III. Демирхисарска летна школа
манастир Св. Јован Претеча, Слепче

На денот на раѓањето на свети Јован Претеча – Иванден, 7.07.2019 година, во организација на манастирот Свети Јован Претеча Слепче, до 14.07. 2019 година, трдиционално ќе се одржи 3та Демирхисарска летна школа – Манастирот Слепче, духовен, културен и уметнички центар, во манастирскиот комплекс свети Јован Претеча во Слепче.
Активностите во рамките на Демирхисарската летна школа ќе се остваруваат во доменот на пет научно – истражувачки секции предводени од реномирани професори и научни истражувачи: архитектура (проф. д-р Елизабета Касапова), археологија ( проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс и м-р Орданче Петров), историја на уметноста (проф. д-р Сашо Цветковски, координатор на школата), теологија ( м-р Виктор Недески) со учество на триесеттина студенти, додипломци и постдипломци.
Значајно е да се нагласи дека во рамките на школата оваа година ќе учествуваат и студенти и професори од Полска и Босна и Херцеговина со што школата добива нова, интернационална атрибуција.
Посебно внимание ќе биде посветено на археологијата и археолошките истражувања во манастирскиот комплекс, со учество на дваесеттина студенти по археологија од Филозофскиот факултет при УКИМ од Скопје и Универзитетот Гоце Делчев од Штип.
Во рамките на школата, свои предавања ќе имаат академик Ѓорги Поп – Атанасов  ”Слепченска книжевна школа – Висарионовски период” ; проф. д-р Сашо Цветковски, “Декоративните мотиви на Слепченската резбарска школа од XVI-XVII век”, ИЦКН “Цветанан Грозданов” при МАНУ; м-р Гоце Ристески, “Химнографијата и химнографските творби во византиската и словенската средновековна традиција”-  Богословски факултет, Софија; м-р Гоце Секуловски, “Црковното пеење во Република Македонија, како инструмент во духовно-просветната мисија на Црквата во минатото и денес. Современи предизвици и прашања во литургиското музичко творештво и дејност во Светиклиментовата диецеза.“ ;
Предавањата на школата ќе бидат од отворен тип.
Оваа година во рамките на школата ќе учествуваат и студенти од Факултетот за Дизајн и технологии на мебел и ентериер, кои ќе остварат непосреден допир  со делата на  Слепченската резба од XVI – XVII век, а мотивите амблематични заоваа резба ќе ги вградат во своите идејни проекти околу ентериерното уредување на сакрални целини.
Секциите по архитектура и историја на уметноста оваа година ќе работат заедно, во евиденција и увид на сакралните споменици во Демирхисарско од XVI – XVII век.
Учесниците на школата ќе имаат можност низ теренските предавања да посетат повеќе археолошки локалитети, средновековни цркви и манастири како и најзначајните места од Илинденскиот период, Смилево, Бабино, Велмевци, Вардино и Крушево.

Извор:

Mанастир Свети Јован Претеча Слепче