Денес, на празникот на свети Наум Охридски Чудотворец, во манастирот на свети Максим Исповедник и Свети Григориј Палама во Стар Дојран, Митрополитот струмички г. Наум отслужи Божествена Литургија. naum.dojran.jpg

 

 

 

Во толкувањето на денешното Евангелие, Владиката рече:
 

Па така и вие, кога исполните се што ви е заповедано, говорете: ние сме слуги непотребни, оти извршивме она што бевме должни да извршиме. (Лука 16, 10)

Очигледно е дека носечка тема на денешново евангелие е смирението на кое Господ Исус Христос сака да не  научи. Следователно сега би требало да зборувам за умот и неговиот пад во гордост, расеаност и затемнетост. Потоа за апсолутното послушание како единствен начин на кој се спречува хранењето на страста на умот – гордоста и како единствен лек за исцеление на нашиот паднат ум. Но, бидејќи, од една страна, за ова многу пати до сега сум зборувал, а од друга страна, на еден друг момент од подвигот на смирение ме потсети денешното евангелие, сакам да го свртам вашето внимание на следново:

Прво што ми падна на ум откако го прочитав евангелието се оние моменти од нашиот духовен живот кога претрпуваме напад со кој демон или човек сака во нас да ја предизвика и разбуди страста на високото мислење за самите себе и да не  наведе на пад, во осудување или во враќање на зло со зло. На пример, на сите ни се случуваат оние помисли после регистрираната информација во нашиот разум за претрпениот напад, во стилот: како можеше тоа да ми го направи?; како можеше тоа да го рече за мене?; кој знае сега што ми мисли и слично... Како да се одбраниме од овие помисли? Ќе се смириме и ќе се осудиме самите себе уште полошо од она што ни го прават, од она што го слушаме дека го зборуваат за нас и од она што претпоставуваме или што демонот ни шепка дека го мислат за нас: Да, таков сум и тоа заслужувам, и уште полошо од тоа што сега ми го прават!

 После ваквото самоосудување треба да се молиме за нашите непријатели. Молитвата ја кажуваме сѐ до моментот додека не се врати мирот што претходно сме го имале и во себе и со непријателот. Најдобро би било да останеме во молитвата додека не ни потечат солзите на покајанието во кое ќе видиме дека единствено ние сме виновни за се... Секој што ја бара вината за било што и во било кој случај надвор од себе го напушта патот на нашите Отци, го напушта патот што води кон срцето, го напушта тесниот пат кон Царството Небесно и кон Царот Небесен... А друг пат, не ни постои!

Но, да се вратиме поконкретно на денешново евангелие. Мислам дека на сите ни е јасно: Господ сака да не  сочува од гордоста, од високото мислење за самите себе дури и ако исполниме сѐ што ни е заповедано. Господ Христос ни го покажува патот на смирението. Сепак, Господовиот совет во него се однесува само на оние што евентуално би го исполниле сето она што им е заповедано. Како да се смириме ние што не го исполнуваме тоа што ни е заповедано? И ако непотребни слуги се оние што исполниле, какви ли сме ние што не сме исполниле? Знаеме што Господарот му одговори на слугата кој не го употреби добиениот од Него талант за да Му послужи соодветно: Лукави и мрзливи слуго! Ти знаеш дека жнеам, каде што не сум сеел, и собирам, каде што не сум веел; затоа требаше моето сребро да го дадеш на трговците, па јас кога дојдам, ќе си го приберам своето со добивка (Матеј 25, 26-27). Одговорот е: лукав и мрзелив слуга! Изгледа дека од ’лукав и мрзелив слуга’ има многу пат за да се стигне до ‘непотребен‘...

Прашање е, дали воопшто и можеме да го исполниме тоа што ни е заповедано дури и ако се потрудиме да го исполниме? Ова прашање посебно се однесува за сите оние кои се носители на некои од чиновите од степените на свештенството. Бидејќи сите ние што по Божјо допуштение, а не по Божја волја, го носиме свештеничкиот чин што го носиме, заради несоодветно внатрешно духовно покритие, и да сакаме нема да можеме да го исполниме она што Господ го очекува од нас. На пример, една сила има словото на просветлениот, друга на оној што морално и интелектуално се изградува, а сосема друга на оној што воопшто не работи на себе. Да не зборувам воопшто за чудотворното слово на обожениот. Господи, прости и биди милостив кон мене грешниот...


 

Посети:{moshits}