Лекарот на душите и телата

Господ има толку љубов што сака сите луѓе да се спасат и да бидат вечно со Него на небото и да ја гледаат славата Негова. Таа слава ние не ја знаеме во потполност, но преку Светиот Дух делумно ја разбираме. Кој не Го познал Светиот Дух, не може да ја разбере оваа слава, туку само верува во ветувањето на Господа и ги исполнува заповедите Негови. Но и тој е блажен, како што му кажал Господ на апостолот Тома (Јован 20,29). И тој ќе биде еднаков со оние кои уште тука ја виделе славата Божја.

Доколку сакаш да Го познаеш Господа, потполно смири се, биди послушен и воздржан во сè, сакај ја вистината. Господ неизоставно ќе ти дарува да Го познаеш преку Светиот Дух. Тогаш преку опит ќе дознаеш што е љубов кон Бога и што е љубов кон човекот. Во колку е љубовта посовршена, во толку е посовршено и познанието. Постои мала, постои средна и постои голема љубов.

Кој се плаши од гревот, го љуби Бога. Кој има умиление, има уште поголема љубов. Кој во душата има светлост и радост, има уште поголема љубов. Кој, пак, има благодат и во душата и во телото, има совршена љубов. Таа мерка на благодат Светиот Дух ја дарувал на мачениците, а таа им помага храбро да ги поднесат сите страдања.

Може ли некој да каже како ќе биде во рајот?

За тоа може да зборува само оној што преку Светиот Дух Го познал Господа и Неговата љубов кон нас.


Умножувањето на петте леба и петте риби

Господ е толку мил и драг што од Неговата љубов душата не може на ништо повеќе да мисли. Благодатта на Светиот Дух е толку сладосна и во толкава мерка го менува човекот, што овој заборава и на своите родители.

Душата која во потполност Го спознала Господа и се насладува со Него, повеќе ништо не сака и за ништо на земјата не се приврзува. Таа ниту понудено царство не би сакала, бидејќи љубовта Христова е толку сладосна и толку ја радува и весели што повеќе ниту царскиот живот не може да ја израдува.

Би сакал да кажам неколку зборови за мерката на љубовта Божја, секако колку што ќе ме вразуми благодатта Божја.

Прва љубов имаме таму каде што човекот се плаши со било каков грев да не Го разжалости Бога. Кој има ум чист од помисли, има друга љубов поголема од првата. Третата, уште поголема, е кога некој сетилно ја има благодатта во душата. А, кој има благодат од Светиот Дух и во душата и во телото има и совршена љубов. Од телото на оној што ќе ја сочува таа благодат ќе останат мошти, како што е случај кај светите маченици или пророци или преподобни или други големи светители.

Кој има благодат во таа мерка не чувствува љубов кон девојка (која инаку го насладува целиот свет), бидејќи од сладоста на љубовта Божја душата заборава сè земно. Благодатта на Светиот Дух ја повикува душата да Го љуби Господа совршено и во таа совршена љубов душата не се допира до светски работи, иако живее на земјата.

Нашиот ум е горд и затоа не можеме да пребиваме во таа благодат. Кога ќе ја изгуби, душата копнее за неа и со солзи ја бара, плаче, тажи и повикува кон Господа:

„Боже милостив, Ти гледаш колку е тажна душата моја и како тагувам за Тебе“.

На земјата нема толку кроток и мил човек како што е нашиот Господ Исус Христос. Во Него е нашата радост и веселба. Да Го возљубиме и Тој ќе нè воведе во Царството Свое, каде што ќе ја гледаме славата Негова.


Старец Силуан Атонски

Откако Господ преку Светиот Дух ми дарува да ја спознаам љубовта Божја, веќе 40 години тагувам и плачам за народот Божји.

О браќа, нема ништо поубаво од љубовта Божја, т.е. кога Господ ќе ја загрее душата со љубов кон Бога и ближните.

Голема е милоста Господова: душата го познала Бога, небесниот Отец свој и плаче и тагува затоа што многу Го натажила Бога, а Господ и дарува простување на гревовите и радост и среќа да може да Го љуби својот Создател и ближните свои, та да може да плаче за нив и да Го моли милостивиот Господ секоја душа да ја земе при Себе, каде што и ни подготвил место со Своето страдање на крстот.

Оној што ја почувствувал сладоста на љубовта Божја, при што душата му се стоплила со благодат и го љуби Бога и браќата, веќе делумно знае дека Царството Божјо е внатре во нас (Лука 17,21).

Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 393-395

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/carstvoto-bozhjo-e-vnatre-vo-nas/