„Зрнца од синап“ - чудесни фрагменти живот
 

Korica.ZrncaodSinap.jpg
  
  
Во расказите на јеромонах Филип од монашкото братство во манастирот „Зрзе“ ќе го почувствувате мирисот на вжештеното пелагониско пладне, жолтите жита и длабоките зрзески ноќи, ладовината на столетниот орев, модрото студенило на планинскиот поток...


Мотив од корицата

Збирката раскази „Зрнца до синап“ од јеромонах Филип од монашкото братство во манастирот „Зрзе“, објавена во издание на „Пунктум“, е вистинско прозно освежување, напишано со раскошно архаичен и проникнувачки јазик, кој нé вовлекува во низата од петнаесет прозни бисери. Од својата позиција на кроток и ненаметлив набљудувач, авторот на мошне мудар и ненаметлив начин го омеѓува човечкиот исконски страв од соочувањето со болката и тагата. Неговиот глас е тивок но моќен, а расказите имаат молитвен и исповеден тон со кој монахот ни покажува дека она од што бегаме - понорот на болката и смртта - се онтолошки дел од нас и дека тие можат да бидат и радосни.

„Почетокот секогаш происходи од темна гама. Од темнината се наѕира лик. Зад кората од јајцето треперат крилја. Во длабочината на земјата ‘рти ново семе. Во темната, топла мајчинска утроба одекнува глас на нов човек. Во срцето на иконописецот се раѓа иконата. И сé е затоплено од љубов...“, почнува еден од своите раскази авторот.

Токму преку овој маѓепсувачки ефект на слика во слика во овие раскази се појавуваат чудесните рефлексии на животот и смртта, процедени низ окото и срцето на монахот, кој од темната почва на својот подвижнички корен ги црпи блескавите бои со кои го благословува животот во целата негова полнотија. Во нив ќе го почувствувате мирисот на вжештеното пелагониско пладне, жолтите жита и длабоките зрзески ноќи, ладовината на столетниот орев, модрото студенило на планинскиот поток.

Пловејќи низ немирното море на зрзескиот кораб, јеромонах Филип раскажува за обновувањето на подвижничкиот живот во манастирот три години пред крајот на минатиот век. Пуштајќи сонда низ времето, го гледа живописецот Макариј, кој со алова боја го испишува името Богородица Пелагонитиса на иконата-заштитничка на манастирот, бледата зора кога смртта го допрела срцето на монахињата Ирина, жешката солза од каменото срце на дедо Мијајле, благите очи на баба Таска... Тој нé соочува со феноменот на историјата, во неговата низа минатото и сегашноста постојат не едноподруго, туку едно во друго... Постојано загледан во незараснатата лузна, која ги раздвојува животот и смртта, авторот лебди над времето, слушајќи го шепотот на живите гробови во манастирскиот атар и порачува:

„Непрепознавањето на животот е смрт. Непрепознавањето на човекот е смрт. Гробовите стојат како камења меѓници, меѓу нив - бранови. Плискаат од сите страни и како ветрот ги разнесуваат живите глуварчиња низ небесното синило...“

Животот гледан низ окото на монахот, меѓу другото, е и одлична лектира, особено за оние што по пат го загубиле парчето мозаик наречено - вера надеж и љубов, поведувајќи ги на патешествието на исконската љубов, која победувајќи ја смртта, се среќава со чудото на животот.   
   
Автор: Мимоза Петревска Георгиева 

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=712111020432&id=16&prilog=0&setIzdanie=22328