Но, човекот Го измами Бога. Стана лукав. Не ги почитуваше правилата на играта и отпадна од радоста. Го изгуби подобието Божјо, слободата, владеењето. Токму заради тоа Христос и станува човек. Се преоблекува, прима на Себе смртно тело, за да ја разреши трагедијата на нашата душа. Он се облекува во човечка природа, не одделувајќи се од природата непристапна. Нè кани на нова рајска игра, играта на Црквата, но со предуслов да бидеме чесни. Он сака нашиот ум да не е расеан, срцето наше да е приковано за Него, да не Го лажеме. Мислата наша, срцето наше да е „преселување во небесната држава“, бидејќи тоа беше целта на Рајот. Авва Исаија многу убаво кажува: играта со Христа е „смрт за секој човек и за сите созданија“. Значи немој да дозволуваш во твојот живот помеѓу тебе и Христа да застане некој што сака да те повлече со себе, да направи да се слизнеш. Истото се однесува и на твоите стремежи, мисли и помисли. Не подлегнувај. Повторно стани дете за да би можел да Му бидеш добар соиграч на Христа. „Ако не се обратиш и не бидеш како дете“, нема да бидеш Мој.

Но ние ја изгубивме својата природа, нам природниот простор, природниот однос со Бога и сега пребиваме во лукавство. Се срамиме да бидеме чесни кон Христа. Постиме во својата куќа, но не постиме надвор од неа. Веруваме во Бога, а не го исповедаме тоа. Милиони луѓе итаат да се поклонат на иконата „Достојно ест“, на иконите и моштите на светиите и мачениците. Се поклонуваат во манастирите, но какви се во секојдневниот живот? Животот ни дава право да се посомневаме и да се запрашаме колкумина се верни. И потоа грешните луѓе се фалат со тоа дека сите се грешни како нив. Сите не веруваат во Бога, како што и тие не веруваат. Исчезна природноста на нашиот живот во светот.

Што прават градоначалниците на општините кога во нивните градови нема дрвја, градини, реки, а на децата им е неопходно да растат во природно опкружување? Прават „детски радости“ (во Грција така ги нарекуваат парковите за деца). Државата дава милиони за да биде уреден посебен простор кој децата ќе го чувствуваат како своја природна околина.

Има ли Христос „детски радости“? Има, и Он не ги заснова нив со помош на милиони, туку со Својата радост, која ни ја предава со Телото Свое, Крвта Своја и Духот Свој. Кои се тие „детски радости“? Едната од нив е основна – Црквата. Црквата среде грижите од овој свет е место на кое децата навистина можат да Го познаат Бога и да ја имаат природната атмосфера на Рајот. Тука е привлечен домот, Рајот, богослужението, тајните, зборот Божји, небесните искуства. Колкумина се оние кои само после една Литургија одлучиле да живеат духовно! И колку се оние кои, бидејќи запознале еден пожртвуван и благочестив свештеник, ја доживеале љубовта Божја и го промениле начинот на живот!

Црквата е преполна со градини, т. е. со храмови, црковни и духовни установи. Но за мене, манастирите се без сомнеж најдобри „детски радости“. Тоа сме го доживеале уште од своето детство. Манастирите се уредени градини. Недостижни „детски радости“. За малото дете манастирите се најпривлечни. На нашите бденија доаѓаат три годишни деца и ги следат како и возрасните. Ние не можеме да бдееме толку саати. Но, децата стануваат воодушевени и нетрпеливо очекуваат повторно да го посетат манастирот. Израснуваат со тие духовни искуства.

Манастирот е непрестајно собирање на децата Божји. Еден друг свет, со поинакви закони, поинаква логика, живот различен од секојдневниот живот. Полесен живот. Таму бојата на Христа е поприродна. Деноноќно среќаваш светии, пееш и Го славиш Христа, се радуваш на видливото присуство на Невидливиот Бог. Сè е уредено така што „Бог е сè во сè“.

