Еклисиолошки и канонски последици од Светотаинската природа на Црквата. Црковно заедничарење, соборност и власт

 

Равена, 13 октомври 2007 г.

 Вовед

1. „За да бидат сите едно, како што си Ти Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил“ (Јован 17, 21). Му благодариме на триединиот Бог Кој нè собра нас – членовите на Мешаната меѓународна комисија за Богословски дијалог меѓу Римокатоличката и Православната Црква – за да одговориме заеднички во послушание на оваа молитва на Исус. Свесни сме дека нашиот дијалог се возобновува во свет кој во последно време претпре длабоки промени. Процесите на секуларизација и глобализација, како и предизвикот од новите соочувања на христијаните и иноверните им наложуваат на Христовите следбеници да ја сведочат својата вера, љубов и надеж со нова неодложност. Духот на воскреснатиот Господ нека им даде сила на нашите срца и умови да ги донесат плодовите на единство во односот меѓу нашите Цркви, за да можеме заедно да служиме на единството и мирот на целото човештво како едно семејство. Истиот Дух нека нè води кон целосна пројава на тајната на црковното заедничарење (општење, евхаристиска заедница), на кое со благодарност му оддаваме признание како на прекрасен дар Божји на светот, тајна чија убавина зрачи особено во светоста на светиите, кон што се повикани сите.

            2. После усвоениот план на првата средба во Родос, 1980 година, Мешаната комисија почна да ја разгледува тајната на црковната koinônia (заедница) во светлина на тајната на Света Троица и на Евхаристијата. Ова овозможи подлабоко сфаќање на црковното заедничарење, како на ниво на помесната заедница околу нејзиниот Епископ, така и на ниво на односите меѓу Епископите и меѓу помесните Цркви што тие ги возглавуваат во евхаристиска заедница со Едната Вселенска Црква Божја (Минхенски документ, 1982 година). За да ја појасни природата на заедничарењето, Мешаната комисија го нагласи односот што постои меѓу верата, Таинствата – особено трите Таинства на воведување во христијанството – и единството на Црквата (Документот од Бари, 1987 година). Потоа, со проучување на Таинството свештенство во Светотаинската структура на Црквата, Комисијата јасно ја посочи улогата на апостолското преемство како залог за koinônia-та на севкупната Црква и на нејзиниот континуитет со Апостолите во секое време и на секое место (Валамски документ, 1988 година). Од 1990 до 2000 година, главна тема разгледувана од Комисијата беше онаа за „унијатството“ (Документ од Баламанд, 1993 година; Балтимор, 2000 година), тема на која понатаму ќе се осврнеме во блиска иднина. Сега ќе се зафатиме со темата отворена на крајот од Валамскиот документ, со размислувања во врска со црковното заедничарење, соборност и власт.

            3. Врз основа на овие заеднички сознанија на нашата вера, сега треба да ги извлечеме еклисиолошките и канонските последици што произлегуваат од Светотаинската природа на Црквата. Бидејќи Евхаристијата, во светлина на Светотроичната тајна, е критериум за севкупниот црковен живот, како ја одразуваат видливо тајната на оваа koinônia институционалните структури? Бидејќи едната и света Црква се остварува и во секоја помесна Црква што служи Евхаристија и истовремено во koinônia-та на сите Цркви, како ја одразува оваа Светотаинска структура животот на Црквите?

            4. Единство и разновидност, односот меѓу едната Црква и многуте помесни Цркви, овој конститутивен однос на Црквата, го поставува и прашањето за односот меѓу власта својствена на секоја црковна институција и соборноста што произлегува од тајната на Црквата како заедничарење. Бидејќи термините „власт“ и „соборност“ опфаќаат широк спектар на значење, ќе започнеме со дефиниција на она што ние подразбираме под нив1.

            1 Православните учесници сметаа за неопходно да нагласат дека употребата на термините „Црква“, „вселенска Црква“, „неделива Црква“ и „Тело Христово“ во овој и слични документи издадени од Мешаната комисија воопшто не го засега поимањето што за себе го има Православната Црква како една, света, соборна и апостолска Црква, за која зборува Никејскиот Симбол на верата. Од католичка гледна точка, истата самосвест се применува: едната, света, соборна и апостолска Црква ‘опстојува во Католичката црква’ (Lumen Gentium, 8); ова не го исклучува признавањето дека постојат елементи на вистинската Црква надвор од Католичката заедница.  

