Епископ Иларион Алфеев

 

monah.pana.jpgВозљубен брате во Господа!
Денес во твојот живот се случи настан кон кој Господ те водел уште од твоето детство и кој ти го посакуваше многу години: ти го прими монашкиот потстриг, се облече во облека на плач и на покајание. Денес, ти се откажа од светот и од сето она што е во светот, според Божјата заповед. Ти го прими монаштвото доброволно, а „не од некаква нужда или присилување“; самиот ти ми ги даде во моите раце ножиците, со кои те потстригов. Денес се изврши твојот потстриг, и отсега твојот живот веќе не ти припаѓа тебе: тој Му припаѓа на Бога и на Неговата Света Црква. Примањето на монаштвото беше чин на твојата волја, но отсега твојата волја треба да се повлече пред волјата Божја и волјата на црковното свештеноначалство, кон кое пристапуваш во целосно послушание.
 Што значи да си монах, и по што еден монах се разликува од обичен христијанин? Одговорот на тоа ни го дава Светото Евангелие. Во него се раскажува за тоа како некој богат човек дошол кај Христос и Го прашал што треба да прави за да има вечен живот. Господ му одговорил: „Пази ги заповедите... Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно, почитувај го татка си и мајка си; сакај ги ближните свои како себеси!“ А човекот Му одговорил: „Сето тоа сум го запазил од младини; што ми е уште потребно?“ А Господ му одговорил: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси; и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!“ И човекот, како што раскажува Евангелието, си отиде нажален, оти имал голем имот (Матеј 19:16-22). 
Патот на христијанската добродетел се сведува на зборовите „Пази ги заповедите“. А патот на монашкиот живот почнува со зборовите „Ако сакаш да бидеш совршен“. Секој христијанин е повикан да ги пази заповедите, но само монахот е оној кој е обврзан да се стреми кон достигнување на христијанското совршенство. Секој христијанин  е повикан да живее според Евангелието, но само монахот евангелскиот идеал го воплотува во животот на најрадикален начин, стремејќи се во сè да го имитира Христос. Секој христијанин со крштавањето дава завет на верност спрема Бога, но само монахот Му ветува на Бога дека ќе го следи патот на целомудрие, послушание и целосно откажување од материјалните нешта. Секој христијанин е повикан да се кае, но само за монахот плачот мора да стане постојан и секојдневен подвиг. 

Примајќи го монаштвото, ти ја преземаш врз себе одговорноста не само пред самиот себеси, туку и пред оние луѓе на кои ќе им бидеш за пример и кои ќе се обидуваат во тебе да најдат потпора и поддршка. Преподобниот Исак Сириски велел: „Монахот со својата појава и со своето однесување треба да биде пример за секој оној што го гледа, така што – поради мноштвото негови добродетели коишто светат како светлосни зраци – и непријателите на вистината, гледајќи го, дури и без своја волја, да признаат дека кај христијаните постои цврста и непоколеблива надеж во спасение... Зашто, монашкиот живот е пофалба на Христовата Црква.“ И навистина, блажен е оној монах кој на луѓето им ги претставува красотата и величието на животот во Христа; и тешко на оној монах чиј образ на живеење претставува соблазан за верните.

Сакам особено да ти го свртам вниманието кон неопходноста од послушание. Тоа е подвиг кој современиот човек тешко го разбира и го прифаќа, но во него се содржи сета суштина на монашкото дејствување. „Послушанието е основа на монаштвото“ – пишува големиот современ подвижник, архимандритот Софрониј Сахаров. „Послушанието е тајна која се открива само преку Светиот Дух ... Монаштвото, пред сè, е чистота на умот. Без послушание, не е можно да се достигне таа чистота, и затоа без послушание нема монаштво. Надвор од монаштвото е можно да се добијат големи Божји дарови, сè до маченичко совршенство, но чистотата на умот е особен дар на монаштвото, непознат на другите патишта, и монахот може да ја препознае таа состојба исклучиво преку подвигот на послушанието.“  

Нека во текот на целиот твој монашки живот те зацврстува постојаната молитва. Пред сè, моли Му се на Господ Исус Христос, „со името Исусово удирај ги непријателите“, имајќи на ум дека во тоа свето име се содржи голема сила: во него е присутен Самиот Бог со сета полнота на Своето совршенство. Напуштањето на молитвата и на црковните служби е смрт за душата, и нема ништо попогубно за монахот од запоставувањето на молитвената практика. Дури и ако срцето твое се спротиставува на молитвата, дури и ако телото е истоштено, сепак не оставај ја молитвата, зашто во неа е твоето спасение.

Возљубен брате! Ти пред мене си ја исповедал желбата да одиш по патот кој од острастеност води он бестрасност, од тление кон нетление, од темнина кон светлина, од ропство кон посинување Божјо, од земјата на изгонетите во ветената земја. Нека монашкиот живот стане за тебе тој пат, и нека Самиот Господ, Неговата Пречиста Мајка, сите светители кои од века му угодуваат на Бога, бидат твои помошници, застапници, покровители и наставници на тој тежок, но навистина благословен пат. Амин. 
 
Посети: {moshits}
Подготви: д-р Драган Михајловиќ