Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Амин!

Возљубени браќа и сестри, празникот на Христовото преображение е библиски настан којшто е уште едно откровение на живиот Бог во три лица. Зошто Синот се преобрази и заблеска со нетварната светлина на Својата слава, се појави Светиот Дух во вид на светол облак , Којшто го засени врвот на Тавор, се чу и гласот на Бог Отец, Којшто посведочи повторно дека навистина Исус е Христос, Син Божји, Кого треба да Го послушаме. На тој начин на апостолите им се даде голема тајна , зошто на  крајот Господ им рече сето тоа да го сочуваат и да го запамтат и никому ништо да не зборуваат се до Неговото воскресение. Зошто целиот Негов живот и целиот Негов пат на земјата освен што беше откровение на науката на Словото, науката на Синот Божји, подеднакво е и откровение на Троица. На тој начин живеејќи меѓу луѓето Бог покажа дека е Еден по суштина и три по Личности по Ипостаси.


Самото пак преображение беше уште еден чекор поблизу до спознанието на Божјата слава. Зошто Оној Когошто Го гледаа како човек , како оди со нив, како поучува со нив, како страда со нив, се покажа пред нив во славата на Своето Божество. На тој начин овие тројца апостоли, а од нив и сите други, па и сите ние се уверивме дека навистина Бог беше вистински и како Човек и како Бог живеејќи на земјата. На тој начин покажувајќи дека и секој човек, целата човечка природа, ќе се преобрази во истата таа слава и ќе биде по благодат вечно славна со Својот Бог, Којшто е постојано славен. На гората на преображението се појавија и Мојсеј и Илија. Нивното присуство ја покажува целовитоста на библиското предание. Стариот и Новиот завет се отвараат пред нас, и ни го покажуваат целиот вистински Бог, Бог Отец, Бог Син и Бог Свети Дух. На тој начин на човештвото му се јавува сî. Она што беше немоќно за човечкиот разум, стана возможно заради милоста Божја да му се открие на човекот. Она што од Стариот завет можеше да го убие човекот , заради непристапноста на Бога, сега му се нуди на човекот во целата негова димензија, зошто и самиот Бог од љубов кон човекот , стана Човек. На тој начин Бог се преобрази за да ни Го покаже нашето преображение. Бог ни посведочи за Себе, сведочејќи за нашата слава. Светите пророци пак посведочија за Него, зошто за Него сведочи целата историја. Амин.

Посети: {moshits}