Протојереј Георгиј Флоровски

Bogorodica.resetki.jpgВо смртта на Спасителот, откриена е немоќта на смртта над Него. Во полнотата на Својата човечка природа, нашиот Господ бил смртен, бидејќи дури и на изворната и неосквернета човечка природа ì билa својственa „potentia mortis“. Господ бил убиен и умрел. Но смртта не го задржала „... бидејќи таа немаше сила да Го задржи“ (Дела 2:24). Св. Јован Златоуст дава свој коментрар: „Тој Самиот дал дозвола... и смртта што го држела имала болки како во агонија, и била ѕверски бесна... А Тој, така издигнат, никогаш да не умре“. Тој е Вечен Живот, и со самиот факт на Својата смрт Тој ја уништил смртта. Самото Негово слегување во адот, во областа на смртта, е моќно пројавување на животот. Со симнувањето во адот Тој ја оживеал самата смрт. Со Воскресението се покажала немоќта на смртта. Душата Христова, раздвоена во смртта, исполнета со божествена сила, повторно се соединила со телото, коешто во смртното раздвојување останало непропадливо и не претрпело никакво физичко распаѓање. Во смртта на нашиот Господ покажано е дека Неговото пречисто тело не било подложно на тление, дека било слободно од смртноста во којашто изворната човечка природа западнала преку гревот и падот.

Во првиот Адам, инхерентната потенцијалност на смртта била откриена и покрената преку непослушанието. Во вториот Адам можноста на бесмртноста, преку чистотата и послушанието, била сублимирана и остварена преку немоќта на смртта. „И како што во Адама сите умираат, така и во Христа сит еќе оживеат“ (1 Коринтјаните 15:22). Сето ткиво на човековата природа се покажало во Христа како постојано и силно. Одвојувањето на душата од телото не е целосно. Дури и во смртта на обичен човек, како што забележува св. Григориј Ниски, тоа одвојување никогаш не е апсолутно. Одредена врска и понатаму постои. Во смртта на Христос оваа врска не е само „врската на познанието“. Неговата душа никогаш не престанала да биде „животна сила“ на телото, така што Неговата смрт, во својата стварност, како и вистинското одвојување на душата од телот, наликувало на спиење. „Тогаш смртта човечка се покажа како заспивање“, вели св. Јован Дамаскин. Реалноста на смртта сè уште не е укината, но е откриена нејзината немоќ. Господ навистина и реално умрел. Но во Неговата смрт се појавил јасен показател на „динамисот (силата) на воскресението“, кој е латентен, но ì е својствен на секоја смрт. Во Неговата смрт аналогијата со параболата со пченичното зрно (Јован 12:24) се покажува како сосема соодветна. Во Неговата смрт се појавува славата Божја. „Оче, прослави го името Свое“ (Јован 12:28). Во телото на Воплотениот ова меѓувреме меѓу смртта и воскресението е мошне кратко. „Се сее  во бесчест – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила; се сее тело душевно – воскреснува тело духовно“ (1 Коринтјаните 15:43-44). При смртта на Воплотениот ова таинствено растење на семето било завршено за три дена – „triduum mortis“.

„Тој не страдал за храмот на Неговото тело долго да остане мртов, туку да го покаже тој храм мртов во допирот со смртта, воскреснувајќи го во третиот ден, а со него воскреснувајќи го и знакот на победата над смртта, кој како непропадливост се пројавил во телото.“ Со овие зборови св. Атанасиј го става во прв план победоносниот и воскреснувачки карактер на Христовата смрт. Во тој таинствен „triduum mortis“ телото на нашиот Господ се преобразило во тело на славата и било облечено со сила и со светлина. Семето созреало. Господ воскреснал од мртвите како што младенец излегува од брачната одаја. Ова е извршено со силата Божја, како што и општото воскресение, во последниот ден, ќе биде извршено со силата Божја. Во воскресението е исполнето воплотувањето, победоносното пројавување на животот внатре во човековата природа, зацртување на бесмртноста во човечкиот состав.

