Воскресение

 
Еднаш, додека студирав теологија во Париз, појдов кај мојот духовен отец и му се жалев за моите маки. Тој ме праша: „Зошто си тажен? Заборави дека Христос воскресна?“

Значењето на ова е дека Христос е господар на сиот наш живот, и животот во светот, и дека ние не го ограничуваме Неговото воскресение меѓу камените црковни ѕидини. Христос е жив: Тој ни дава живот. Тој го воскреснува секој еден од нас од нашата мизерија и нашата тага. Христос влегува во натаженото срце, а не само во црковните ѕидини.

Ако вистински сме убедени дека Исус е целиот наш живот, нема да тагуваме. Ќе се осмелам да речам дека нема ниту да умреме. Ќе умреме надворешно, со телото, но ќе живееме вечно затоа што Тој живее.

Филозофот Ниче рекол: „Покажете ми дека сте живи и можеби ќе поверувам во вашиот Христос. Покажете ми дека сте спасение, за да можам да верувам во вашиот Спасител.“ Ние не треба да евангелизираме со зборови. [Секако,] Ова е обврска, но она што се бара од нас е да евангелизираме преку новиот живот што е во секој еден од нас. Оној кој е притиснат под тежината на своите таги не може да евангелизира. Оној кој пребива во грев не евангелизира. Само оној кој се кае евангелизира затоа што тој е жив.

Се надевам дека моите православни браќа нема да ја ограничат нивната радост [само] на нивните литургиски служби. Службите не се во нивна сопственост. Ако [службите] не ги преобразат нашите животи и не нè обноват, тогаш тие се ништо.

Понекогаш се возмутувам [гледајќи како] членовите на нашата Црква ги издигнуваат нашите богослужби, иако тие самите не се живи. Само пеење. Ако [богослужбите] не ги преобразат нашите животи и не нè кренат над нашите маки, тие се ништо. Ајде сите да појдеме во еден нов живот кој победува ги победува тагите од нашиот семеен, државен и личен живот. Оние коишто не веруваат дека Христос е жив денес, а не само пред две илјади години, и кои не веруваат дека Тој им дава живот ним, на нивните семејства и деца, тие велат дека за Христос се зборува во книгите. Христос не е во кингите. Тој е во нашите дела, во нашите срца, во нашите очи. Ако не го прифатиме ова, тогаш Тој е една личност што умрела пред две илјади години. Христос е жив. Сфатете го ова. Длабоко размислете за ова. Живејте според ова. Ќе имате живот.

Јас сум цврсто убеден дека Христијаните во оваа земја [Либан] не дејствуваат доволно затоа што тие не веруваат. Тие пеат. Православните особено сакаат да пеат. Дали ти сакаш да пееш? Сакаш да пееш за да уживаш. Но, треба да сакаш да пееш за да живееш преку делата а не преку мислите, [да го живееш] својот живот и сета своја вера. Ако не го стекнеме овој дух, тогаш ние сме ништо. Ние сме само една секта што си ги пее своите песни. Но, тоа не е доволно. Христос мора да биде жив во секој еден од нас, менувајќи ги нашите дела и мисли, обновувајќи нè.

Ако Христос не стане наш живот, тогаш ние сме ништо и нашата држава нема да преживее. Нашата држава првенствено живее преку оние кои веруваат во Исуса. Ние сме ништо ако не им Го дадеме Христа на луѓето. Ова се прави преку нашиот живот, нашето однесување, нашата неизвалканост. Не сум видел многу Христијани кои веруваат во вистинска, совршена неизвалканост која владее со нивното однесување. Само такви кои зборуваат за високи принципи.

Кога христијанството се појавило и рашилило меѓу паганскиот свет, христијаните биле малубројни и паганите велеле: „види колку се љубат меѓусебно“. Ако денес некој однадвор дојде во нашата земја, и ги види христијаните, дали ќе може да ги рече истите зборови, „види колку овие луѓе се сакаат“? Ако не се однесуваме на овој начин, тогаш ќе останеме само секта, но не и Црква. Секта означува некаква општествена група вброена во либанскиот систем. Ако вистински не станеме Црква Божја, осветлувачки светилник што ја освојува историјата, од која луѓето имаат полза, тогаш ќе останеме само уште една секта во пописот. Од друга страна, повикот за секој еден од нас е да стане велик во Христа Исуса. Митрополит Либански г. Георгиј Кодр

Извор: http://pravoslavie.mk.