Старецот Сава од манастирот Филотеј ми раскажа дека за време на големиот глад во 1917 година, монасите од манастирот Ивирон, гледајќи дека залихите во нивните магацини се намалуваат, го редуцирале давањето милостиња. Всушност, скржавиот надзорник инсистирал сосема да се престане со давањето милостиња. Единствено што можело да се очекува од сето тоа било дека Христос, исто така, ќе прекине со давањето на Својата благодат. Отците почнале да гладуваат, поради што се пожалиле на Христос и на Пресвета Богородица за негрижата за нивниот манастир. За жал, тие не ја увиделе својата грешка.

Еден ден Христос се појавил пред вратарот на манастирот во лик на просјак барајќи леб. Вратарот му рекол натажено:
Парабола за богатиот и сиромавиот Лазар

„Немаме веќе леб, брате. Затоа и престанавме да им даваме милостиња на луѓето. Но, причекај еден миг, ќе појдам до мојата ќелија и ќе ти го донесам мојот леб.“

Тој отрчал до ќелијата, се вратил со парче леб и му го дал на просјакот. Тогаш забележал дека лицето на просјакот свети.

Кога просјакот го зел лебот, му рекол на вратарот:

„Дали знаеш зошто манастирот го снајде несреќа? Затоа што сте избркале двајца луѓе: едниот е наречен ,дај‘ а другиот ,ќе ти дадам‘ Откако го кажал тоа, тој исчезнал од местото оставајќи зад себе светлина којашто го заслепила вратарот. Монахот бил запрепастен и се сокрил, исплашен од помислата дека ќе мора да му го раскаже настанот на надзорникот на манастирот. Отците се обидувале да се сетат на луѓето на коишто одбиле да им дадат милостиња. Тогаш заклучиле дека Просјакот е Самиот Христос, и ги препознале и Неговите зборови од Евангелието: „Дајте и ќе ви биде дадено“. (Матеј 7:7)

Тие веднаш се покајале за својата грешка, и штом почнале да им даваат на сиромашните од она малку што им останувало, тие биле наградени со богата Божја благодат.

 

Извор: Бигорски манастир