Понекогаш, кога се движиме, особено нагоре кон планините, каде патот е многу тесен и со многу кривини, често среќаваме немарни возачи, кои брзаат, претекнуваат без да погледнат. Гледаш како некој пролетува покрај тебе со огромна брзина и претекнува без да внимава. Само една секунда подоцна од спротивната страна се појавува кола. И си велиш:

 – Гледај, една секунда, три секунди покасно да поминеше и ќе се судреа, и тие ќе загинеа и нас ќе нѐ удреа, оти им бевме близу!

Зарем тоа не е Божјата промисла, која и покрај сѐ му снисходи на нашето безумство и небрежност, онака како што Он знае и ги уредува дури и деталите на нашиот живот. Се разбира, ќе ми кажеш:

 – Зошто тогаш се случуваат толку несреќи? Нели Бог промислува за сите?

Не можеме да знаеме зошто се случуваат несреќите – има многу причини: нашата невнимателност е само една од илјадниците. Сепак Бог е Единствениот, Кој не е причина за злото. Господ никогаш не станува причина за зло. Има моменти кога некој нѐ задржал, па доцниме за некоја работа, но подоцна сфаќаме дека да бевме тргнале навреме, нешто ќе ни се случеше. Гледате дека Господ ги преобраќа сите човечки дејства во повод за спасение. Сетете се што велиме во светата Литургија за видливите и невидливите благодејанија, за тие што ги знаеме и за оние, непознатите. Невидливите добродетелства се многу повеќе од оние што ги знаеме. Односно нештата за кои знаеме дека се добродетелства од Бога – нѐ запазил, нѐ избавил, се неспоредливо помалку од оние несреќи за кои не ни помислуваме дека ќе се случеа, доколку Бог не се вмешаше.

Кога, сепак, човекот ќе најде духовен спокој, ќе си го очисти умот, ќе влезе во благословениот амбиент на молитвата и безмолвието, тогаш душата ги чувствува тие благодејанија, станува приемчива и лесно ги сеќава Божјите благодатни интервенции. Многупати ќе го забележиме следново: на пример, ни се случува нешто пресудно, кое не можеме да го разбереме, во моментот не му обрнуваме внимание, но по извесно време, кога ќе поминат денови, седмици, месеци, може дури и години, сфаќаме дека тоа што тогаш се случило не било ништо друго туку една моќна интервенција на Божјата промисла, за да нѐ сочува од секакво телесно и душевно зло.

И така, Божјата премудрост е несфатлива. Кога Бог прави нешто, Неговото дело е совршено, од секаква гледна точка. Од каде и да погледнеш, секаде е совршенство. Човечките планови се несовршени. Колку и совршено да ги направиме, сѐ некаде ќе има недостаток. Кога Бог прави нешто и ние Го оставаме да ја доврши Својата замисла, не прекинувајќи Го со злоупотреба на нашата слобода, тогаш гледаме колку неопфатна е Неговата мудрост, и тоа во секој поглед – сѐ е совршено, исполнето, не недостасува ништо, дури ни најситното, ниту илјадити дел од него, нема никаква грешка. Затоа треба да научиме да се доверуваме на Божјата промисла. Тоа не значи да бидеме рамнодушни кон настаните во нашиот живот. Не, ние ќе го правиме тоа што зависи од нас, човечкото. Но спокојно, без целиот оној стрес кој нѐ разјадува, растројува и не ни дава мир.      

(Продолжува…)

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/go-ljubime-li-boga-part-2/