Архимандрит Георгиј Капсанис

Живееме во еден свет во кој владее антикрсниот дух. Во еден свет кој како свој идеал ги има себељубието, свет без морал, свет во кој е најважно задоволувањето на страстите, благоденствието, комфорот, свет кој ја поставува слободата не во жртвата и љубовта, т.е. во Крстот, туку во егоизмот.

„На 11 Јули, во 6:45 часот, на 307-от километар од патот Атина – Солун, надвор од Аерино Магнисиас, една сообраќајна несреќа го трогна народот во Алмопија Пелис и ја потопи во жалост малата Пиперја. Трагична личност е 27 годишниот сопруг и татко Пасоис Статис. Сам и беспомошен и повреден ги извлече од кршот на автомобилот својата 23 годишна сопруга Елени, веќе мртвото 14 месечно негово ангелче, Николина, и нејзината 3 годишна ќеркичка, соочувајќи се со индиферентноста на минувачите. Несреќниот млад човек застана на средина од патот со раширени раце молејќи да застане некој човек за да ги пренесе повредените во болница. Меѓутоа изгледа дека во нашата земја не постојат веќе луѓе“ (Μακεδονία 29.7.1989).

Овој свет не сака да чуе за воздржаност, за власт над страстите, за жртва, за пост, за аскеза. Во суштина, се одрекува од Крстот и затоа не може да совоскресне со Христа. Останува во пропадливоста, во смртта, во празнотија, во досада, во униние, во безизлез. Се забавува, но не се радува.

Отец Димитриј Дутко успешно забележува во својата книга „За нашата надеж“:
„Очигледно е дека понекогаш, и покрај нашата вера во Христа, се обидуваме дури и патот кон Царството Божјо да го направиме комфорен! Светот со неговите добра и со неговиот технички напредок нè спопалаве. И ако понекогаш зборуваме за труд и за страдања, се случува наеднаш да кажеме: “Христијанството е радост”. Сè треба да биде радост! Меѓутоа радоста не доаѓа така. Радоста не се купува. Не се купува со пари. Радоста на христијанинот се купува со труд и страдања. Но средства за купување нема! За да се спаси човекот, нашиот Господ висеше на Крстот. Доброволно. И беше распнат, и умре. Потоа дојде воскресението и радоста.



Кој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе и нека го земе крстот свој и нека Ме следи, рече Христос. Неопходно е да го земеме својот крст. Оној што без крст оди по Христа, не е достоен за Христа. Тоа мошне јасно ни го рече самиот Христос: не е достоен за Мене. Тоа значи: верата и љубовта на таквиот човек спрема Христа не се чисти; не вредат ништо.Крстот нè плаши. И тоа е природно, затоа што ни го одзема. Болката е нешто страшно за нас, но, всушност, комфорот е тој што би требало да нè плаши. И навистина, сите современи зла за свој извор го имаат комфорот во животот. Трудот, страдањата, крстот, -вели Христос – е нешто добро. И така, Неговиот товар станува лесен“.

Овој свет, кој го отфрла Крстот Христов, мора денес да со соочи со немилосрдни удири, коишто се последици на неговиот антикрсен став, на неговото себељубие: сидата, наркотиците, страшната еколошка катастрофа.

А решението не се наоѓа таму каде што се претпоставува дека е, т.е., во преземањето одредени заштитни мерки. Полезни се и тие, но не се доволни. Најкоренито решение е единствено покајанието (преумувањето). Она покајание кое ја спаси Ниневија од катастрофата.

Јудејците бараа „знак“ од Христа. А Христос им рече дека ќе им се даде знакот на пророкот Јона, т.е. Неговата смрт, погребението и воскресението (Мат. 12, 39). Тоа е и денес знакот за решавањето на нашиот безизлез и на катастрофата што доаѓа. Значи, изборот на крстоносниот начин на живеење како единствен вистински начин на живеење.

Еден од западните отци од светоотечката епоха, св. Августин, рекол:
„Познавам три крста: Еден крст што спасува. Тоа е крстот Христов. Преку тој крст се спасува човекот. Другиот крст е крстот на разбојникот распнат од десната страна. Познавам и трет крст преку кој може да се загуби вечноста. Тоа е крстот на разбојникот распнат лево од Христа. Образците на овие двајца луѓе (двајца разбојници), го претставуваат севкупното човештво. Крстот на разбојникот од десната страна го прифаќа и го зема врз себе Христовиот крст. Крстот на разбојникот од левата страна го претставува оној дел од човештвото кои не го прифаќаат Христовиот крст и загинуваат. И вопшто, крстот не можеме да го избегнеме на ниеден начин“.



