Митрополит Јован Зизиулас
ЕВХАРИСТИЈАТА И СОБОРНОСТА

Начинот на кој соборноста на Црквата се открива во евхаристиската заедница покажува дека најдлабоката суштина на соборноста е положена во надминувањето на сите разлики во Христа. Ова мора да се разбере безусловно и без какви и да е исклучоци. Тоа ги покрива сите полиња и сите области на постоењето, било лични или општочовечки, историски или есхатолошки, духовни и материјални, поединечни и општествени, и така натаму. Спротивставеностите во чии рамки постои и се подразбира животот, за жал, во голема мера воспоставени и од самото христијанско предание, претставуваат предавство на соборната самосвест, толку неопходна за Црквата Христова. На пример, се размислува за разликте помеѓу „осветеното“ и „светското“, помеѓу телото и душата. Евхаристиската заедница со своето поимање на евхаристијата како вечера, чии единствени Чинители не се исклучиво духовни туку и материјални, со долгите молитви и прозби кои ги опфаќаат и секојдневните материјални и физички потреби на секој човек и така натаму, представува соборно постоење во кое нема никакви дуалистички противпоставености. Човекот и светот сопостојат во совршено единство, исто така и различните пројавувања на животот на една единствена личност. Соборноста на Црквата, во светлината на евхаристиското заедничарење представува и предпоставува соборна антропологија и соборно поимање на постоењето воопшто.


Среде едно вакво соборно поимно опкружување проблемот на односите Црква и светот поприма поинакво значење. Разделувањето и спротивставувањето на двете нешта веќе не е од суштинска важност, бидејќи во стварноста не може со точност да се определи границата зад која што Црквата нема пристап. Црквата и светот се во непрестано взаемно проникнување, светот како создание Божјо, и како таков никогаш не престанувајќи да Му припаѓа, и црквата како заедница во која низ слегувањето на Светиот Дух светот се преобразува и Му се принесува на Бога во Евхаристијата.


Изворː ДОМОСТРОЈ, Рождество Христово ’97 бр. 15

 

22.08.2018 Лето Господо

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

22-ри август  2018 лето Господово

Друго:

 

 

  • Поуки од Светите Отци