби - по таков начин од жезалот се родиле очи што гледале; а од девствена утроба не може ли да се роди Младенец, кога тоа Му е угодно на Бога!?“ 


Затоа уште од апостолско време па сè до денес, сите кои искрено Го љубат Христа ја почитуваат и онаа која Го роди, Го воспитуваше и заштитуваше во деновите на Неговата младост. Ако Бог Отецот ја избра, Господ Светиот Дух слезе на неа и Господ Синот пребиваше во нејзината утроба и беше послушен во деновите на младоста Своја, тогаш зарем не би требало секој кој ја исповеда Света Троица, да jа почитува и неа.


Дева родила тајно, сама раѓа, сама повива. Обичните жени сосема поинаку постапуваат: тие раѓаат со помош на друг и нивните дечиња ги повиваат други жени. Кај Пресвета Дева се случи поинаку - таа е мајка без тешкоти и маки. Таа самата на себеси е бабица, која никој не ја поучува. Таа не дозволи никому да се допре со нечисти раце до роденото од неа пречисто Детенце, туку самата му служи на Оној, Кој Го роди и кој е поголем од неа. Таа сама Го повива и сама Го става во јасли. Една црковна песна, потсетувајќи нè на настанот во пештерата, чуствата на Богомајката ги искажува вака: Го држи во раце воплотениот и облечениот во човечка слика Господ, и Го бакнува како мајка, па му вели: Најслатко чедо, како јас Те држам на своите раце, Тебе, Кој со својата рака држиш сè што е создадено.


Но Господ Исус Христос бил смирен и имал синовска смиренопослушност. А тоа го покажал со тоа што одлучил да се роди како човек во тело. Оти пониженото човечко тело за Него беше уште попонижена пештера, отколку што беше Витлеемската пештера. Освен тоа, Он ја покажа Својата смиренопослушност и со самото раѓање во прескромната средина и во сиромашните услови за живеење: во малку познат народ, во уште помалку познато село, од Мајка сосема непозната за светот.


Синот Божји преку Дева Марија Богородица можеше да стане човек во сета Негова полнота, и на тој начин станувајќи на сè сличен на првиот Адам, да биде роден како тој, бессемено, и првиот човек да го искупи од гревот: Зашто како што од Адамовото ребро ја создаде жената, така од неговата ќерка Марија, Приснодева и Богородица, позајмувајќи тело и примајќи го, се родил слично на првосоздадениот, бесемено, за како што Адам низ престапот стана почеток на нашето раѓање во распадливост и смрт, така и Христос Бог, преку исполнувањето на целата правда да стане почеток на нашиот препород во бесмртност и нетленост. Значи Дева зачна и парадоксално го роди во две природи Божествена и човечка, единиот Син, совршен Бог и совршен Човек, Господ наш, Исус Христос, кој ниту нејзиното детство го повреди, ниту од татковските прегратки се оддели. 


Па затоа, прославениот историчар на културата Винстон Стјуарт Чемберлен, во својата книга Основите на XIX век, вели: „Раѓањето на Христа од Дева е најважниoт датум во целата историја на човештвото; ниедна битка, ниедно управување, ниедна природна појава нема такво значење што би можело да се спореди со раѓањто на Христа од Дева. Еве веќе двеилјадна историја го докажува тоа. Дури во извесна смисла би можеле да речеме дека суштинската историја започнува со раѓањето на Христа од Дева“.


Но ова раѓање на Христа од Дева ги збуни многумина, меѓу кој прв беше нејзиниот обручник, праведниот Јосиф. Тој не знаеше дека неговата свршеница ќе Го роди Христос, за Кого претскажуваа пророците. Може ли да се замисли што сè било во чистата душа на овој праведен старец, кога се увери дека Марија е тешка? Светата Црква ја искажува состојбата на неговата душа. Тој гледал на света Дева и не можел да поверува на своите очи. Мислел дека тоа е сон, но и во сон не очекувал да го види тоа. Тој не знаел за Благовестието.

Праведниот Јосиф долго се борел со себе, како да постапи со Марија. Иако имал право да ја изобличи бремената девојка и да ја даде на суд според Мојсевиот закон, тоа не го направил. Таквата жестокост била спротивна на неговиот кроток карактер, како и на она почитување кое го имал кон Пресвета Дева, иако се сомневал во неа. Во оваа прилика Јосиф покажува прекрасна мудрост; ниту ја обвинува, ниту ја прекорува, туку смислил само да ја отпушти - вели св. Јован Златоуст.


Кога ја донел одлуката праведниот Јосиф да го направи тоа што го намислил, тогаш нему му се открива оваа длабока и збунувачка за него тајна: Но штом помисли така, ангел Господов му се јави на сон и рече: Јосифе, сине Давидов, не бој се да ја примиш Марија, жената своја, зашто зачнатото во неа е од Светиот Дух (Матеј 1, 20).


