TViter13

КАКВИ ЛИ ЌЕ БЕВМЕ АКО НЕ ВЕРУВАВМЕ ВО ХРИСТОС!
 - Архимандрит Андреј Конанос-

    Какви ли ќе бевме, ако дури и сега, кога сме во Црквата, минуваме низ толку проблеми, носиме таков крст, ни станува тешко, но и покрај тоа  сме обземени и ја забораваме Божјата промисла, Христовата љубов, забораваме дека сето тоа нè подготвува за нешто, нè подготвува за Неговото царство, дека сето тоа го прави чисто нашето срце, дека постои Тој, Кој го раководи нашиот живот, дека сè е под контрола, регулирано од Бога, и дека постои неговата промисла. Дали си претставувате, ако не бевме близу до Бога, како ќе издржевме? Како? Немаше ли да полудиме? Затоа повеќето луѓе, оние, кои не веруваат во Христос и немаат утеха во Христовата Црква, имаат оправдание да го прават она што го прават - нивните безумства, светскиот и распуштен живот, гревовноста, барањето начини да си олеснат, оти во спротивен случај ќе полудат. Но, тие влегуваат во огромен порочен круг и наместо да излезат од својот безизлез, запаѓаат во поголеми перипетии и маки. Затоа да не судиме никого.


Исто и ние поради притисокот и болката во животот се обраќаме кон Бога и се молиме, и иако искусуваме болка и житејските маки не тераат да бидеме по близу до Црквата, другите пак, кои вршат гревови, истите житејски маки ги туркаат кон гревови. Она што го кажува преподобниот старец Порфириј - сè е прашање на тоа на каде го вртиш воланот на твојот живот. Затоа, вели тој, оние, кои тргнуаваат по удолницата, трчаат, но трчаат на погрешен начин. Не ги обвинувај, не научиле на која страна да врват, не ги виделе тие врвови, кои имаат светлина, не се трогнале, не се усладиле, не биле привлечени и знаете ли од кого не биле привлечени? Не од Бога, оти Бог е привлечен!


За жал, тие од нас не се привлечени, христијаните, да нè видат нас, здрави, балансирани, оти и ние сè уште не сме си го пронашле сопствениот баланс, сè уште не сме застанале добро на сопствените нозе и имаме свои сопствени маки. А пак кога имаш свои маки, си велиш: ајде да се погрижам да најдам подобар баланс, јас сум болен, но во Црквата сум, другите ме гледаат однадвор и очекуваат од мене утеха, очекуваат од мене да видат, дека сум образец, да ме видат како град, кој стои на планина, како што вели Господ, вие сте светлината на светот. На кого го кажува тоа? - на оние возродени срца, кои ја надминале првата етапа на борбата и започнале да емитираат светилина; на души кои процветуваат од даровите на Светитот дух, од Христовите дарови, од добродетелите. Повеќето од нас не сме такви. Нас другите не гледаат  и велат - гледај каква е Црквата! Повеќето од нас не сме такви. Види какви влегоа во Црквата! Не пречи.
А ние, кои сме во Црквата, неуспешни, грешни, проблематични, - еднаш еден човек ми кажа - отидов во Црква и видов некои луѓе, некакви госпоѓи, какви само имаат карактери!, а јас му реков - види, тие барем се веќе во Црквата. Ако се во Црквата и биле толку лошо, како што ги опишуваш, доколку беа вон Црквата, ќе беа уште полошо. Не пречи. Другиот ја води својата борба. Влегол во Црквата, вложува сили и се бори.
Доколку отидеш во болница и таму ги видиш луѓето како искусуваат болка, ти не се чудиш. Болницата е место, кај што се задобиваш со здравје. А, но таму здравјето е целта, а не она, што е видливо за сите. Кога ќе влезеш внатре, дури и лекарите може да не се здрави, и тие може да имаат некаква болест и ти не се чудиш поради тоа, туку одиш и бараш лечење, дури и од нив. Кога пак ќе видиш некој да стенка од болка, оти го боли забот, да вреска од болка, оти паднал, се удрил или пострадал при катастрофа, не се зачудуваш, туку велиш: епа, тука е болница, тука е лечичиште, тука и ќе бидат и тие болни луѓе. Во болницата има место за сите нив. Затоа, кога многу светители ја нарекуваат Црквата лечебница, болница, и ние така треба да ја посматраме со сострадание кон другиот, оти сите сме грешни.


