(Архива)

 Зошто е потребно да одиме во црква? – митр. Иларион Алфеев


dete vo crkva

Кај многу луѓе, кои ретко доаѓаат во црква, се создава некој потрошувачки однос кон црквата. Доаѓаат во храмот, на пример, пред големо патување – за да запалат свеќа за секој случај, за да не им се случи нешто на патот. Навраќаат на две минути, брзо ќе се прекрстат неколку пати и откако ќе ја стават запалената свеќа, си заминуваат. Некои, навраќајќи во храмот, велат: „Јас сакам да дадам пари, за свештеникот да се помоли за тоа и тоа“, – плаќаат пари и си заминуваат. Свештеникот е должен да се моли, а самите тие луѓе не учествуваат во молитвата.

Тоа е неправилен однос. Црквата не е автомат за купување на „сникерс чоколади“: фрлаш паричка и паѓа чоколадо. Црквата – тоа е место, каде што треба да одиме, за да живееме и да се учиме. Ако преживувате некакви тешкотии или некој од вашите блиски се разболел, не се ограничувајте само со тоа, да отидете и да запалите свеќа. Дојдете во црква на богослужба, навлезете во стихијата на молитвата и заедно со свештеникот и заедницата вознесете ја својата молитва за она, што ве вознемирува.

Многу е важно редовно да ја посетуваме црквата. Добро е да одиме во црква секоја недела. Неделната Божествена Литургија, како и Литургијата на големите празници – тоа е време кога можеме, ослободувајќи се на два часа од нашите земски работи, да се потопиме во стихијата на молитвата. Добро е целото семејство да доаѓа во црква, за да се исповедаат и да се причестуваат.

Ако човекот научи да живее од недела до недела, во ритамот на црковните служби, во ритамот на Божествената Литургија, тогаш целиот негов живот ќе се измени на суштински начин. Пред сè, тоа става дисциплина. Верникот знае дека во наредната недела му доаѓа редот да Му даде отчет на Бога, и тој живее поинаку, не си допушта многу гревови, кои би можел да си ги допушти, ако не ја посетува црквата. Освен тоа, самата Божествена Литургија – тоа е можност да се прими Светата Причест, т.е. да се соединиме со Бога не само духовно, туку и телесно. И, најпосле, Божествената Литургија – тоа е сеопфатна служба, кога и целата црковна заедница, и секој нејзин член можат да се молат за сè, што ги вознемирува, тревожи или радува. Верникот за време на Литургијата може да се моли и за себе, и за своите ближни и за својата иднина, да се кае за гревовите и да бара благослов Божји за понатамошното служење. Многу е важно да се учиме целосно да учествуваме во Литургијата. Во Црквата има и други служби, на пример, сеноќно бдение – подготвителна служба за причестување. Може да се закаже молебен на некој светител или молебен за здравје на овој или оној човек. Но ниту една од таканаречените „приватни“ служби, т.е. нарачани од човекот за молитви за некои конкретни потреби, не можат да го заменат учеството во Божествената Литургија, затоа што токму Литургијата – таа е центар на црковната молитва, и токму таа треба да стане центар на духовниот живот на секој христијанин и на секое христијанско семејство.

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

Извадок од книгата „Со пост и молитва“ која деновиве ќе излезе од печат.

Извор: Отродоксија и ортопраксија