И во таа тешкотија на Јосифа му се јавил ангел Божји. Бог му ја открива својата промисла и небесна тајна дека Марија е чиста, а зачнатото не е плод на прељуба, како што мислел тој, туку благослов и плод на Светиот Дух. Зошто ангелот му се јавил откако Марија останала непразна? Ако ангелот му го кажал тоа на Јосифа пред зачнувањето, тој немало да поверува, како што и самата Дева се прашувала како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж? (Лука  1,34). Праведниот Јосиф ја прима анангелијата (ангелска вест) без приговор – како апсолутна Божја вистина. Зошто ангелот не му се јавил на јаве, туку во сон? Бог, кога сака да благовести преку ангел, тоа го прави на јаве или на сон. На оние кои имат силна вера им се јавува во сон, бидејќи сонот за нив е еднаков на јавето. Потоа ангелот на Јосифа му вели: Не бој се, бидејќи тој се плашел да ја земе Марија, што значи да ја прибере во својот дом и да се грижи за неа и за Детето како вистински татко, иако не е Негов татко и иако нема никаква врска со Неговото раѓање.


А сето тоа стана за да се исполни кажанато од Господа преку пророкот, кој вели: И ете девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил –  што значи – Со нас е Бог (Матеј 1, 22-23).
Ангелот, цитирајки го пророштвото, сака да докаже дека тоа благовестие не е ново, туку им било кажано и на пророците дека Девица ќе роди Син и дека народите ќе го наречат Емануил. Името Емануил значи „Со нас е Бог“. И навистина Бог е со нас, со целото човештво. Во Стариот завет Он бил со луѓето и тогаш им јавувал пророштва и им дал закон, а во Новиот завет Он Сам доаѓа во човечко тело (од Дева Марија), за да биде со луѓето.


Штом се разбуди Јосиф од сонот, направи така како што му беше заповедал ангелот Господов и ја прими жената своја. И  не се доближи до не, додека таа не Го роди својот првороден Син (Матеј 1, 24- 25).
Штом се разбудил Јосиф од сонот без да размислува дали тоа е сон или вистинска Божја наредба, постапил според зборовите на ангелот. Од сето ова се гледа силната вера и послушност на обручникот Јосиф. Затоа Бог го одбрал него за таква чест и му ја доверил светата должност да се грижи за Богомладенецот и Неговата Мајка.


По сето ова, чистата душа на Јосиф, која имала пламена вера во Бога и го примила ангелското известување како несоборлива вистина, повеќе немаше сомнеж и не му беа потребни големи докази.
Во зборовите дека не се доближил до неа додека таа не го роди својот првороден Син,  блажениот Теофилакт објаснува: „Јосиф Неа никогаш не Ја позна како жена затоа што е праведен и знаеше дека му е дадена од Божијот храм за чување на нејзиното девство, а не за брак. А што се однесува на Евангелските зборови дека Таа не го роди треба да се има на ум дека во Светото писмо изразот додека обично означува време кое не престанува, што значи никогаш.“  


Во тие дни излезе заповед од ќесарот Август за попис на сите жители. Тоа беше прв попис за управувањето на Квириниј во Сирија. И отидоа сите да се запишат секој во својот дом (Лука 2, 1-3).
Императорот Август не предвидел во часот за попис на народите дека Некој повозвишен ја движел неговата рака и тој требало да биде само орудие за исполнување на вечните Божји планови. Можеби и тој не го знаел името на малото гратче Витлеем, кое преку неговиот указ за попис станало центар на целата светска историја. Но, според Божјата промисла, императорот од Рим требало да се вмеша, за да се исполни старото пророштво.


Отиде и Јосиф од Галилеја, од градот Назарет, во Јудеја, во градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи беше од домот и племето Давидово, за да се запише со Марија, свршената за него жена, која не беше празна (Лука 2, 4-5).


Витлеем е место на средба на историјата на човечкиот род и животот Христов, царските наредби и остварување на пророштвата. По ова извесно е дека Христос се родил во време на првиот попис на народот. А и времето на пописот може и денес секој кој би се потрудил внимателно, да го добие од историските извори за тоа време.


Витлеем беше во Јудиното колено и за разлика од Завулоновото се викаше Јудино, и во него се роди Давид, па затоа се сметал за семеен град на неговите потомци. Овде морал да дојде да се запише и Јосиф, како потомок на Давид. Марија како женско, не потпаѓала во народниот попис, па можела да остане дома, што, всушност, ѝ наложувала нејзината состојба. Таа немала браќа и сестри, а таквите девојки како наследнички на името и на целиот семеен имот, потпаѓат под пописот непосредно со машките. Поради тоа благодатната Дева од семејството Давидово, иако беше во последните денови од својата бременост, мораше да оди во својот семеен Витлеем, и Своето име да го запише во списокот во царските податоци.


А кога беа таму, нејзе ѝ дојде времето да роди (Лука  2, 6).
Кога пристиганале во Витлеем, на Марија ѝ дошло времето да роди. Нејзиниот обручник  Јосиф насекаде низ градот барал место каде да се сместат, но не можел никаде да најде преноќиште. По извесно барање, семејството нашло засолниште во една пештера, во која пастирите ја затворале стоката при невреме. Во оваа пештера,  надвор од градот, света Дева и Јосиф биле во потполна тишина, далеку од светската врева и само во друштво на Бога и ангелите. И токму тука благодатната Приснодева, сама, без ничија помош, без страдање и без болка го родила воплотениот Син Божји, нашиот Господ Исус Христос.