Затоа нашите обрасци, идеали, идеалните лица, кои ги покажуваме како обрасци во животот за живот, како мерило за споредување, не сум јас, а веројатно не си ниту ти, а некои луѓе, кои ја надминале својата гревовна состојба и од противприродна состојба стигнале во природното, а оттаму до натприродната состојба. Тоа се стапките на духовното напредување. Ние сме уште на почетокот. Противприродната состојба означува да живееш противно на твојата природа. Кога например мојата природа ми вели да ги љубам оние кои личат на мене, а јас ги мразам, тоа не е природно, туку противприродна состојба. За да го надминам тоа, ќе почнам да го сакам оној, кој ме сака. Тоа е природна состојба, така е во природата.
Сите суштества, живите созданија, ги љубат сличните на себе. Тоа е законот на рамновесието, на опстанокот, не ти правам зло, и ти не ми прави, да имаме баланс, да живееме. Да не гледам на тебе како на закана, и ти да не гледаш на мене како закана. Кога Божјата благодат ќе влезе во срцето и ти се очистиш, се облагодатиш и станеш свет, ќе започнеш да ги љубиш и непријателите. Тоа е натприродна состојба. Уште многу пат треба да изодиме. Ајде преиспитај се да видиш како в живот водиш - неприроден, природен или натприроден. Има многу стадиуми, кои треба да ги изминеме и најверојатно сме многу назад, а во Црквата сме, кај што Бог ги прегрнува и ги прима сите.
И чекај сега, па каде да отиде тој грешен човек? Гледаш во храмот некој грешен, го обвинуваш и кажуваш - влегов во Црквата и се скандализирав од него!  Ами каде да отиде? Каде да отиде да се исцели? Зарем нема неговиот карактер да се "истрие" од твојот, да земе нешто добро од тебе и ти да земеш нешто, ако има, и од тоа триење, како камчињата на брегот што се тријат едно од друго и најнакрај стануваат толку ласкави и блескави и малото дете ги фрла и за да направи жапчиња (на површината од водата, заб. на прев.) Камчето било тврд, груб камен, со рабови. Но, од брановите кои постојано удираат во него, тоа омекнува, рабовите се  изгладуваат, и го имаме тој убав резултат и сега камчето блешти. Така станува и со душата. Ќе поминеме низ многу нешта. Да не се возмутуваме, туку да ја гледаме со големо сострадание, приземно, објективно, трезвено, природно, реалноста на животот и Црквата.
Главата на Црквата е света, Господ, Безгрешниот. Црквата е една, света, соборна, апостолска. Црквата е света, оти Господ е свет. Еден свет, еден Господ, Иисус Христос, во слава на Бога Отца. Еден е свет - Господ Иисус Христос. Сите ние, што сме Негови деца, сите ние, кои се трудиме да се всадиме во Неговиот живот, да се уподобиме на Него, да се соединиме со Него, инаку се спротиставуваме и чувствуваме отпор во нас. Ние имаме крв, извалкана од крвта на Адам, но во нас е и крвта на Новиот Адам, на Господ во светата Причест, и се трудиме да се возродиме. Но тој отпор не сопира. Не е лесно.
И ти одговарам, оти некој ме праша, како ќе ги победиме нашите страсти? Имено, страстите те напаѓаат цел живот, се бориш, се подвизуваш, се трудиш, вложуваш сили, се уморуваш, и да речам, плукаш крв. Дај крв, за да примиш Дух! Даваш се, за да се промениш. Не се менуваш лесно. Човек не се менува лесно, ќе се измори прво, ќе искуси болка, ќе се помачи и лека - полека ќе стане нешто, што можеш да го разбереш, ќе дојде Божјата благодат; ќе дојде благодатта и светот ќе замине од нас.
Од тебе ќе исчезне светскиот дух, и светот што би значел тогаш? Имама. На очите, на помислите, на желбите; на тие состојби, кои нè држат на земјата и не тераат да бидеме како правот, како калта, нашиот ум станува како тиња. Тоа не исчезнува лесно; оти тленото треба да се облече во нетление (1 Кор.15:53). Треба да стане таа промена, преобразба, возродување, нашето тлено тело треба да се облече во нетление. А тоа впрочем не станува лесно. Светитот Апостол Павле ги кажал тие работи, бидејќи и самиот бил во огнот, во печката на Светиот Дух, како и во печката на искушенијата. Тој многу пострадал, минал низ многу нешта, за да стигне до тоа возродување, да стане нов човек. Тој се борел, сите се бореле и се борат.


