Митрополит Американско- канадски г. Методиј

 

Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин!

metodij.svpelagija.jpgВозљубени браќа и сестри, нашиот Господ и Спасител ни посведочи за идниот век со зборовите “Рајот и пеколот се внатре во нас” и токму заради тоа кажувајќи ја оваа парабола на Своите ученици Тој зборуваше всушност за тоа на кој начин ние самите го подготвуваме во нас нашето Вечно пребивалиште, нашиот рај или нашиот пекол. И тој не се состои во некои спектакуларни  нешта, се состои во многу едноставни работи, во тоа колку навистина внимаваме на тоа што се случува внатре во нас и на тоа што се случува околу нас. Дали кога ќе правиме некакви едноставни работи, ги правиме со внимание, со страв Божји, служејќи Му на живиот Бог. Дали кога ние се осенуваме со крсниот знамен тоа го правиме внимателно , тоа го правиме со потполна восредоточеност. Кога се молиме дали навистина умот ни е целиот во Името на  Живиот Бог. Дали кога некому нешто му подаваме, некаква помош , тоа го правиме со внимание , дали тоа го правиме навистина давајќи Му го тоа на Нашиот Бог. Ако со  такво внимание живееме и ако со  такво внимание се однесуваме најпрвин со себеси а исто така и со другите, тогаш го подготвуваме во себе нашето блаженство заради постојаната заедница со Бога која почнува токму во тие  едноставни нешта . На самиот крај од оваа парабола Нашиот Господ и Спасител им зборува на луѓето зборувајќи Му всушност преку устата на Авраама на самиот богаташ. Тој вели: “Ако Мојсеј и пророците не ги слушаат тогаш некој да воскресне од мртвите тие нема да поверуваат”.
Тој тоа Го зборуваше не само за Своето воскресение , Тој  Го зборуваше воопшто за  нашиот однос кон тоа чудесно присуство на Бога во секој аспект на нашиот живот. Зошто навистина чудесно е дури да се помисли за Бог, а камоли да се присуствува или да се види едно чудо. Чудесно е заради тоа што присуството и мислата за Бога  ни ја отвара Вечноста , ни го отвара Царството Божјо. Тогаш сето она што видливо е толку едноставно е толку релативно и минливо, наеднаш станува апсолутно, наеднаш станува вечно и непроменливо. Со такво внимание постојано во вечното и блаженото и непроменливото да внимаваме на сето она што ни се случува во животот  и преку тоа внимание да Го прегрнеме Бога. Амин!