Пресветата Мајка не ја почуствувала болката на раѓањето, а вобичаено е да патат сите што раѓаат. Дева го роди бесемено зачнатиот и остана неизвалкана Дева и ги зачува неповредени клучевите на девството. А светиот Јован Дамаскин додава: „Христос се раѓа навреме, кога се навршија девет месеци, во почетокот на десетиот, според обичниот закон на природната бременост, но се раѓа без болка, што е поголемо од законот за раѓањето.“ По раѓањето на Спасителот, како и пред Неговото раѓање, Пресветата Дева остана секогаш Дева, па затоа Светата Црква ја признава за Приснодева. Оваа Боженствена вистина за Пресвета Богородица е составена од две вистини, односно догми, и тоа: едната е дека света Дева Марија е Приснодева (т.е секогаш Дева), а другата е дека таа е Богородица. А на сето ова свети Јован Дамаскин додава: „Како што Господ ја зачува девојка, онаа која Го зачнала, така и по раѓањето  го сочува нејзиното девство неповредено.“ 


Таа толку го засака девството што потполно се исполни со него, како со најчист оган и затоа стана престојувалиште на Божествениот оган, како некоја од Духот Свет извајана свештена статуа. Со своите лични добри дела и благодатта на Духот, стана убавина на човечката природа, на која се израдува нејзиниот Творец – Бог. Токму поради сето ова, Пречиста Дева стана Богодостојна, достојна за Бога и како таква е избрана за Невеста и Мајка Божја.


А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирод, ете дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа: Каде е новородениот Цар Јудејски? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме (Матеј 2.1-2).


Бог наредил мудреците да дојдат од Исток токму тогаш кога ќе се роди  Спасителот од Дева. Тие морале порано да појдат од својата земја, пред Христовото раѓање. Кои се овие луѓе што биле први повикани да излезат од мракот и да дојдат во чудната светлина на благодатта? Светиот евангелист Матеј одговара, дека тоа се волсеви - мудреци. Пророкот Даниил им го дава ова име на луѓето што ја изучуваат природата на ѕвездите, односно астрономи. Мудреците биле со чисти мисли и чесни души и можеа да ги прифатат и сфатат и да се покорат на Боженствените намери. Светиот евангелист Матеј не ја спомнува земјата од каде што овие мудреци доаѓаат во Ерусалим, туку вели дека дошле од Исток. Тие прашуваат каде е новородениот Цар Јудејски и кажуваат дека ја виделе Неговата ѕвезда. Која и каква е таа ѕвезда? Преку изучувањето на астрономијата овие луѓе ја дознавале судбината на еден народ, па така преку појавата на разни ѕвезди и нивната местоположба дознавале за големи настани за човештвото. Според свети Јован Златоус, таа е духовна ѕвезда, а не обична небесна ѕвезда. Тоа е ангел Божји кој ги води луѓето.


И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија и паднаа, па Му се поклонија, а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна (Матеј 2, 11).
Мудреците Мелхиор, Гаспар и Валтазар, кои ја следеа оваа духовна ѕвезда, среќно стигнаа до местото каде што бил Богомладенецот Христос, а покрај него стоела Неговата Мајка, вчудоневидена од оваа посета. Прв пришол Мелхиор, старец со долга бела коса и брада и на Христа Му дарувал злато како на Цар. Втор пришол Гаспар, црвен во лицето, млад и без брада и му дарувал темјан како Бог. Трет пришол Валтазар, со црна кожа и го дарувал Богомладенецот со смирна како на првосвештеник и учител. Овие тројца мудреци беа претставници на трите раси. И така преку нив на Христа му се поклонија сите луѓе.


Тоа јасно го навести и пророкот Исаија. Тие мудреци паднаа на колена, принесувајќи злато, темјан и смирна на Оној, чиј што символ беше смирната, Кој со Својата смрт ни подари Божествен живот, предизобразен со темјанот, како и Божествено озарување и царство, изобразено преку златото принесено на Началникот на вечната слава.


Овие дарови претставувале скапоцености и највредни нешта во тоа време. Овие подароци се карактеристични за Вавилон, кој изобилува со злато, ливан и смирна. Затоа мудреците, највредните предмети од својата земја, Му ги принеле на Богомладенецот.

 

 (Продолжува)

Друго:

Bogorodica.Markov.freska.jpg

 

Diplomska.Josif.jpg

ДИПЛОМСКА РАБОТА

БОГОРОДИЦА - ПОЧЕТОК НА НОВИОТ ЗАВЕТ

Ментор:   Протоѓакон  Проф. д-р Ратомир Грозданоски

Diplomska.Josif.jpg

Кандидат:    Еромонах Јосиф Тодоровски

Diplomska.Josif.jpg

Скопје, 2011