Драг…

Да, вистина е, јас ја сретнав јуродивата (лудата) заради Христа, Тарсо. Всушност, јас поминав извесно време со неа во неколку прилики.

Кога имав 10 или 11 години го читав житието на света Ксенија, исто така јуродива заради Христа. Бев толку поучен и ми се разви посебен интерес за подвигот на јуродството заради Христа. Па така, кога имав 13 години, имав некоја идеа за тоа, што значи да се практикува ваков подвиг.

Во летото 1988 год., моето семејство беше на патување во Грција. Тоа беше по многу години, откако татко ми го напушти селото (Баница, Лерин), така што тој беше посветен на враќање и донесување на семејството. Па така, четворица од нас заминавме; моите родители, брат ми и јас. Мојата сестра веќе беше мажена во тоа време, па таа не дојде.

И така, поминавме 6 недели надвор од Канада. Стигнавме во Атина, каде што живееше тетка ì на мајка ми. Во текот на патувањето, поминавме една недела во Скопје, Битола и Охрид, исто така, и ги посетивме нашите роднини таму. Исто така поминавме неколку денови во Бугарија и Цариград со туристички автобус од Лерин.

Па така, слушнав дека постои некоја јуродива заради Христа во близина на викендичката на тетката на мојата мајка. Таа ги поминуваше летата во Кератеа, Атика. Тоа беше отприлика на еден час и половина возење од Атина.

Другите беа заинтересирани за забава, а јас бев заинтересиран за фокусирање на вистинските нешта. Како што реков, имав 13 години, и сè уште бев многу едноставен. Кога стигнавме во домот на тетката на мајка ми, тие ми ја покажаа малата куќарка каде што светителката го поминуваше најголемиот дел од времето. Па така, откако тие се вратија дома, јас се вратив и се помолив. „Па добро“, – си помислив, „ако е таа јуродива заради Христа, тоа значи дека е прозорлива, и света, па што и да ì кажам во моментов, таа ќе ме слушне!“ Па се помолив вака: „Драга Тарсо, те молам, ќе ме удостоиш ли да те видам? Сакам да видам светител!“

Наредниот ден, отидовме низ полињата. Првин поминавме покрај колибата на една стара калуѓерка која живееше во самотија. Се викаше Ангелина. Беше добро, но не доволно добро! Сакавме да видиме жив светител!

Па така, одевме уште понатаму, нагоре па надоле. Моравме да поминеме низ трње. И стигнавме до нашата крајна цел.

Јас бев шокиран!

Бев шокиран од првиот поглед на овој свет воин Христов. Ја погледнав и како да ме погоди нешто. Останав без зборови. И тогаш, не можев да кажам дали е маж или жена. Немав искусено нешто такво претходно. Убеден сум дека ова се случи бидејќи бев во присуство на ангел, некој што го надминал секој вид на сетилно искушение.

Ја поздравив целивајќи ì ја раката, а таа за возврат ни ги целиваше рацете на сите нас. По оваа прва средба, ја посетив неколку пати. Јас би ја посетувал дури и почесто, но не можев да бегам од дома, а и не би ме пуштиле.

Ја прашав многу нешта, и таа ми кажа многу нешта. Таа беше вистинското нешто! Жив светител! Слава на Бога! Каков впечаток. Какво прекрасно искуство. Слава на Бога!

По една година се упокои.

Уште ги паметам времињата кога седевме заедно, и зборувавме. Јас штотуку почнав да учам грчки во тој период и ја разбрав сè што ми кажа.

И, неколку години по нејзиното упокојување, еден грчки теолог напиша книга за неа со многу поучни раскажувања од нејзиниот живот. Кога го читате тоа, гледате дека читате за некој од древните светии. Настани како од житието на свети Андреј јуродивиот заради Христа. Надумни чуда. Таа примаше Света Причест од ангел. Имаше забележителен дар на прозорливост и пророштво. Немаше покрив неколку децении, сè додека конечно манастирот не ì изгради мала колиба. Во страшните бури таа стоеше надвор. Се сеќавам на еден момент: Имаше страшна снежна бура, така што никој не можеше да излезе, или да го напушти манастирот. По неколку недели, испратија тимови за да го најдат нејзиното мртво тело, бидејќи беа убедени дека таа е мртва (иако снегот сè уште беше висок). Конечно ја најдоа, и, ох, чудо, таа седеше долу на потполно сува земја, која ја опркужуваше на околу метар од сите страни, додека насекаде снегот сè уште беше многу висок!

По упокојувањето, нејзините мошти испуштаа благоухан мирис. Исто така многу чуда беа припишани на нејзините застапувања. Се сеќавам, откако беше напишана книгата, кога ја посетивме Грција (па дури и Кипар), каде и да одевме луѓето нè прашуваа дали сме го читале житието на света Тарсо!

Неодамна е напишано уште едно житие. Таа не беше фанатик, туку беше верна на стариот календар. Кога некој ја прашал, пред нејзиното упокојување, кој календар е точен, нејзиниот одговор бил: „Донеси ми го Минејот“ (Минеон – богослужбена книга во која се службите за секој ден, собрани во 12 делови, според месеците). Таа го прашала: „Што пишува тука?“ Одговорот беше: „Минеон“, се разбира. „Па така“, – рекла таа, „вели Ми-Неон (не нов), значи, не за новиот календар!“ „Но не се спелува така“ – бил одговорот! Се разбира, се спелува поинаку. Само јуродив заради Христа може да дојде до такво нешто!

Јас верувам дека таа е светителка. Беше напишана и служба за неа, и икони се насликани за неа. Со благодатта Божја, ние имаме нејзини мошти. Исто така, ние купивме сребрен реликвијар за нејзиниот череп што се чува во „Панагија“ женскиот манастир во Кератеа, Грција. Како што веќе реков, бројни чуда ì се припишани нејзе.

Да нè удостои Бог секогаш да го имаме нејзиното застапништво и да бидеме заштитувани преку нејзините молитви. Таа нека нè води во следниот живот, со Пресветата Мајка Божја.

Слава на Бога!

 

Во Христа,

+Епископ Димитриј

 

 Од Старечникот  

 

Извор: https://vladikadimitrij.wordpress.com/

7ми февруари 2019 лето Господово