Воскресението Христово било победа не само над Неговта смрт, туку и над смртта воопшто. „Ние ја славиме смртта на смртта, падот на пеколот и почетокот на нов и неминлив живот.“ Во Неговото воскресение целото човештво, сета човечка природа, совоскреснала со Христос, „човечкара раса се облекла во непропадливост“. Совоскреснување – но не во смисла дека сите тогаш станале од гробовите. Човекот сè уште умира, но укината е безнадежноста на смртта. Силата на смртта е укината, а на целата човечка природа ì е дадена силата или „potentia“ на воскресението. Апостол Павле зборува за тоа мошне јасно: „А штом нема воскресение на мртвите, тогаш и Христос не воскреснал... оти ако мртвите не воскреснуваат, и Христос не воскреснал“ (1 Коринтјаните 15:13, 16). Апостолот сака да каже дека Христовото воскресение би било без какво и да е значење доколку го немало своето универзално исполнување, доколку целото Тело имплицитно не било „пред-воскреснато“, заедно со Главата. И верата во Христа тогаш би изгубила секаква смисла и би станала празна и залудна. ... тогаш не би постоело ништо во што би се верувало. Ако, пак, Христос не воскреснал, суетна е нашата вера (1 Коринтјаните 15:17).  Без вера во општото воскресение, верувањето во Христа би било залудно и без цел. Тоа би била само празна слава. „Но Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина на умрените“ (1 Коринтјаните 15:20). Во ова се содржи победата на животот. „Навистина, ние сè уште умираме  како и порано“, вели св. Јован Златоуст, „но не остануваме во смртта, и затоа тоа веќе не е смрт... Силата и вистинската стварност на смртта е токму во тоа што мртов човек нема можност да се врати во живот... Но ако по смртта тој биде оживеан и ако му биде даден подобар живот, тогаш тоа веќе не е смрт, туку заспивање.“ Истата концепција се среќава и кај св. Атанасиј. „Клетвата на смртта“ е укината. „Пропадливоста е изгонета и избркана со благодатта на воскресението, така што во иднина ќе бидеме распаднати само привремено, во склад со смртната природа на нашето тело. Како семе што е посеано во земја, ние не пропаѓаме, туку `ртиме во земјата за повторно да станеме. Смртта, така, е сведена на ништо, со благодатта на нашиот Спасител.“ Ова претставувало исцеление и возобновување на природата, и затоа тука постои одредена принудност. Сите ќе бидат воскреснати и сите ќе бидат востановени во полнотата на своето природно битие и ќе бидат преродени. Понатаму, секое развоплотување е само привремено. Темниот превез на адот е уништен со силата на живототдавниот крст.

Св. Григориј Ниски силно ја истакнува органската поврзаност меѓу распнувањето и воскресението. Воскресението не е просто последица, туку е плод на смртта на крстот. Св. Григориј посебно нагласува две работи: единството на Божествената ипостас, во која душата и телото Христови се поврзани дури и во смртната раздвоеност, и совршената безгрешност на Господа. Потоа продолжува: „Кога нашата природа, следејќи ја сопствената насоченост, дури и во Него доспеала до раздвојување на душата и телото, Тој повторно ги поврзал раздвоените елементи, поврзувајќи ги со Својата божествена сила, сврзувајќи го она што било разделено, за никогаш повеќе да не може да биде раскинато. Ова е воскресение, односно враќање по нивното раздвојување, на оние елементи коишто претходно биле поврзани, во неразделно единство преку заемно соединување. За да може првобитната благодат, којашто му е дадена на човечкиот род, повторно да биде повикана, а ние воспоставени во неминлив живот, кога порокот којшто е помешан со нашиот вид испари преку нашето разложување... Зашто, како што принципот на смртта влегол преку една личност и преку наследство преминал на целиот човечки род, на сличен начин и принципот на воскресението од една личност се проширува на целото човештво... Зашто, кога во таа конкретна природа, којашто Тој ја зел врз Себе, душата по раздвојувањето била вратена во телото, тогаш тоа ново соединување на раздвоените делови, тој нов принцип, преминува на целиот човечки род. Тоа е тајната на божествениот план во однос на Неговата смрт и на Неговото воскресение од мртвите.“ 

