Извор

Тргна
Продолжи, не врти се,
Не се навраќај
Подобро не барај.

Еве уште малку
Овие три дена
Па тргни надалеку
Под полна месечина
Ќе те прати Нивната молитва.

За тебе повикавме
Хорови Ангели чувари,
Небесна војска
Да те има под закрила.

За тебе подаривме
Од немаштија жолта дуња,
Среде зима
Златници исковани
Од мисли вечни.

За тебе се молиме
Љубовта да те растопи,
Прегрешенија да опрости,
За нас да покаже
Очистена душа најаве.

Најмилата ја молиме
За тебе да ни дојави,
Радости во векови
Со сите Небесни светии.






До извор стапки
На извор од извори,
Почеток на почетоците
Украс на Химните,
Љубовта каде што се темели.

Луѓе и Ангели,
Преподобни, Светии
Деца и младенци,
Сите они исправија
Поглед на грешници.

Од нивното подадоа
Род човечки спасија,
И како извор што се рачва
Живот во вечност продолжија.

Од богољубивата поезија „Манастирски води“ на сестринството од Слепченскиот Претеченски манастир

Друго: