Владината црква ќе биде меѓу два сокака

Црквата ќе биде висока 29 метри, со камбанарија до 50 метри, а меѓу неа и објектите до кои ќе се гради останува мал простор со широчина од неколку метри

Граѓаните уште денеска и утре може да го кажат своето мислење во врска со изградбата на црквата на плоштадот Македонија, на јавната анкета што ја организира Општина Центар за најновите измени и дополнувања на детаљниот урбанистички план за Мал ринг. Новиот план за изгледот на централното градско подрачје е изложен во Урбаната заедница „Боте Ботески“, во Градски трговски центар, во кулата 2 на третиот кат, каде што се одржува и јавната анкета. Заинтересираните граѓани ќе може да ги видат предвидените измени и новите градежни маркички и на анкетни листови да го запишат своето мислење за нив.Новите измени Општина Центар ги прави по налог на Владата, за да се внесе во планот маркичката за големата православна црква што ќе се гради со буџетски пари на просторот меѓу стоковната куќа „Типо“ и ресторанот „Дал мет фу“. Според планот, црквата ќе биде висока 29 метри, колку што е максималната дозволена височина на објектите во овој дел. За нејзината камбанарија е предвидена височина до 50 метри, но таа може да биде и пониска, во зависност од идејното решение што ќе се избере на конкурсот што го распиша Министерството за култура. Од планот се гледа дека меѓу црквата и објектите до кои ќе се гради, останува сосема мал простор со широчина од неколку метри.

Освен црквата, слободниот простор во центарот ќе го освојат уште две нови згради, кои ќе се градат на шеталиштето пред Македонската опера и балет, од двете страни на објектот. Едната зграда ќе се гради пред седиштето на Комерцијална банка, а другата на местото каде што сега се продаваат стари книги. Двете ќе бидат високи по 29 метри, односно ќе имаат приземје и седум ката, а нивната намена ќе биде за државни институции. Новина во планот, кој последен пат беше сменет лани во октомври, е што се вцртани и градежни маркички за четирите скулптури на лавови што ќе бидат поставени на Мостот Гоце Делчев.Инаку, до вчера во Урбаната заедница „Боте Ботевски“ во ГТЦ е пуштен само еден анкетен лист за планот, во која единствена забелешка е маркичката за изградба на црквата.

- Не само што не е коректно да се гради црква со парите од граѓаните, туку на овој простор не треба да има ништо. Треба да се отстранат дивите продавачи, плоштадот да се чисти редовно и да претставува унифициран и модерен простор на кој скопјани ќе може да шетаат, да се собираат, да излагаат и да организираат настани - стои во анкетниот лист на една скопјанка. Оваа жителка на Општината Центар смета дека причина за слабиот одѕив на граѓаните е што тие не се соодветно известени дека тече јавната анкета за измените и дополнувањата на планот за Малиот ринг.

- Променетиот план е на анкета, а ние не знаеме ништо околу тоа. На некој му одговара граѓаните да бидат пасивни и да не го искажуваат своето мислење во врска со изградбата на црквата на плоштадот - вели таа и ги повикува сограѓаните да излезат на јавната анкета и да го кажат своето мислење за планот што го третира најважниот дел од Скопје, строгиот центар.Новите измени и дополнувања на овој нацрт-план ги изработи проектантската фирма „Инпума“.

Анела Петрова