Христијаните коишто живеат во овој свет што го отфрла крстот, треба многу да се борат за да не бидат вовлечени од материјалистичкиот и антикрсен дух. Секој момент треба да избираат помеѓу двата начини на живот: Крстоносниот во Христа живот и световниот антикрсен живот, т.е. помеѓу крсната љубов и антикрсниот егоизам.

Со љубовта се сораспнуваме со Христа, додека со егоизмот Го распнуваме Христа и стануваме непријатели на Христовиот Крст. За старите и новите распнувачи на Христа говори и Апостол Павле: „Оти мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов; нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи“ (Фил. 3,18 -19).

Ѓаволот се обидува да ги исплаши христијаните дека, ако го изберат крстоносниот живот, нема да напредуваат, нема да опстанат (со крстот во раката не напредуваш), туку ќе станат жртви на злоупотреба од страна на другите, и тогаш им советува тие да ги злоупотребуваат (за другите да не ги злоупотребуваат нив).

 



Така од маловерие ја пренебрегнуваат Благодатта, силата и заштитата Божја за сите коишто ги пазат Неговите заповеди. И уште имаат да се соочат со искушенија од луѓето на нивното опкружување коишто им го повторуваат она што Му го кажувале распнувачите Христови на Христа: „Ако Си Син Божји, слегни од Крстот“ (Мат. 27,40).

Евреите Го барале Исуса Христа Месијата, но без крст. И денес световните луѓе сакаат да направат еден земен рај без Крст. Нè повикуваат и нас христијаните да го оставиме крстоносниот начин на живеење. Колку ли реакции од опкружувањето имаат благочестивите родители кои усвојувајќи го крстоносниот дух стануваат многудетни? Колку искушенија имаат младите кои сакаат да живеат во благочестивост и чистота?

Ако Антихристот војува против Христа, го прави тоа бидејќи Христос е распнат Христос, а тоа значи и воскреснат. Тој, Антихристот, како лажен месија и лажен пророк, им ветува на луѓето земен рај, искупување и спасение без крст. Меѓутоа како може да постои рај без љубов, љубов без самоодрекување? Востанието против егоизмот е најрадикалното востание во светот, во кој без тоа востание не може да се случи никаква промена на подобро. Карактеристично е толкувањето што му е дадено на бројот на Антихристот 666, којшто на грчки се пишува ΧΞΣτ (Χρίστος Ξένος Σταυρου– Христос туѓ на Крстот). Значи, Христос без Крст е Антихристот и сите негови претечи.

Да ја побараме денес благодатта од Распнатиот и Воскреснатиот Господ, за да не бидеме вовлечени од Антихристот. Да не ги одречуваме Неговиот Крст и нашиот крст, љубовта, духот на жртвата и принесувањето, смирението, трпението во страдањата, воздржанието, аскезата.

Особено во моментите кога егоизмот настојува да нè овлада да се впериме кон Распнатиот, како што и отруените Евреи во пустината правеле со бакарната змија.

Да ја распнеме на Неговиот Крст секоја наша егоистичка желба, секоја гревовна плотска страст, секое наше непослушание, секоја наша злоба и злопаметење, секое наше нетрпение, секој наш гнев и лутина, секое наше маловерие.

А ако од човечка слабост и негрижа паднеме и делуваме антикрсно, да се покаеме и преку покајанието да се вратиме во крстоносниот живот.



Да ја побараме за тоа и помошта на нашата Пресвета Богородица, која не само што не Го одврати својот Единороден Син од Крстот, туку и самата живееше крстоносно, и расудливо Му помагаше на нејзиниот Син во подигањето на Неговиот крст. Сега ни помага и нам во подигањето на нашиот сопствен крст, крст што води во Воскресение. Нашата премудрост не тајно воведува во живот. Во нашата крсновоскресенска Црква и ние стануваме крсновоскресни Христијани.

Хорот на светите на нашата Црква е хор на распнати и воскреснати, на сораспнати и совоскреснати со Христа, коишто околу Закланиот Агнец на чело со Пресветата Богородица ја пеат новата песна. Тоа е вечната Пасха.

На таа Пасха сите нас нè повикува Христос преку Неговиот Крст.