Сите одиме по тој пат. И јас и ти и оние кои ги гледаш и им се воодушевуваш, во тајната градина на срцето, во таинственото пространство на својата душа, секој внатрешно го понесува својот крст, се бори со себе ги гледа длабочините на своето срце, гледа како му врви животот, не што говориме со устата, кога одиме надвор, ги облекуваме нашите алишта, ги поздравуваме соседите и сите велиме: Како сте? Добро! Вие? Што има ново? Децата? Дали сите се добро? Такви општи прашања и уште пообопштувачки одговори. Што значи добро сум? Што значи да речам добро! Ако побараш во твојот внатрешен свет, ќе видиш, дека сите луѓе се борат со своите слабости и проблеми, а ние, т.е кои ние?
Ти, ти, кој слушаш сега, и јас, кој говорам сега, многу сме привилегирани, затоа што сме привилегирани болни, ние сме болни, но привилегирани болни, затоа што сме во топлата прегратка на Лекарот, во топлината на болницата, на таа лечебница, во Црквата. Грешен сум, болен сум, не се фалам со тоа, но единствената моја радост, единствената моја пофалба, надеж и утеха е, дека сум блиску до Господ и тоа ми дава надеж да продолжам со животот и да кажам - Господ нема да ме остави! Сам по себе јас сум едно големо разочарување. Ако се видам себе одвоен од Господа, за оплакување сум. Тоа е вистината. Во Црквата пак имам надеж, имам тврда надеж, а Господ никогаш не го разочарува човекот, кој се надева на Него.
Да бидеме помирени, приземни, ми се допаѓа таквото христијанство, таа вера, приземната вера. Таа вера, во која човекот е призван да живее како земен ангел,  но, во исто време не заборава, дека тој земен ангел е нашата цел, дека реалноста е потполно различна и дека ние сме тие кои што сме. Едно природно христијанство, кое ги гледа нештата реално такви, какви што се, се однесува со другите на истиот начин. За да го почувствуваш помирувањето во себеси, а после тоа воодушевувањето од височината, до која те повикува Христос да стигнеш и да ја водиш својата борба т.е. за да се подвизуваш, треба да почнеш од она, што го имаш, и да го познаеш она што го имаш.
Големо нешто е тоа самопознание, тоа признание какви сме, смиреното признание, да кажеш кој сум јас, каков сум, не што велат луѓето, не како ме гледаат другите, туку како ме гледа мојот духовник, кој ме познава, тој знае се, соседите ме сметаат за свет, одиш на беседи, во црква, читаш св. Писмо, го гледаат твојот надворешен изглед, така говорат луѓето за тебе, но кој ти го познава срцето? Твојот духовник, природно во степен, во кој му го откриваш срцето и кажуваш искрено сè, тоа е вистината, тоа е моето вистинско јас, не она што се гледа надворешно, туку она, што реално претставуваш.
Еднаш кажав на еден духовник: "Оче, одев во различни детски логори и насекаде децата беа различни". А тој ми кажа: "Колку и да се различни во тоа, што ми го кажуваш, кога ќе дојдат да се исповедаат, сите тие деца од сите логори, од кај и да доаѓаат, кажуваат, едни и исти нешта". Имаме општа точка - нашата гревовност. Го имаме нашиот пад. Ние сме деца на Адам. Колку и да се различни начините, на кои дејствуваме, имаме општи точки, кои не обединуваат, кои би требало да нè соединуваат, да нè помируваат, да не смируваат, да не прават доволно приземни, а не лицемери, не фарисеи, да не велиме - јас сум подобар од тебе!
Кога еднаш за време на 90-те го запрашав старецот Паисиј како човекот може да придобие смирение, тој ми одговори - преку себепознание. Кога ќе седнеш и ќе се замислиш над себе, кога ќе седнеш и ќе ги пронајдеш своите грешки, кога еден ден ќе седнеш и ќе видиш како поминале собитијата од утрото до вечерта, што си направил, како си постапил, како си говорел, што си помислил, како ти дотежнало да покажеш љубов, како си го презрел другиот, како постојано се вртиш околу своето его и индивидуалност, што сакаш да направиш, да направиш, за другите да дадат значење - да се видиш малку себеси, ладнокрвно, не вештачки, туку вистинито, и се разбира, ако си направил нешто добро, кажи го и тоа.
На пример дадов милостиња, но зошто ја дадов и што сакав да покажам со тоа? И зошто се расрдив, оти не ми обрнуваа внимание, кога ја дадов милостињата? Зошто бев надуен и чувствував гордост поради тоа што дадов милостиња? Дури ако побараш и добрите дела не се толку добри, не се прозрачни пред Бог, твоите побуди не се чисти и твоите гревови те разтргнуваат, така што ако го видиш  сето тоа, на еден природен начин, без натегање и принуда сето тоа те води кон смирение.
Старецот Паисиј ми кажа нешто, шегувајќи се, но беше многу убаво. Тој ми рече: "Гледај бре дете!" Всушност: Бре дете! - така ми кажа, на еден многу непорочен и чист начин. Оти во крајна сметка значење има не само тоа како говориш, туку и со што се исполнети зборовите, кои ги изговараш. Така, тој кажа:

