Архимандрит Софрониј

Душата моја е жедна за живиот Бог. Таа повторно бара до ситост да се насладува со Господа. О, несфатлива милост Божја! Господ од прав го создал човекот вдахнувајќи во него дух на животот и душата човечка се ороди со Бога.

Господ толку ги возљубил созданијата Свои што им го дарувал Светиот Дух на луѓето и така човекот го познал Создателот свој и Го возљубил.

Духот Свет е љубов. Тој е сладост за душата, умот и телото. Губејќи ја или намалувајќи ја благодатта, душата со солзи Го бара Светиот Дух и тагува за Бога, велејќи:
Тагува душата моја за Господа и со солзи Го бара. Како да не Те барам, Господи? Ти самиот прв ме побара мене и ми дарува да се насладувам со Светиот Дух и затоа тагувам за Тебе. Срцето мое Те возљуби и Те молам: дарувај ми до крајот на животот да пребивам во љубовта Твоја. Дарувај ми заради љубовта Твоја да ги претрпам сите неволји и болести.

Страв и трепет ја обземаат душата моја кога сакам да пишувам за љубовта Божја. Бедна е душата моја и нема сили да ја опише љубовта Господова. Душата се плаши, но истовремено и сака да напише неколку зборови за љубовта Христова. Мојот дух нема сили да пишува за тоа, но љубовта ме поттикнува.

О, колку е слаб човекот!

Кога благодатта е со нас, духот гори и деноноќно се стреми кон Господа, бидејќи благодатта ја поттикнува душата да Го љуби Господа. Таа Го возљубила и не сака да се одвои од Него, бидејќи не може да се насити со сладоста на Светиот Дух.

Љубовта Божја нема крај.

Познавам човек кого милостивиот Господ го посети со Својата благодат. Тогаш да го прашаше: „Сакаш ли да ти дарувам повеќе благодат?“, душата заради слабоста на телото би одговорила: „Господи, гледаш дека би умрел ако благодатта е поголема“. Бидејќи човекот е ограничен и не може да ја прими полнотата на благодатта.



Затоа и учениците на Тавор паднаа пред славата Господова. И никој не може да разбере на кој начин Господ и ја дарува благодатта Своја на душата.

Господи, Ти си благ. Ти благодарам за милоста Твоја, бидејќи ја изли врз мене благодатта на Светиот Дух и ми дарува да ја вкусам Твојата љубов кон мене, иако сум толку грешен. Мојата душа копнее кон Тебе, Светлино непристапна.

Кој би можел да Те познае, Милостив, ако Ти самиот не сакаш да се покажеш на душата? Таа Те видела и Те позна како свој Создател, благ Бог, затоа не престанува ненаситно да Те бара. Ти, Милостив, со љубов ја привлече душата кон Себе и таа ја позна љубовта Твоја.

Господи, Ти гледаш колку е грешна и немоќна душата човечка, но по милоста Своја и даруваш да Те љуби. Душата се плаши да не го изгуби смирението, кое нечистите духови сакаат да го одземат од неа, бидејќи тогаш Твојата благодат би ја напуштила.

Извадок од книгата: Архимандрид Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 386-387

 Извор: Бигорски манастир

25.08.2018 лето Господово