Не е најгорд оној што надмено се фали, туку оној, што се фали дека е многу смирен.

Оној што се оправдува себеси додека греши, од своето срце прави скривница за демоните и ќе продолжи да греши уште повеќе и ќе биде напразно уништен од сопствениот егоизам, доколку не го уништи своето „јас“. Оној, кој ги оправдува своите страсти полека запаѓа во тешка болести станува препознатлив по својата ‘кашлица’.

Оној, кој нема свест за својата грешност, туку, уште и се гордее, страда од две болести: тага и краста. И колку и да сака да ја прикрие својата болест станува препознатлив по јадежот и чешањето.

Оние, кои не прифаќаат забелешки дури ни од луѓето кои ги сакаат, стануваат исмеван и од оние, кои размислуваат световно и на крајот остануваат како криво дрво и духовно бесполезни. Како што штицата која не се покорува на обработката на столарот за да стане мебел, завршува како штица во скалите и бива газена и валкана сè додека не изгние и не заврши во оган.

Горд човек, па, уште ако е и гневен, нема да има никаква полза што смирен човек пред него ќе биде понизен, туку во повеќето такви случаи ќе биде уште полош, за разлика и од самиот ѓавол кој отстапува пред смирението. Затоа, божествената благодат отстапува од гордиот и слегува на смирениот.

Оној, кој високо мисли за себе, покажува дека не е при себе (не е нормален). Зашто, наместо да биде благодарен на Бога за сите добра кои му ги дал, тој Го навредува и ги присвојува даровите Божји.

Оној, кој постојано се гордее, непрестајно си штети на себеси, зашто, тогаш, никогаш нема да има духовни полетувања, туку само падови, сè додека не се уништи. А тоа е затоа што не го смирил своето срце со смиреноумие.

Оној, кој е полн со гордост, полош е од оној кој е опседнат од ѓаволот, зашто гордоста постојано се дуе и расте. Додека човекот кој има нечист дух се мачи, но и се смирува. На крајот, Бог го ослободува, а во душата му останува двојна полза: од мачењето и смирението.

Гордоста многу придонесува во спречувањето на Божјата благодат, а гордата помисла ги нарушува нашите добродетели, како, кога во тава, додека се пржат јајца ќе паднат трошки – тогаш можеме само да ги истуриме.

Оние, кои можат да трпат надмени луѓе, но не ласкајќи им, тие се најсмирени, најверни и најправедни луѓе, зашто непрестајно се угнетувани и запоставувани од гордите луѓе.

Поголема благодарност треба да им укажуваме на оние кои нè понижуваат и огорчуваат, отколку на оние кои нè хранат со слатки зборови или вкусни јадења.

Да не испитуваме дали некој праведно или неправедно нè огорчил, од љубов или од злоба, дали сме малку или воопшто виновни, туку од тоа да извлечеме духовна добивка, која го протерува секое искушение. Така ќе Го прославиме Бога за сè, па и за луѓето кои нè повредиле.

Искушенијата и трпението се неопходни за спасение на душата, зашто тие ја разбиструваат душата. Колку повеќе го триеме платното во водата, тоа станува сè побело.

Наспроти ова, наградите и почестите од овој свет многу им штетат на чувствителните души, кои сакаат да се ослободат од суетите на овој свет.

Тешко нас кога нè фалат дека сме добри лубеници, а ние сме тикви! (Тешко тебе, беден Пајсиј).

Тешко на оној кој не внимава, а сака да остави впечаток дека е свет, зашто со ова вечно себеси се упропастува. А ова е од причина, што по смртта никој не ќе може самиот да моли за упокоение на својата душа, туку ќе има потреба од молитвите на другите. (За жал, на ова не внимавав и се огрешив кон својата душа, помолете се Господ да ја упокои).

Оној, кого го погодува тоа што со своето невнимание паднал во очите на светот, ќе биде непрестајно навреден и неутешен и ќе продолжи да паѓа сè додека не го промени типикот и не се понизи. Само така ќе се избави од паѓањата.

Оној, кој се радува на човечките пофалби, е исмеван од демоните.

Кај суетен човек не можеш да најдеш духовни плодови, а и ако најдеш нешто малку, тоа ќе биде расипано, додека, пак, смирен човек дури и да е духовно сиромашен (гледано надворешно), тој и тогаш поседува (внатрешно) духовно богатство.

Луѓето од овој свет кои го хранат телото со богати јадења, а душата со пофални зборови, остануваат духовно гладни и празни. Позициите и власта по кои копнеат суетно ќе завршат, а тие ќе останат само со своите фантазии, кои, најмногу ќе ги мачат, зашто тие се причина за лишување од небесните добра. Додека оние кои духовно се бореле и одбрале обични столови наместо фотелји, ќе бидат ослободени од Праведниот Судија на Судниот ден и како ревносни деца Божји ќе бидат наследници на рајот.

Кога се обидуваме да се оправдаме и да ги избегнеме укорувањата, покажуваме дека сè уште размислуваме според критериумите на овој свет. А разочарувањето кое по ова настапува, нема во себе ништо покајничко, туку е предизвикано од желбата за допаѓање, кое ја труе душата и телото.

Оној кој плаче зашто Го навредил Христа со своите гревови, веднаш ќе добие божествена утеха, која ќе биде според неговата натаженост.

Усрдната и чувствителна душа (додека духовно не закрепне), нема да има никаква полза од подробно преиспитување на своите грешки, зашто, лукавиот тогаш ќе и вметне дух на пречувствителност па така повеќе да ја натовари. Лукавиот никогаш не оди спротивно од нас, туку ни одобрува, т. е. се обидува да ги умножи плачот и тагата, за да ја растажи душата и да ја задуши со униние (безволност).

Жените, секако, повеќе се искушувани со пречувствителноста која ја создава лукавиот, и тогаш не им помага ни топлината на срцето која ја имаат, а ни разумот кој е послаб од разумот на мажите (кои го имаат повеќе, но имаат помалку топлина на срцето, отколку жените).

А ако се случи, некоја жена да поседува изострен ум, а во себе има повеќе зло, отколку љубов, па, ова, уште го смета за способност и се гордее, тогаш – Бог да чува – може да го надмине и папата во непогрешливоста и Мусолини во варварството.

Најголем непријател, поголем и од самиот ѓавол, е злобата помешана со гордост, зашто, не само што ги отстранува добродетелите и ги прави бесмислени, туку, го мачи и телото, а душата ја одведува во пеколот.

Како што еден мал отвор на конзервата може да ја расипе целата конзерва, така и една горда помисла ако помине преку нашата глава може да ги оштети сите добродетели.

Егоизмот, во повеќето случаи, прави најголема духовна штета, зашто егоизмот е најживото и најизопаченото дете на гордоста.

Кога не би постоело она „јас“ и кога луѓето би употребувале само „ти“ и „тој“, би имало повеќе смирение, љубов и благослов Божји во светот, а тогаш луѓето на земјата би живееле како во рајот. Добриот Бог нека им го подари овој благослов на своите созданија. Амин.



Извадок од книгата: Старец Пајсиј Светогорец,

Велес: Повардарска епархија „Св. Ѓоргиј Полошки“ 2016, 223-226

Преземено од: Бигорски манастир

 

Друго: