Денес, на денот на светиот архангел Михаил, Божествена Литургија отслужи Митрополитот струмички г. Наум во манастирот на свети Максим Исповедник и свети Григориј Палама во Стар Дојран.

 

Во беседата на денешното Евангелие, Владиката рече:

          „Интересно е што токму ова евангелско четиво, кое се однесува најповеќе на послушанието и на љубовниот однос кон Бога до самозаборав, Светата Божја Црква го определила како најсоодветно за денешниот ден кога го чествуваме светиот Архангел Михаил. Со други зборови, мислам дека Црквата сака да ни каже дека послушанието и љубовната посветеност кон Бога го прават ангелот – ангел, а дека непослушанието и самољубието и од ангелот можат да направат демон, како што за жал многу пати до сега и сме виделе...

Како што ви спомнав на минатиот монашки собир: борбата против апсолутната гордост, против духовите на злото од поднебесјето, се одвива со апсолутно смирение, односно со апсолутно послушание. Господ Христос со личен пример ни го покажа и го востанови подвигот на апсолутното послушание: Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст (Фил. 2, 8). Секако, апсолутното послушание не Му беше потребно Нему, туку ни е потребно нам.

Во денешното Евангелие Господ ни ја објаснува светотаинската хиерархиска структура на подвигот на послушанието во Црквата: Кој ве слуша вас (значи Апостолите или денес Епископите), Мене Ме слуша; и кој се откажува од вас, од Мене се откажува; а кој се откажува од Мене, се откажува од Оној што Ме пратил.

Но, оваа голема, основна и суштинска тајна на нашиот христијански подвиг не можат сите да ја откријат и познаат: Во тој момент се возрадува Исус во духот и рече: Те прославувам Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од премудрите и разумните, а си го открил на простите. Така е, Оче, зашто таква била волјата Твоја. Кога говори за премудри и разумни, Богочовекот Христос мисли на оние кои го отфрлаат подвигот на послушание и смирение и се потпираат само на својот разум и мудрост. А кога говори за простите, мисли на оние кои едноставно како деца Божји заради исцеление на својот ум, срце и душа, иако разумни и мудри, стануваат неразумни и немудри и до моментот на отркивањето на местото на своето срце пребиваат во подвигот на апсолутно послушание исполнувајќи ги во пракса, со едноставна вера и доверба во Бога, Христовите зборови: кој ве слуша вас, Мене Ме слуша. Само конкретното и апсолутно послушание во пракса е подвиг на вистинска аскетска љубов во пракса, без која, пак, не може да се достигне благодатната... 

Се вратија пак седумдесетте (од подвигот на послушание и) со радост велеа: Господи, во Твое име и бесовите ни се покоруваат. А Он им рече: го видов сотоната кога падна од небото како молња. Еве ви давам власт да настапувате на змии и шкорпии, и на секаква демонска сила; и ништо нема да ви навреди; Но не радувајте се на тоа дека духовите ви се покоруваат; а радувајте се, што имињата ваши се напишани на небесата. Со други зборови Христос им вели: не радувајте се на Моите дарови туку радувајте се на Мене, радувајте се на заедницата со Мене и радувајте се што Мојот Небесен Отец ве направи чеда Свои по благодат, а Мои браќа (и сестри). Зашто и сите дарови на овој свет да ги имате, Мене ако Ме немате, ништо немате и ништо не сте. Еве колку впечатливо ја живее оваа тајна светиот апостол Павле: Да имам пророчки дар и и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, - ако љубов немам, ништо не сум (1 Кор. 13, 2).

Заради таа едноставна вера и доверба во Бога и послушание обични и непознати луѓе станаа Апостоли, станаа маченици, станаа преподобни, станаа јуродиви, станаа учители на Црквата и станаа деца Божји. Заради таа едноставна вера и доверба во Бога и послушание и обичниот и непознат ангел Михаил стана Архангел, прв ангел до Бога. Некогаш, во кризниот момент на општо отпаѓање на ангелите излажани од дотогаш најсветлиот и најблискиот ангел до Бога а сега гордиот и мрачен архидемон, тој обичен но послушен ангел застана на средината од Небото и рече: да застанеме смирено да стоиме со страв! - повикувајќи ги на тој начин останатите ангели да останат со љубов и послушание во воспоставениот ред и поредок од Бога, Својот Создател.

Заради неговото застапништво, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ги нашите непријатели, потоа целиот монашки род кој примерот на Михаил го следи и сите Твои луѓе. Амин.“  - Mi

 


 

„Кога сатаната, Луцифер, отпадна од Бога и ги повлече со себе во пропаст дел од ангелите, тогаш Михаил стана и воскликна пред неотпаднатите ангели: да внимаваме! Да застанеме добро, да стоиме со страв! И сите небески војски и ангели громогласно запеаја: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот, преполни се небото и земјата со Твојата слава!“

 

„Каде што осенува твојата благодат, Архангеле, оттаму се изгонува демонската сила, бидејќи паднатиот Деница не ја трпи светлината твоја. Затоа те молиме неговите огнени стрели устремени на нас изгаси ги со твоето застапништво, избавувајќи нè од неговите соблазни, достоен за пофалба Михаиле Архистратегу.“ (стихира од утрената на свети архангел Михаил)

P.S. Оваа беседа му ја посветуваме на нашиот Тодор Проески за неговиот четириесетдневен помен.

 

Посети:{moshits}