Монасите се оние кои „ништо немаат, а сè имаат“. Имаат сè во сопственост, и немаат никакви потешкотии. Ослободени од обврски, одговорности, хирови, тие заедно сите светии секој ден со „химни и духовни песни“ играат пред жртвеникот. Како што Давид, со „гусли и со гласна труба… играјќи и плескајќи со рацете“ играше пред кивотот, пред Бога, така и срцата на монасите воскликнуваат за да нема тешкотии.

Секојдневниот престој во Рајот дава можност за божествени искачувања и духовен напредок. Децата Божји се хранат со млекото на богослужбените слики и символи, икони, секојдневни празници, бденија, што го прави духовниот живот посилен. Бог на тие дечиња им дава умно учество во познанието, благодатта, силата, за да биде учесници во богоприготвените собранија и духовни погодности.

Таму секој ден чувствуваш дека Бог ти зборува: „Гледај, Јас и децата што Бог ми ги даде“. Таму, поколенија и поколенија доаѓаат и не проаѓаат, зашто се осветуваат. Таму поколенија и поколенија луѓе, посетувајќи ги манастирите и заминувајќи од нив, не запираат, туку и понатаму уште повеќе напредуваат кон Бога. Овие детски паркови влијаат на децата Божји, така што тие кога заминуваат надвор од манастирот, ја живеат љубовта, познанието, искуството, новиот живот, што во манастирите го спознаваат и запознаваат, така што стануваат големи, и корисни, и светии, и пастири, и од „Бога научени“ членови на нашата Црква. Бидејќи манастирите не се поинакви од Црквата, туку секојдневно, непрестајно собирање на таа иста Црква.

Да научиме да си играме со Христа, со оглед на тоа дека сите ние се вбројуваме во редовите на децата. Мудроста, Христос, нежно си игра со децата кои Го следат. Ги прима во играта на животот, во небоземниот и богочовечки собор, „говорејќи над путирот со возвишена проповед: „Кој е безумен нека се приближи кон Мене… Дојдете и јадете го лебот Мој“. Немојте да посакувате да сте оние кои добиваат признанија од луѓе. Бидете луди, бидете безумни за светот, а за Мене умни. Дојдете и јадете од Моите лебови: „Пијте го виното што ви го нудам“, пијте го опојното вино на благодатта. Да бидеме мали деца на кои Христос им вели: „Дојдете, развеселете се, опијте се, неуморно играјте.
Ако, по некој случај, се чувствуваме стари, да се вброиме меѓу децата и да посакаме и ние да си играме како деца Божји.

Секој нека си направи свој рај, во срцето свое, во домот свој. Да се заинтересираме за „градењето на духот“, за да го направиме срцето своето угодно пред Бога, за Он да посака да си игра со нас, и да Го благословуваме „Оној Кој нè создаде и Кој нè опива со Своите добра“.

Да го исполниме огнениот копнеж и пророштвото Божјо за нас. Што вели Господ: „Градските плоштади ќе се исполнат со дечиња и девојчиња што си играат на плоштадите во својот град“, за пророчки, поетски, во преносно значење да ни ја покаже невидливата, но вистинита реалност дека Бог во Својата игра придобива души. А „градските плоштади“, плоштадите Ерусалимски, Црквите, Рајот, „ќе се наполнат со дечиња и девојчиња што си играат“. Грешници нема многу. Дечињата и девојчињата што си играат, ги исполнуваат плоштадите градски, Рајот Христов.

Да бидеме и ние меѓу дечињата кои сега, на Божиќ, ќе ги преплават храмовите и секој ден да се испитуваме дали навистина сме момчиња и девојчиња кои „на плоштадите“ си играат заедно со Христа.

 Извор: Бигорски манастир

 

 6ти јануари 2019 лето Господово

 

 Друго:

Старец Емилијан: Деца Божји – I дел ...