 I. Темелите на соборноста и на власта

 1. Соборност

            5. Терминот соборност или синодалност доаѓа од зборот „собор“ (synodos на грчки, concilium на латински), кој првенствено означува собрание на Епископи со одредена одговорност. Меѓутоа, можно е терминот да се сфати и во поширока смисла, така што ќе ги опфаќа сите членови на Црквата (сп. рускиот термин соборност). Според тоа, ние ќе зборуваме првенствено за соборност што означува дека секој член на Телото Христово, преку Крштението, има свое место и соодветна одговорност во евхаристиската заедница – koinônia (communio на латински). Соборноста ја одразува Светотроичната тајна и во неа ја има својата врвна основа. Трите Лица на Света Троица се „означени со број“, како што вели св. Василиј Велики („За Светиот Дух“, 45), без определба како „второ“ или „трето“ лице, што би подразбирало некакво смалување или потчинетост. Слично на ова, и меѓу помесните Цркви постои поредок (taxis), што сепак не подразбира нееднаквост во нивната црковна природа.

            6. Евхаристијата ја одразува Светотроичната koinônia остварена во верните како органско единство на повеќе членови од кои секој има дарба, служење или соодветна свештеничка служба, неопходни во нивната бројност и разновидност за надѕидување на сите во едното црковно Тело на Христос (сп. 1Коринтјани 12, 4-30). Сите се повикани, ангажирани и одговорни – секој на различен но не и помалку вистински начин – во заедничкото остварување на делата кои, преку Светиот Дух, во Црквата ја прават присутна Христовата служба, „патот, вистината и животот“ (Јован 14, 6). На тој начин тајната на спасителната koinônia со Благословената Троица се остварува во човештвото.

            7. Целата заедница и секоја личност во неа ја има „свеста на Црквата“ (ekkesiastikè syneidesis), како што ја нарекува грчкото богословие, sensus fidelium според латинската терминологија. Преку Крштението и Конфирмацијата (Миропомазанието) секој член на Црквата има некој вид власт во Телото Христово. Во оваа смисла, сите верни (не само Епископите) се одговорни за верата исповедана на нивното Крштение. Наше заедничко учење е дека народот Божји, примајќи го „помазанието што доаѓа од Светиот“ (1Јован 2, 20 и 27), во заедничарење со своите пастири, не може да греши по однос на прашања од верата (сп. Јован 16, 13).

            8. Во проповедта на верата на Црквата и во појаснувањето на правилата на христијанско однесување, Епископите имаат посебна задача по Божја определба. „Како наследници на Апостолите, Епископите се одговорни за заедничарење во апостолската вера и за верност кон барањата на живот во согласност со Евангелието“ (Валамски документ, 40).

            9. Соборите се основен начин на кој се остварува заедничарењето меѓу Епископите (сп. Валамски документ, 52). Зашто, „приврзаноста кон апостолското заедничарење ги обединува сите Епископи, поврзувајќи го Épiskopè-от на помесната Црква со Соборот на Апостолите. И тие образуваат собор вкоренет во Духот во „еднаш засекогаш“ на апостолската група, единственото сведоштво на верата. Ова значи не само дека тие би требало да се меѓусебно обединети во верата, милосрдието, мисијата, помирувањето, туку и дека им е заедничка истата одговорност и истото служење на Црквата“ (Минхенски документ, III, 4).

            10. Оваа соборна димензија на животот на Црквата е дел од нејзината длабоко вкоренета природа. Односно, заснована е на Христовата волја за неговиот народ (сп. Матеј 18, 15-20), иако нејзините канонски остварувања нужно се предопределени и од историјата и од социјалниот, политичкиот и културниот контекст. Вака дефинирана, соборната димензија на Црквата може да се види на трите нивоа на црковно заедничарење – локалното (помесно), регионалното и универзалното (вселенско): на локалното ниво на епархијата доверена на Епископ; на регионалното ниво на група помесни Цркви со нивните Епископи кои „го признаваат првиот меѓу себе“ (Апостолско правило 34); и на универзалното ниво, каде што првите (protoi) во различните региони, заедно со сите Епископи, соработуваат во она што ја засега севкупноста на Црквата. И на ова ниво, првите (protoi) мора да го признаат првиот меѓу себе.

            11. Црквата постои во многу и различни места, и ова ја одразува нејзината соборност (католичност - сеопфатност). Како „католична“, таа е жив организам, Телото Христово. Секоја помесна Црква, кога е во заедничарење со другите помесни Цркви, е пројава на едната и неделива Црква Божја. Следувателно, да се биде „католичен“ (соборен), значи да се биде во општење со едната Црква на сите времиња и сите места. Затоа прекинот на евхаристиска заедница значи повреда на една од суштествените карактеристики на Црквата, нејзината соборност.