- Бре дете, за да придобиеш смирение, треба да направиме едно патување до "Синтагма" (централниот плоштад во Атина).
-Патување до "Синтагма"? Тогаш бев 20-годишен и реков:
- Не разбрав. Што имате предвид? Дали може подобро да ми објасните?
- Види, да отидеме на "Синтагма" и да држиме еден плакат, на кој ќе пишува - Долу граматиката!
Јас се насмеав.
-Зошто се смееш, не ли знаеш граматика?
-Знам.
-Море долу граматиката! Немаме правилна граматика!
-Зошто геронда? Што имате предвид?
-Ги знаеш ли дете мое, личните заменки?
-Ги знам.
-Ајде кажи ми ги.
-Јас, ти.....
-Виде ли што рече? Ајде кажи пак.
-Јас, ти, тој, ние, вие, тие!
- Виде ли? Ете го егото (на грчки личната заменка во прв род еднина е εγώ). Ти кажа на прво место его. Зар тоа е нашата граматика? Егото да биде на прво место? Егото треба да се тргне оттаму. Долу граматиката! Што всушност треба да стане? Да го земеме егото оттаму и да го ставиме на последното место и да велиме - ти, тој, ние, вие, тие, јас. Јас -от треба да биде најнакрај. Да се тргне од првото место. Така ќе придобиеме смирение. Ги виде ли англичаните? Го пишуваат со главна буква и на средината на реченицата, I’m, со голема буква. Ние го пишуваме со мала буква, и со голема, кога е на почеткот на реченицата. Англичаните постојано го ишуваат со голема. Што би значело тоа?
После тоа тој ми ја кажа и оваа богословска тактика, за која кажав нешто.
-И да ти кажам нешто посериозно, низ себепознание.
Така човекот ќе придобие смирене, кога ќе се види себеси. Да се смириме браќа, во својот живот! Кога не си задоволен со себеси, кога ги гледаш своите недостатоци, не очајувај, туку смирувај се! Исто кога чувствуваш, дека не си добар сопруг, добра сопруга, добар ученик, добра студентка, добар во твојата професија, во спортот, во некоја дарба, која ја имаш, не не ја користиш правилно и те фаќа натаженост, не е важно, смирувај се и вели таков сум! Не се гордеам, не тоа, какко што велат, ќе правам добро, ќе бидам таков, ако сум таков, ми се допаѓа! - не така. Туку вели: "Таков сум, грешен сум, немоќен!" Смири се, помири се со себеси, прими се каков што си, види ја безмерната милост и сила на  Бога и кажи - Господи мој, таков сум, не можам!
Ако погледнеш на својата бедна состојба на егоистичен начин и твојот егоизам се раздразни уште повеќе, тогаш стануваш полош. Затоа треба да ја видиш приземно, смирено, со надеж, дека Бог знае, дека ќе ми помогне, ќе се променам и кога ќе видам некој човек кој исто така се однесува, како што јас сум се однесувал, да бидам поснисходлив кон него.
Понекогаш Бог допушта да бидеме многу грешни, за да го видиме тоа и потоа да бидеме трпеливи кон другите. Можеме да забележиме свежи примери и со нас самите и да кажеме - добро, јас не сум совршен! И што да правам? Сите се нервираме, сите сме во овој изморувачки свет, се уморуваме, се огорчуваме, едниот треба да го крепи и да го утешува другиот. Зарем тоа не е убаво? Нашата гревовност нè соединува, нашата болест, болка, и општиот Лекар - Лекувачот  Господ, Лекар на душите и телата Иисус Христос. Тој нè обединува, Тој е нашата надеж и треба да биде и нашата радост и прибежиште...


Источник: https://pravoslaven-sviat.org/2015/01/31/%d0%b4%d0%be%d0%bb%d1%83-%d0%b3%d1%80%d0%b0%d0%bc%d0%b0%d1%82%d0%b8%d0%ba%d0%b0%d1%82%d0%b0/

превод од бугарски јазик: М. Белева