Поет  тажен

Роса заледена се лизгаше од покривот
Рака се здрвуваше одненадеж
Не издржуваше притисокот врз моливот
Од погледот на поет тажен

Опишани цветови
Во полиња пролетни,
Венеа пред очите
На листовите во ноќите,
Под погледот на поет тажен

Сонцето фрлаше бисери лесни
Како поштар ги пушташе
Од одаите небесни
На раце се сливаа од воздух влажен,
Под погледот на поет тажен

Ликови минуваа
На страници избледнети,
Случки раскажуваа
За усти отворени,
Под погледот на поет тажен.

Нели отсекогаш постоеше
Се прашуваа синоличките,
Пред да се родиме не познаваше
Раскажуваа криновите.

За нас постојано глаголаше
На езерски бран не исцртуваше
Зборуваа галебите,
Нашата видна става ја опишуваше –
Глава веднеа лебедите.



Дали тогаш
Од умор неодминлив
Налегнале клепките,
Или од старосен ветер незапирлив
Се збрчкале очите.

Кажете ми самовили
Кои за времето сте неодминливи
Зошто поглед во земја се закотвил
Зарем човек тага удомил.

Каде се сега миговите
Сопатници во мугрите,
Каде се сега настаните – радосните,
Кои глава галат во вечерите.

А можеби треба да прашаме
За да не нагагаме,
Зошто стана влажен
Погледот на овој поет тажен.

Уста не проговори
Таа не се отвори
Само прсти се размрдаа
Од чкртање под себе
На молив отврднаа.

Прашајте го славејот
Кога повеќе не пее
ќе го добиете одговорот
Зошто тој занеме.


Една сказна тоа е иста
Која книга ја прелиста
Ако нема кој да го слуша
Занемува и таа уста.

Прашајте го утрото
Дали секогаш се додворува на денот,
ќе каже: ако нема кој да го оживее
Непотребно е неговото постоење.

Така, се околу мене
Молив овој оживил,
Ако не се поучиме навреме
Не е важно колкав молив бил,
Безполезно е неговото постоење.

Еве песни мои веќе не се читаат,
Извори од страници не бликаат,
Сонливи очи не отвораат
Страници луге заморуваат.

Како тогаш поглед да подигнам
Очи да избистрам
Да не бидам закоравен,
Да немам поглед тажен.

Повикаа птици од небеса,
Повикаа тревки и цветови,
Повикаа земја и небеса,
Повикаа деца од лулката,
Повикаа ангели и убавини
Кон рака на поет тажен:

                    -  Еве при тебе ќе дојдеме,
Сила заедно ќе собереме
Ќе потпреме, очи ќе ти подигнеме,
Поглед да се устрои угоре.

Мастило ново ќе ти налееме
Во перо од гулаб наточено,
Хартија небо ќе постане
Ќе се израмни твоето чело уморено.
Вис небеса ќе ти симнеме
На тебе сите ние чекавме
Незнаевме дека љубовта
Низ маки породилни се растресува.

Преку рака твоја ќе се расфрла
Рака која ќе стане Негова,
Нас така ќе не приближи
Во вечно памтење на вистини.

Во слава Негова ти пишувај
Себеси од љубов не се лишувај
Благодат од очи Негови
Миро ќе биде кое на нас ќе се точи.

Глас тогаш ќе слушнеш
Небесни труби:
Ех, поету Мој тажен
за мене и ти си важен.

Рашири песни наоколу
Гласник мој постани
Опиши што е горе а што долу,
Долови како живеат пеперутки.


Објасни како душа се калеми
Со чокот кој нема да ја заледи,
Појасни како Ние сме Едно,
Да не биде човечко знаење бедно.

Така песните твои ќе ги читаат
Ангели небесни и светии,
Изворите Мои кои бликаат
Налеваат спасение над родот човечки.

 

 Од богољубивата поезија „Манастирски води“ на сестринството од Слепченскиот Претеченски манастир

 

Друго: