Гладувањето е храна за молитвата


Ние не се молиме и не постиме само за нашето исцеление и спасение, туку тоа го правиме пред се' за целата Црква и за сите луѓе, а најпосле за нас, се зборовите на сестринството на манастирот „Свети великомаченик Димитрија“ во близина на Скопје, попознат како Марков манастир. Трите монахињи - игуманијата Илијана и сестрите Даниела и Сарита, последниве недели се преокупирани со фрескоживописување на параклисот посветен на свети апостол Марко, чиј дел е веќе завршен благодарение и од донациите на верниците. Сликањето на фреските и изработката на икони се дел од задолженијата на овие сестри по Христа. Но тоа не ги попречува деновиве да се подготвуваат за претстојниот 40-дневен божикен пост.

- Постот и молитвата ни се голем дар од Бога без кој за нас луѓето нема обожавање и спасение. Нив ги осветил и ни ги подарил во Црквата самиот Господ, богочовекот Исус Христос, постејќи во пустината четириесет дена и четириесет ноќи. Телесниот пост е воздржување од некои јадења во деновите и временските периоди што Црквата ги одредила во текот на годината и е неразделно поврзан со духовниот пост. Нема вистински пост без покајание, без смирение, без молитва, без трпение, без љубов и милост кон ближните и без другите свети добродетели во што се состои и нашата подготовка - велат монахињите од Марковиот манастир.

Денешното сестринство во манастирот вели дека животот во манастирот е устроен според општежителниот монашки типик. Тоа значи дека посната трпеза, како и службите, се исти и заеднички за целото сестринство.

- Гладот е храна за молитвата, а вистинската молитва проследена со плач и солзи не' соединува со Бога. За нас, монасите, целиот пост, па и крајот на постот, е проследен со вежбање пред се' во духовниот пост, а тоа е смирението, трпението, љубовта кон ближните и кон се' што не' опкружува. Благодатното чувство на покајание, солзите, плачот за сите луѓе кои се во болка, во тага, во неволја е нашата награда од постот. Тоа е благодатно чувство, преку кое љубовно го прегрнуваш целиот свет - потенцираат во манастирот.Тие велат дека работните обврски што им се доверуваат на сестрите како пред постот така и за време на постењето се извршуваат во целост.

- Постот во никој случај не може да биде пречка за извршување на дневните обврски. Напротив, тој ни дава телесно и духовно здравје и сила. Сите што го практикуваат со благослов од духовниот отец, го знаат тоа и ги вкусуваат плодовите од постот - се зборовите на сестринството.

 (Б.Ѓ.)