И го пофали господарот несправедливиот настојник, оти постапил досетливо; зашто синовите на овој свет во својот род се подосетливи од синовите на светлината.

И Јас ви велам: ‘створете си пријатели со неправедно (со туѓо) богатство, та кога осиромашите да ве примат во вечните живеалишта’. (Лука 16, 8-9)

Се што имаме е дар од Бог. Ова не се однесува само на благодатта на свештенството, ниту само на благодатта што секој православен христијанин ја добива во Црквата туку се однесува и на благодатните дарови на постоењето, на животот и на словесноста што секој човек ги има. Со сите овие дарови, за кои ништо не сме придонеле да ги имаме, треба да се ставиме во служба на времено и вечно спасение на нашиот ближен.

Затоа и прашањата на коишто ќе треба да одговориме на Страшниот суд не се однесуваат толку за верата и Црквата на која припаѓаме колку на конкретните лични дела: дали кога Господ Христос беше гладен Му дадовме да јаде; дали кога Господ беше жеден Му дадовме да пие; дали кога Господ беше странец Го примивме; дали кога Господ беше необлечен Го облековме; дали кога Господ беше болен Го посетивме; дали кога Господ беше во затвор дојдовме при Него... Ако случајно некој праша, кога сето тоа Господи? Одговорот барем на нас христијаните ни е многу јасен: вистина ви велам, доколку сте го направиле тоа на еден од тие Мои најмали браќа, на Мене сте Ми го направиле (Мат. 25, 40).

Ете, тоа е начинот на кој се створаат пријатели со туѓо богатство та кога ќе умреме да бидеме примени во вечните живеалишта. Но, ваквиот материјален и конкретен начин важи само за синовите од овој свет, односно важи за сите оние што не го ослободиле доволно своето срце од страстите и што го немаат дарот на молитвата во срцето, односно што се наоѓаат на првиот степен од духовниот разој. За оние што се на вториот степен од духовниот развој, на степенот од просветленост на умот, важи друго правило. Таквите, секое добро за своите ближни го измолуваат од Господ и го добиваат, во своето срце. Во нивните срца Синот Човечки има каде глава да подслони (Лука 9, 58).

svilija.hram.jpg

Толкувањето на претходното зачало од истата глава на Евангелието нека биде само како вовед во толкувањето на денешното...

Верниот, во малку и во многу е верен, а несправедливиот, и во малку и во многу е несправедлив... (Лука 16, 10)

За ова, овој пат би рекол вака: борецот, и во малку и во многу е борец, а млакиот, и во малку и во многу е млак; храбриот и одлучниот, и во малку и во многу е храбар и одлучен, а плашливиот и колебливиот, и во малку и во многу е плашлив и колеблив; богољубивиот и послушниот, и во малку и во многу е богољубив и послушен, а самољубивиот и непослушниот, и во малку и во многу е самољубив и непослушен; постојаниот, и во малку и во многу е постојан, а непостојаниот, и во малку и во многу е непостојан. Зборувам за генералната насока на движење, а не за осцилациите. Зборувам за внатрешниот став во срцето, а не за надворешните манифестации. Ви зборувам за војната во која веќе сме победници, а не за загубените битки.

Па така, ако во неправедното богатство (дар со кој се проверува нашата верност) не бевте верни, кој ќе ви го довери вистинското? (Лука 16, 11)

Ако  првата светлина на очистената енергија на умот што Бог ни ја дарува за согледување на сопствените гревови и на сопствената валканост ние ја користиме за согледување на туѓите гревови и за судење и осудување на ближните, тогаш сами си го затвораме патот за вистинската светлина што Бог ни ја дарува да ја видиме со преобразените телесни очи, откако ќе ја очистиме и суштината на умот во срцето.

Ако дарот на умносрдечната молитва не го преточиме во повеќечасовен молитвен дневен подвиг, Кој ќе ни ја довери вистинската, односно непрестајната умносрдечна молитва?

Ако со својата просветленост не го активираме и не опстоиме во подвигот на аскетската љубов кон непријателите, Кој ќе ни ја довери вистинската, односно благодатната љубов кон непријателите? Дар, без кој се доведува во прашање каква било друга меѓучовечка „љубов“.

И ако во туѓото не бевте верни, кој ќе ви го даде вашето? (Лука 16, 12)

И ако не го искористите времето што ви е дадено за духовно растење во моментите кога благодатта се крие од вас, односно ако не постапувате во време кога благодатта е сокриена од вас исто како и кога е присутна, Кој ќе ви ја даде вашата, односно онаа што постојано и нескриено би пребивала со вас?

Ниеден слуга не може да служи двајца господари; зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака, или на едниот ќе угоди, а другиот ќе го презре. Не можете да служите на Бога и на Мамона. (Лука 16, 13)

Ако овој заклучок важи дури и во рамките на служењето на еден ист Господар: оној кој не е во брак се грижи за она што е Господово; како да Му угоди на Господа, а женетиот се грижи за земното: како да ѝ угоди на жената (1 Кор. 7, 32), тогаш колку ли повеќе важи истиот кога некои веќе се одлучиле дека ќе Му служат на Бог или дека ќе му служат на ѓаволот? Со таа разлика што, додека ние Му служиме на Бог, демонот постојано насилно се наметнува и сѐ прави да станеме негови слуги, а на оние што на демонот му служат, Бог постојано и ненаметливо ги води со Својата промисла кон спасение и смирено го чека одговорот на Својата долготрпелива и бескрајна љубов.

Сето тоа го слушаа фарисеите кои беа среброљупци, и Му се потсмеваа. (Лука 16, 14)

Среброљубието во суштина е телољубие, земјољубие и на крај - црвољубие. Како што вели свети Јован Лествичник: Затоа што се  што е создадено ненаситно тежнее кон сродното на себе: крвта кон крв, црвот кон црв, земјата кон земја. Зошто тогаш и телото не би копнеело по тело? Оваа состојба бара Господ да ја надминеме кога вели: роденото од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е (Јован 3, 6); и вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди одозгора, тој не може да го види Божјото Царство (Јован 3, 3). Затоа, повторно според Лествичник: сепак, ние што ја совладуваме природата и копнееме по Небесното Царство се обидуваме (во текот на подвигот на духовното растење) да го измамиме тој измамник (телото, но и демонот) со разни лукавства. Пресвета Богородице, спаси нe!

 

Митрополит Струмички г. Наум

(според записот на сестрите)

Посети:{moshits}