Плаштеница

Пред неколку дена Го пречекавме Христос во Ерусалим, Кој како цар влезе во неговиот град, а сега пред нас мртов лежи. Му се придруживме на трпезата, јадејќи од лебот што го прекрши за нас, а сега Неговото мртво тело лежи пред нас. Ни ги изми нозете, а ние сега Го помазавме и Го погребавме.

Се сврши.A ние сакавме, како и неговите ученици, да застанеме од Неговата десна и лева страна во славата на Неговото царство; сакавме, како и нив, Он да го стори сето она што од Него го побаравме.

И сега сите наши надежи и очекувања замреа.

Сите оние нешта поради кои вообичаено Му се обраќаме на Бога, зa да испросиме здравје, напредок и сигурност, Негова помош во сите наши планови и проекти, за да се пазариме со Него, нудејќи Му ги нашите напори за побожност и аскеза – за поверен живот, за да побараме од Него влијание во нештата од овој свет, и да го исцели хаосот што ние го сотворивме… Сите овие нешта, и сето она што доаѓа со нив, она што за нас е најскапоцено – самите наши животи – СЕТО ОВА ЗАВРШИ ВО ГРОБОТ.

Сè е суета, и сите патишта на овој свет во смрт водат.

Се сврши.

Многу сме посреќни со нашиот Бог кога Тој е на небесата, отколку со Овој Човек Кој пред нас лежи: не Го познавам Човеков.

Ние сакаме еден бог којшто ги исполнува нашите очекувања: еден семоќен мајстор на дрвени кукли кој сè знае, а не Бог Кој нè соочува со сè што е човечко – Кој служи на другите, Кој плаче, Кој умира. Покажи ни Го Отецот, Му велиме, – и тоа ќе ни е доволно. Ние копнееме по еден бог кој би нè избавил од нашата несигурност, слабост и страв, кој би ги видел нештата од неговата возвишена и незаменлива перспектива, којшто сите нешта ги држи во својата промислена контрола, кој магиски би ги решил сите наши проблеми. И на тој начин, ние бараме да ја избегнеме не само нашата несигурност, слабост и страв, туку и нашата радост и смеа – сите оние нешта што ја сочинуваат особената убавина на човечкото постоење. Се сврши. Не Го познавам Човеков – навистина, не сакам да знам што значи да се биде човек, да се биде смртен. А сепак, токму на ова се заветивме кога одговоривме на Неговиот призив: „врви по Мене“, следи ме во тело, и чуј го гласот Божји како зборува од Својата слабост, од бедата, од страданијата, од погребението. И како што Го следевме, се обидувавме колку што можевме – да бидеме добри кон другите, кон отфрлените и грешниците – кон бедните и оние со потреби, кон митарите и блудниците – кон оние кои Тој ги посетуваше. Се обидувавме да бидеме добри кон нив, да ги трпиме, да им проштеваме и да им помагаме онолку колку што сметавме дека е возможно и пристојно, цело време благодарејќи Му на Бога што не сме како нив. Го слушавме Божјото Слово како нè упатува кон другите луѓе во нивната потреба, а сепак, сè уште не Го слушаме Божјото Слово како доаѓа од слабоста на самото тело. Богот кој го посакуваме би останал на небесата, говорејќи ни од височините, со јасни укази за наше подобрување, како би се задоволиле од исполнувањето на нашите верски обврски.

Се сврши – сега сè што имаме е молкот.

Секојпат кога Христос ни се објави во божествена форма – во Неговото Рождество, Крштение и Преображение – ние го слушавме гласот Божји од небесата, кој ни говореше „Овој е Мојот Син, Него слушајте Го“. Но, овој пат, кога Христос крикна во оставеноста, не чувме ништо – и немаме каде да гледаме, туку сме оставени да зјаеме, неублажени, до Неговото мртво тело, и во земја Го положивме. И во овој молк сите зборови, мисли и слики кои постојано ни навираат во нашите умови – завршуваат. Се сврши. Бивајќи намалени до овој молк, можеби токму сега, во молкот Божји, конечно можеме да го чуеме Словото Божјо, во неговиот најсуров можен облик. Како што навлегуваме во благословениот Шабба́т, Господ почива од сето Свое делување – во гроб, пред нас. Се сврши – се соврши: Еве Го Човекот, вистинскиот Човек, Кој до крајот нè љубеше, иако јас не Го познавам, и не можам да Го сфатам. „Меѓу боговите нема таков каков што си Ти, Господи, и нема дела како Твоите.“ Божјите патишта го надминуваат нашето разбирање, ужаснувајќи ја секоја пречка што ја ограничува нашата безмоќна фантазија. Он ни покажа што значи да се биде божествен на најстрашниот начин – не како надчовечко битие, туку како вистински Човек, – и тоа како Човек на начин кој длабоко нè допира сите нас: преку смртта; она што на сите нам ни е заедничко, без разлика какви и да сме – оти, секој од нас со сигурност ќе умре. Доколку на инаков начин ни покажеше што значи да се биде вистински човек, некого ќе вклучеше, а друг пак, ќе исклучеше; и, доколку на инаков начин ни покажеше што значи да се биде Бог, каков удел ќе имав јас во тоа? Но, преку Неговата смрт, Неговиот живот живеен за другите, патот на жртвата и служењето, во Неговата љубов и сострадалност кон нас ни покажа еден поблажен пат, пат што ги надминува нашите себевозвишувачки желби и самочовечки планови. И овој живот, како што мора, водеше кон самиот гроб. Се сврши, се соврши. Сега ни останува да Го следиме до крајот, но не само да стоиме и да гледаме, туку да ја употребиме нашата смртност – фактот дека секој еден од нас ќе умре, сакале ние или не, – да ја употребиме нашата смртност, нашата способност за смрт, на начинот на кој Тој ни покажа: сораспнувајќи се со Него, умирајќи сега за сето она што е паднато и грешно во мене и во светот, за да воскреснеме со Него, и за Тој да живее во нас, како што ни вети. Последниве четириесет и нешто дена се подготвувавме за ова: усмртувајќи ги нашите телесни умови, за низ очистениот, духовен вид да можеме да ја видиме силата во слабоста, за да можеме да видиме не само уште една смрт, туку победа на смртта со смртта. Затоа, да навлеземе сега во оваа тајна тишина на тридневната Пасха, бдеејќи во ноќта со слова подобни на замолкнатото Слово, за нашето погребно оплакување да стане песна, најдолична за Бога – алилуја – слава на Бога, и да се научиме да живееме во светлината што ни засветлува од гробот.

Пред неколку години, на Велики Петок Омилија на протоереј ставрофор д-р. Џон Бер, декан и професор по патрологија

Извор: http://pravoslavie.mk.