Митрополит Струмички г. Наум

Пренасочувањето, односно злоупотребата на човековите сили или добродетели дадени за остварување на заедницата со Бога и за обожение, светите Отци го нарекуваат ‘страсти’.

Главна, општа и сеопфатна човечка страст е самољубието наместо љубовта кон Бога и кон човекот, која е главна, општа и сеопфатна човечка добродетел. Од самољубието извираат трите главни видови на страсти: славољубие, среброљубие и сластољубие. Уште светиот апостол Јован Богослов, возљубениот ученик Христов, точно ги забележува и ги опишува овие три категории на страсти: Немојте да го сакате светот ниту што и да е во него... Зашто, сè што е во светот: похотта на телото (сластољубието), желбата на очите (среброљубието) и гордоста на животот (славољубието), не доаѓа од Отецот туку од Светот (1. Јов. 2, 15-16).

Постојат и други подгрупи и варијанти на трите главни видови на страсти како што и постојат и повеќе видови добродетели. Карактеристично за сите нив е тоа што се тесно поврзани меѓу себе, па дури се наоѓаат и во еден однос на реципрочна врска и каузалитет, така што на крајот добиваме еден непрекинат синџир и органска врска меѓу самите страсти од една страна, исто како и меѓу самите добродетели од друга. Овој факт е познат во православниот благодатен опит и живот и затоа целиот подвиг за ослободување од страстите и за стекнување на добродетелите се сфаќа и се живее како органски, тесно поврзан. Во овој подвиг треба да се случува континуирано и постепено ослободување од страстите, како и постојано и постепено стекнување на добродетелите. Ваквиот начин, пак, произлегува и оттаму што без разлика дали се работи за чинење на зло или се работи за чинење на добро, во употреба се истите органи или инструменти или сили или способности на човековото битие. Тие сили се: човековиот ум како словесен орган или дел или сила на душата, и волјата и желбата како бесловесни сили на душата. И чинењето на страстите и чинењето на добродетелите е во власта на слободната одлука на човековиот ум односно разум, кој може во соодветна насока да ги придвижи и желбата и волјата.

И да се заокружи кажаното, ова преобразување (на страстите во добродетели), како една од целите на подвигот но и на духовен живот воопшто, не повлекува со себе здобивање со ‘натприродни’ или подобро речено надворешни добродетели, туку повторно исцеление, а потоа и благодатно восовршување на оние добродетели кои Бог ги всадил внатре во нас уште од времето на создавањето.

 

02. 12. 2007 г.

 Помошната црква посветена на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици под соборниот храм на светите Методиј и Кирил во Струмица

 

 

Посети: {moshits}