Владината црква не доби благослов

Експертите предупредуваат дека ќе се наруши урбанистичкиот концепт на центарот, а Исламската заедница побара да се обнови џамијата кај Камениот мост

Со изградбата на црквата во центарот на Скопје ќе се наруши урбанистичкиот план и концепт на централното градско подрачје, но и верската рамноправност на граѓаните, сметаат експерти и претставници на верските заедници. Повеќемина архитекти и духовни водачи вчера реагираа со тврдење дека со вметнувањето на верскиот објект, но и на другите објекти околу главниот плоштад, ќе се задуши овој простор.

Архитект м-р Сашо Блажевски, кој пред пет години со своите колеги ја доби првата награда за идејно решение за градскиот плоштад, вели дека не е изводливо токму на предвидената локација меѓу стоковната куќа „Типо“ и ресторанот „Дал мет фу“ да се гради црква, како што решила Владата.

- Не знам колку е изводливо токму таму да се гради црква и тоа со големина приближна на Соборниот храм. Таков објект не е предвиден ниту со најновите измени на детаљниот урбанистички план за Малиот ринг. Како идеја, изградбата на црквата е во ред, бидејќи треба да знаеме да си го зачуваме културното наследство, но сепак треба да се види на кои полиња тоа би било најефективно - смета Блажевски.

За архитект Климент Грозданов, иницијативата за изградбата на црквата на плоштадот не звучи баш премногу добро.

- Сметам дека би било подобро да се најде друга локација, бидејќи плоштадот почнува да добива некаков лик. Доволно е тоа што веќе ги има телекомот, „Лумикс“, зградата на „Електростопанство“ и не би требало повеќе да се гради - потенцира Грозданов.

Никола Велковски, поранешен главен градски архитект, вели дека не е против изградбата на црквата, но додава дека во Генералниот урбанистички план на град Скопје децидно стои дека кога се предвидува измена на детаљниот план со кој е опфатен и плоштадот, потребно е да се слушне мислењето на стручните лица и на граѓаните. Архитектот Јован Стефановски - Жан, автор на решението на Милениумскиот крст на Водно, смета дека идејата е во ред и дека таа треба добро да се осмисли и испроектира.

Од Исламската верска заедница во Македонија вчера побараа и ним да им се овозможи да ја возобноват некогашната Бурмали-џамија, која се наоѓала до Камениот мост. На тоа место наскоро треба да почне обновата на Офицерскиот дом.

- Кога веќе Владата дава средства за изградба на црква во центарот на Скопје, тогаш ИВЗ очекува и таа да добие пари за верски објект. Владите досега одвојувале некои државни пари за градба и поправка на неколку џамии, но тие беа симболични. Ние не сме се откажале од барањето да ни се врати земјиштето кај Камениот мост, на кое во минатото била Бурмали-џамијата, а сега таму се планира да се обнови Офицерскиот дом. Ние треба да добиеме соодветна компензација за тоа место. Впрочем, во централното градско подрачје нема џамија наменета за верските потреби на муслиманите што живеат на тоа подрачје. Вака се прави и верска поделба на градот, при што граница е реката Вардар - изјави поглаварот на ИВЗ, реис-ул-улема Сулејман Реџепи.

Иван Грозданов, главен проповедник на Христијанската баптистичка црква во Македонија смета дека одлуката на Владата да изгради црква во центарот на Скопје претставува грубо кршење на правата на другите верски заедници.

- Очигледно е дека Владата од земјава почна да прави средновековна црковна држава. Тоа е грубо кршење на духот на Уставот и на гарантираната рамноправност на верските заедници. Евангелско-протестантски христијански цркви веќе 50 години не можат да добијат дозвола да изградат свои објекти во градот. Зошто не се земе примерот на Хрватска која им помага на сите верски заедници во земјата - вели тој.

Портпаролот на Владата, Ивица Боцевски, вчера објасни дека изгледот и цената на изградбата на црквата ќе се знае откако ќе се избере најдоброто идејно решение. Тој рече дека Владата е во „постојана комуникација со ИВЗ околу нивните барања“.

- Парите за градбата ќе се обезбедат од Буџетот. Владата и досега издвојуваше државни средства за поправка и санација на верските објекти - нагласи Боцевски.

По изборите во 1998 година, во периодот кога премиер беше Љубчо Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ, беа издвоени значителни буџетски средства за изградбата на Милениумскиот крст на Водно и за црквата „Свети Пантелејмон“ на Плаошник крај Охрид.

Се готви името „Свети Никола“?

МПЦ се' уште не решила како ќе се вика црквата, но, според сознанијата, поголеми биле шансите таа да се нарече „Свети Никола“ отколку „Свети Константин и Елена“, како црквата која се наоѓала на денешната локација на Градскиот трговски центар.

- Конечната одлука ќе се базира на анкетираното мислење на верниците за најпочитуваниот светител во православниот свет - изјави вчера еден член на Светиот синод на МПЦ.

Весникот на албански јазик „Коха“ завчера објави дека верскиот објект ќе ја опфати и локацијата на која некогаш се наоѓала родната куќа на Мајка Тереза. Стојан Тренчевски од граѓанската асоцијација „Мајка Тереза“ изјави дека добил убедувања дека објектот, сепак, нема да се гради на тој простор
 

Посети:{moshits}