Со најголемо внимание треба да се прави разлика меѓу исцелувањето на природата и исцелување на волјата. Природата е исцелена и востановена со одредена сила, со моќната сила на Божјата семоќност и на непобедивата благодат. Некој би можел да каже дека тоа е „насилие на благодатта“. Единството, на некој начин, ì е наметнат на човековата природа. Зашто, сета човекова природа („семето Адамово“) во Христа е потполно и целосно исцелена од неединството и од смртноста. Ова востановување (на човековата природа) ќе биде остварено и откриено во својата целосна големина при сеопштото воскресение, при воскресението на сите – како на праведните, така и на грешните. Никој, барем што се однесува до природата, не може да ја избегне Христовата царска власт, ниту може да ја избегне неискажливата сила на воскресението. Но, човековата волја не може да биде исцелена на истиот, непобедлив начин. Зашто, целото значење на исцелувањето на волјата лежи во нејзината слободна преобразба. Човековата волја мора самата да се сврти кон Бога. Тоа мора да биде слободен и спонтан одговор на љубов и на восхит. Човековата слобода може да биде исцелена само во слобода, во „тајната на слободата“. Само со таков спонтан и слободен напор човекот влегува во нов и вечен живот кој е откриен во Исус Христос. Духовната преродба  може да се постигне само во совршена слобода, во послушноста на љубовта, во самопосветување и самопредавање на Бога. Ова разликување со големо внимание било нагласено во беседите на Никола Кавасила во неговото дело „Христовиот живот“. Воскресението е „коригирање на природата“, и Бог го дарува слободно. Но Царството Божјо и единството во Христа претпоставува желба, и затоа им е достапно само на оние коишто ги бараат, ги љубат и ги посакуваат. Бесмртноста ќе им биде дадена на сите, како што сите можат да уживаат во Божјата промисла. Не зависи од нашата волја дали ќе воскреснеме по смртта, како што нашата волја не одлучува дали ќе се родиме. Христовата смрт и воскресението им ја носат бесмртноста и непропадливоста на сите на ист начин, затоа што сите ние ја имаме истата природа со Човекот Исус Христос. Но, никој не може да биде принуден да сака. Така, воскресението е дар кој е заеднични за сите, но блаженството ќе им биде дадено само на некои. И повторно, животниот пат е пат на одрекување, умртвување, саможртвување, самопринесување. Мора да се умре за себе за да се живее во Христос. Секој мора себеси лично и слободно да се поистовети со Христос, Господ, Спасител и Искупител, во исповедањето на верата, во изборот на љубовта, во таинскиот завет на верност. Секој треба да се принесе себеси како жртва, да ја „изгуби душата“ заради Христа, да го земе својот крст и да тргне по Него. Христијанскиот напор е „следење“ на Христос, следење на патот на Неговото страдање и на Неговиот крст, сè до смртта, но пред сè, следење на љубовата. „Со ова ја разбираме љубовта Божја, зашто Тој прв го дал Својот живот за нас. Така, и ние сме должни да го дадеме нашиот живот за браќата. Во тоа е љубовта, не дека ние сме го засакале Бога, туку дека Тој нè засакал нас и Го пратил Својот Син за да биде прошка за нашите гревови“. Оној кој нема да умре со Христос, не може ниту да живее со Него. „Доколку со слободна волја не прифатиме да умреме со Негово страдање, Неговиот живот не е во нас“ вели св. Игнатиј. Ова веќе не е аскетско или морално правило, ниту е прашање на дисциплина. Ова е онтолошки закон на духовното постоење, самиот закон на животот.

 Подготви: д-р Драган Михајловиќ

 

{moshits}